Регион
Луксузен „мерцедес“ за највисокиот верски авторитет во Турција
Кон Мехмет Гормез, нависокиот верски авторитет во Турција, во саботата беше упатена лавина жестоки критики поради одлуката за службено возило, купено со пари на даночните обврзници, да го одбере луксузниот модел „Mercedes S 500“ по цена од 350 илјади евра, пишува дневниот весник Hurriyet.
Дијанетот, управата за верски прашање којашто е финансирана со пари од даночните обврзници, го купила покрај „Mercedes S 500“ уште 14 возила од марката „тојота“ за своите службеници коишто досега се возеа во поскромните „рено симбол“, варијанта „рено клио“.
Изборот на Гормез ги разгневи Турците кои на социјалните мрежи истакнуваат дека екстраваганцијата е спротивна на исламските начела.
„Да ја повикаме жешката линија на фетва (според исламскиот закон обврзувачко мислење на исламските теолози) и да прашаме дали е харам (забрането) според исламот да се купи луксузно возило за претседателот на Дијанетот, со парите на луѓето“, напиша славниот поранешен турски фудбалер Хакан Шукур. Други обични и познати личности на социјалните мрежи и во медиумите побараа оставка на Гормез.
Управата за верски прашања не го демантираше купувањето, меѓутоа тврди дека цената е помала од наведената во медиумите и дека сите возила биле купени со одобрување на министерството за финансии, како и дека се’ е транспарентно.
Инаку Мехмет Гормез беше единствен од верските челници коишто не го примија челникот на Римокатоличката црква папата Франциск за време на неговата посета на Турција во ноември. Како познат противник на секаков луксуз, папата тогаш се возеше во автомобил „рено симбол“
Секуларна Турција, во којашто речиси деценија и половина на власт конзервативната исламистичка Партија на правдата и развојот (АКР), бурно реагираше и неодамна кога се изненади од трошењето на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, кој првпат во чест на посетата на Папата ја претстави за јавноста новата претседателска палата во Анкара со повеќе од илјада соби. Таа раскошна палата чинела 500 милиони евра./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Крвава ноќ во Калуѓерица, маж по расправија со девојка се прободел со кујнски нож
Д.Г. (40) се повредил со нож во пределот на стомакот по расправија со девојка. Инцидентот се случил во белградската населба Калуѓерица, по што повредениот бил пренесен во Ургентниот центар.
По жестока расправија со девојка, во белградската населба Калуѓерица се случил инцидент кога Д.Г. (40) си забодел кујнски нож во стомакот. Повредениот маж веднаш бил пренесен со возило на брза помош во Ургентниот центар, каде што добил итна медицинска помош.
Инцидентот се случил пред две ноќи, а припадници на полицијата веднаш излегле на местото на настанот и ги испрашале момчето и девојчето кои биле присутни во куќата во моментот на инцидентот кога мажот се самоизбодел.
Девојката потврдила за полицијата дека имале жестока расправија, по што Д.Г. го зел сечилото и го забодел во стомакот. Откако лекарите во Ургентниот центар ја санирале раната, Д.Г. бил пуштен на домашно лекување. Случајот е окарактеризиран како несреќен настан по семеен разговор, а понатамошната истрага ќе ги утврди сите релевантни факти.
Регион
Бугарскиот уставен суд ја прифати оставката на Радев, Јотова ја презема функцијата
Уставниот суд ја прифати оставката на бугарскиот претседател Румен Радев, јавуваат бугарските медиуми.
Според одлуката на судиите, овластувањата на Румен Радев како претседател престануваат предвреме со потврдувањето на неговата оставка од страна на Уставниот суд . Одлуката стапува во сила денес, 23 јануари.
Уставниот суд го разгледа барањето на Радев без да мора да го сослуша или да побара дополнителни докази, бидејќи испитувањето беше ограничено на утврдување на лична изјава за волја – прашање кое, според судот, нема сложени правни пречки.
На расправата учествуваа 12 уставни судии, а за уставниот случај извести судијката Павлина Панова.
Оставката ја поднесе Радев по обраќањето до бугарскиот народ на 19 јануари, во кое објави дека се повлекува од функцијата со цел активно да учествува на претстојните предвремени парламентарни избори и евентуално да учествува во политички проект или партија.
„Инвестор.бг“ потсетува дека одлуката на Уставниот суд е историска – ова е прв случај во поновата историја на Бугарија во кој актуелен претседател поднесува оставка пред истекот на мандатот, а судот го разрешува од функцијата.
Потпретседателката Илијана Јотова автоматски ја презема функцијата нов шеф на државата до крајот на нејзиниот мандат на 21 јануари 2027 година. Таа ќе ги извршува функциите на претседател, вклучително и назначување на привремена влада и подготовка за следниот изборен процес.
Фото: ЕПА
Регион
Дедото уапсен под сомнение за обљуба над малолетната внука во Белград
Полицијата на територијата на Белград го уапси Г. М. (57) бидејќи постоеле основи на сомнение дека сторил кривично дело обљуба над дете.
Жртвата е неговата четиринаесетгодишна внука, која ја дала изјавата во присуство на нејзината мајка, според медиумите во соседството.
Осомничениот е задржан од полицијата до 48 часа, во кој период ќе биде приведен на сослушување.
Според написите, се сомнева дека дедото наводно го сторил ова тешко кривично дело врз својата внука во неколку наврати.
Случајот го презеде Вишото јавно обвинителство во Белград, кое ќе спроведе понатамошна истрага. Бидејќи жртвата е малолетно лице, истражните органи ќе ги преземат сите мерки за заштита на интегритетот на детето, а изјавата ќе биде земена во присуство на експерти и психолози.
Кривичниот законик на Србија предвидува исклучително строги санкции за злоупотреба на деца. За најтешките форми на ова кривично дело, особено кога има роднинско сродство или злоупотреба на положбата, се заканува затворска казна од најмалку 10 години или доживотен затвор.
Сите надлежни служби, вклучително и Центарот за социјална работа, се вклучени во обезбедување поддршка и заштита на жртвата од самиот момент на пријава, според медиумите.

