Регион
Истанбул: Избегнат вооружен судир меѓу полицајци при апсење ректор
Во турската метропола Истанбул во четвртокот за малку е избегнат вооружени судир меѓу полицајци, поради приведувањето на ректорот на Истанбулскиот трговски универзитет, кога личното обезбедување на ректорот Назим Екрен го вперило оружјето во колегите кои дошле да го спроведат во притвор, пренесува агенцијата Dogan.
Откако полициското обезбедување на истанбулскиот ректор влегло во конфронтација со своите колеги, биле повикани припадници на специјалните сили на турското министерство за внатрешни работи. Во извештајот се додава дека биле истрелани два куршума во воздух, што предизвикало паника во зградата на универзитетот, но оти нема настрадани.
Екрен и двајца од неговите чувари им се предале на специјалците и се наоѓаат во притвор. Ректорот е приведен во рамките на истрагите за вмешаност во организацијата на неуспешниот воен преврат од ноќта на 15-ти јули.
По неуспешниот пуч, турските власти почнаа со масовни суспендирања и притворање во земјата кои го опфатија и образовниот систем. Привремено се отстранети од работните места речиси четири илјади наставнички кадар во училиштата и универзитетите, приведен се десетици декани и ректори на некои од познатите турски универзитети.
Во средата беше објавено дека турската влада го започнала процес за повлекување на лиценците на 21.000 наставници во приватните училишта. Државната агенција Anadolu јави дека властите сметаат оти тие наставници се поврзани со исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен кој од 1999 година живее во егзил во САД, кого го обвинуваат за организација на неуспешниот воен удар минатата седмица.
Турската влада најави претходно оти 15.200 наставници и професори и 1.577 декани од факултетите во државните институции ќе бидат отпуштени и дека повеќе илјади државни службеници веќе се отпуштени под обвинение дека имале врска со Ѓулен и пучистите. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.