Регион
Јилдирим ја доби довербата на парламентот за премиер на Турција
Новиот турски премиер Бинали Јилдирим и неговата влада ја добија во неделата довербата од парламентот кој ја поддржа владината програма, објави спикерот на парламентот Исмаил Кахраман.
За доверба на новиот владин кабинет на Турција гласале 315 пратеници, додека 138 пратеници биле против, додаде Кахраман.
Бинали Јилдирим, близок соработник на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, и еден од коосновачите на владејачката Партија на правдата и развојот (AKP), беше прогласен за претседател на партија на конгресот пред една седмица со што според парискиот статут станува и премиер.
Именувањето на Јилдирим за премиер и челник на партијата се смета како голем исчекор на Ердоган во неговата амбиција да воведе претседателски систем во Турција. Јилдирим на должностите го замени Ахмет Давутоглу, кој се повлече по една седмица откако избувнаа тензиите меѓу него и Ердоган токму во врска со уставните измени.
Јилдирим потекнува од скромно семејство во источниот град Ерзинкан, а со Ердоган тесно соработува од 1994 година кога актуелниот претседател ја извршуваше должноста градоначалник на Истанбул. Од 2002 година непрекинато е на функцијата министер за сообраќај.
Досега управуваше со грандиозни инфраструктурни проекти кои беа жестоко критикувани и од опозицијата и од екологистите. Станува збор за изградбата на третиот меѓународен аеродром во Истанбул поради кој се уништени големи шумски површини и покрај масовните протести, а полемика избувна и поради градењето на третиот мост преку Босфор наречен по султанот Селим Први кој XVI век масакрирал 40.000 алевите (шиити), припадници на либерално муслиманско конфесионално малцинство.
Новиот проект кој допрва треба да се изведе е каналот меѓу Црното и Мраморното Море, кој треба да го растовари густиот поморски сообраќај преку Босфор.
Јилдирим, по струка инженер на бродоградежништво, на Босфор ги извршувал своите први работни задачи од 1994 до 2000 година, водејќи ја силната компанија IDO која управува со ткн морски автобуси во Истанбул.
Откако во 2001 година Ердоган ја основа партијата АКР, Јилдирим замина со него и стана градски советник во управата на Истанбул, а потоа беше именуван за министер.
Со неговото име се поврзуваат и контроверзии, бидејќи во 2004 година, кога опозицијата ја бараше неговата смена поради излетувањето на воз од шини во северозападниот дел при што загинаа 40 патници, одби да поднесе оставка.
Една од работите кои му ги забележуваат е и изјавата дека не секал да студира на угледниот Универзитет Босфор во Истанбул, бидејќи видел „дека таму момчињата и девојките седат заедно и разговараат во кампусот“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Нафталин предизвикал пожар во банка во Бугарија, гореле пари
Околу 15.340 евра се запалиле и изгореле во касата на филијала на централната банка во Горна Орјаховица, Бугарија, јауваат локалните медиуми. 86.918 евра, кои исто така биле во трезорот, ги преживеале пламените јазици.
Инцидентот се случил доцна во вторник попладне. Еден постар маж решил да внесе заштеда од околу 2.045 евра на својата сметка за да можат неговите пари автоматски да се конвертираат во евра по Нова Година.
Се покажало дека човекот ги чувал парите во гардеробер, каде што имало и облека третирана со нафталински топчиња.. Кога банкнотите биле внесени, тие имале кристали од репелентот, кој е многу токсичен и лесно запалив кога е изложен на топлина.
Банкнотите поминале низ машината за броење и најверојатно нафталинот се кренал во воздух и влегол во клима уредот. Оттаму, искра влетала во касата, но не ја забележале вработените во банката и парите во трезорот почнале да горат. Се појавил и чад, а откако касата била отворена и во неа влегол кислород, пожарот се разгорел.
Изгорела околу 1/6 од вкупната сума во касата, која изнесувала речиси 102.264 евра. Нема повредени вработени. Пламенот бил изгаснат од пожарникари, а парите се осигурани. Износот на човекот кој ги депонирал 2.045 евра и нафталинот бил префрлен на неговата сметка – во евра.
Регион
Судот во Нови Сад ја прекина постапката против Горан Весиќ и уште двајца обвинети за падот на настрешницата
Вонстепениот совет на Вишиот суд во Нови Сад ја прекина кривичната постапка против поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ, неговата поранешна помошничка Анита Димоски и поранешната директорка на Железничката инфраструктура на Србија, Јелена Танасковиќ, во случајот со падот на настрешницата на железничката станица.
Тие беа обвинети за тешко кривично дело предизвикување општа опасност.
Во своето образложение, судот наведе дека нема доволно докази за да се поткрепи основано сомнение дека обвинетите ги сториле кривичните дела за кои се сметаат за одговорни.
Со одлуката на судот им е укината мерката за домашен притвор на Танасковиќ, Спремиќ, Гавриловиќ и Тодоровиќ. Со наредба на Врховниот суд на Србија во Белград, Анита Димоски и Горан Весиќ остануваат во домашен притвор.
Паралелно, судот во Нови Сад ги потврди обвиненијата против седум други обвинети во случајот со трагедијата на железничката станица.
На 1 ноември минатата година, 16 лица загинаа, а едно лице беше тешко повредено при падот на бетонската настрешница на неодамна реновираната зграда на станицата. Инцидентот предизвика масовни протести во Србија , предводени главно од студенти, кои бараа оставка на владата и закажување предвремени парламентарни избори.
Агенцијата Франс Прес прецизира дека одлуката на судот во Нови Сад не е конечна, а обвинителството веќе ја објави својата намера да поднесе жалба.
Регион
Милановиќ: Го пречекуваме Божиќ во сенка на сè поголема неизвесност
Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, во својата божиќна честитка до граѓаните, рече дека Божиќ оваа година доаѓа во време на глобална неизвесност, закани од насилство и војни и неизвесна иднина, нагласувајќи дека е особено загрижен за поделбите и растечката недоверба во хрватското општество.
Во пораката упатена до своите сограѓани, Милановиќ нагласи дека, како претседател и граѓанин, би сакал да посака мирни и радосни празници, но дека околностите во кои се пречекува Божиќ не го дозволуваат тоа.
„Ќе го пречекаме и прославиме Божиќ пред нас во сенка на сè поголема неизвесност, сè поголеми закани од насилство и војни и неизвесна иднина“, рече претседателот, додавајќи дека во таква глобална средина во Хрватска гледа и чувствува поделби, меѓусебни обвинувања и растечка недоверба.
Тој нагласи дека негова прва и главна обврска како претседател е да стори сè што е можно за безбедноста и стабилноста на хрватското општество и државата, за да можат сите граѓани, без оглед на националноста, религијата или политичката припадност, да живеат мирно, да работат, да одгледуваат семејства и да планираат за иднината.
Зборувајќи за идентитетот на Хрватска, тој нагласи дека земјата е силна поради нејзината разновидност, не само природна, туку и разновидноста на обичаите, традициите и културата на животот кои, како што изјави, се трајно вткаени во нацијата и ја прават поотпорна на закани.
Тој, исто така, потсети на историските искуства, нагласувајќи дека Хрватска била најсилна кога била обединета, без непотребни поделби и меѓусебна недоверба, и рече дека не смее да се дозволи поделбите во мир да ја загрозат постигнатата стабилност и безбедност.
Милановиќ предупреди и на промените во глобалниот поредок, во кој, како што рече, моќта и бруталната сила сè повеќе стануваат правило, а од помалите држави се очекува послушност што се граничи со покорност. Во такви околности, нагласи тој, хрватскиот народ мора да се грижи за сопствените интереси и за иднината на своите деца, останувајќи добронамерен и праведен кон другите.
Изрази надеж дека разумот и мирот ќе преовладаат во светот, а хармонијата и меѓусебното разбирање меѓу хрватскиот народ ги наведе како своја најголема божиќна желба.

