Регион
Московици: ЕК нема да стави вето на грчките мерки за помош на најсиромашните
Европската комисја (ЕК) целосно ја поддржува идејата да им се помогне на најсиромашните луѓе во Грција и не наметнува „никакво вето” врз мерките коишто владата на грчкиот премиер Алексис Ципрас ги подготвува, изјави во средата еврокомесарот за финансиските прашања, Пјер Московици, пренесува AFP.
На овој начин Московици одговори на медиумските пишувања дека Брисел нема да и дозволи на Грција да го изгласа предлог законот за помош на најсиромашните Грци кои се погодени од кризата.
Московици, исто така, нагласи дека Европската унија (ЕУ) не е подготвена да ја задржи Грција во еврозоната „по секоја цена“, но истовремено потенцираше дека грчкиот излез од еврозоната би и’ предизвикал голема штета на монетарната унија.
„Нема да ја задржиме Грција во еврозоната по секоја цена, туку според строги услови кои се прифатливи за двете страни“, рече Московици, додавајќи дека потенцијалниот трет пакет на помош ќе мора да биде поинаков од претходните два./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјоделците и денес ги блокираа патиштата во Грција, протестите се шират во земјатата
Протестите на незадоволните грчки земјоделци поради доцнењето на исплатата на субвенциите од Европската Унија денес се проширија во областа на Солун, каде што колони од трактори стигнаа до наплатната рампа Малгара и го блокираа сообраќајот на националниот автопат кон Атина. Припадници на полицијата првично го затворија пристапот до автопатот кај кружницата Малгара и не дозволија тракторите да поминат, но подоцна конвојот, во придружба на полицијата, стигна до наплатната рампа и постави блокада, јавува грчкиот канал ЕРТ.
Околу 11.20 часот правецот кон Атина беше затворен, а кратко потоа двата правци од националниот пат беа затворени.
Во исто време, има голема мобилизација меѓу земјоделците од источен Солун, кои најавија дека ќе им се придружат на своите колеги од Халкидик на заедничка блокада в среда.
Во меѓувреме, земјоделците во целата земја ги блокираа клучните национални патишта во знак на протест поради, како што велат, високите трошоци за производство, ниските цени за купување и доцнењата во владините плаќања, објави „Јуроњуз“.
На автопатот Атина – Солун, во областа Лариса, блокадата целосно го запре сообраќајот во текот на денот, а полицијата ги пренасочуваше возилата кон алтернативни патишта.
Земјоделските здруженија најавија дека, доколку не добијат одговор на нивните барања, протестите ќе бидат проширени.
Во неделата, за време на првиот ден од протестите на грчките земјоделци во централните и во северните делови на земјата поради доцнењето во исплатата на субвенциите од Европската Унија, тројца земјоделци беа уапсени во судирите со полицијата, а четири лица беа повредени – двајца земјоделци и двајца полицајци, објавија грчките медиуми.
Стотици земјоделци излегоа на улиците вчера блокирајќи ги патиштата со своите трактори во неколку области во знак на протест против конзервативната влада поради проценетиот недостиг од 600 милиони евра помош од ЕУ и други исплати, пренесува „Танјуг“.
Доцнењето на исплатите доаѓа во време на истраги за скандал во кој некои земјоделци наводно фалсификувале сопственост на земјиште и добиток за да добијат земјоделски субвенции од ЕУ. Блокадите беа дополнително засилени по апсењето неколку лица минатата недела како дел од истрагата за милионска измама со земјоделски субвенции исплатени од грчката ОПЕКЕПЕ, надлежното тело за распределба на средствата од ЕУ.
Канцеларијата на европскиот обвинител (ЕППО) објави дека прелиминарната истрага утврдила оти 324 лица примиле вкупно 19,6 милиони евра нелегални субвенции.
Фото: ЕПА
Регион
Откажан концертот на Аца Лукас на Јахорина; Додик: Тој го повреди српскиот народ
Концертот на српскиот пејач Аца Лукас што требаше да се одржи на 12 декември во Олимпискиот центар во Јахорина беше откажан. Причината за откажувањето е фотографијата на која пејачот е во друштво на поранешниот воен командант на Армијата на РБиХ, Насер Ориќ.
„Фотографијата предизвика загриженост и возбуда кај јавноста во Република Српска. Јавноста ќе биде навремено информирана за новиот изведувач кој ќе настапи наместо најавениот, додека сите други програми во рамките на Скијачкото отворање ќе бидат реализирани според планот“, се вели во соопштението на Олимпискиот центар.
]Фотографијата објавена од самиот Ориќ предизвика бурни реакции. Тоа го вознемири претседателот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) и до неодамна претседателот на Република Српска, Милорад Додик.
„Аца Лукас длабоко нè повреди сите нас во Република Српска со поврзувањето со Насер Ориќ. Злосторствата што Насер Ориќ и неговите војници ги извршија против српскиот народ во областа на Сребреница и Братунац беа монструозни, и затоа Лукас, фотографирајќи се со него, длабоко ги повреди потомците на жртвите и српскиот народ.
По овој чин, Аца Лукас го изгуби кредибилитетот за каков било иден настап во Република Српска, особено на отворањето на зимската сезона во Јахорина“, напиша Додик на X.
Насер Ориќ е бошњачки воен командант кој ја предводеше одбраната на енклавата Сребреница за време на војната во Босна и Херцеговина. За Бошњаците, тој е симбол на одбраната на Сребреница од српските сили до нејзиниот пад во јули 1995 година.
Во исто време, многу Срби го сметаат за одговорен за злосторства против српските цивили во околните села во текот на 1992 и 1993 година.
Тој беше обвинет за воени злосторства против Србите од страна на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг, но беше ослободен во 2008 година. Судот заклучи дека, иако злосторствата биле извршени, не е докажано дека Ориќ лично ги наредил или можел да ги спречи.
Подоцна беше уапсен во Швајцарија по српска потерница, но исто така беше ослободен од сите обвиненија по судењето во Босна и Херцеговина.
Ориќ го бранеше Лукас во интервју за Аваз вчера. „Гледам дека сега прават предавник од човек. Јадицата и мотиката беа кренати, а јас му се приближив и го замолив за фотографија. Верувам дека тој дури и не знаеше кој сум. Тоа е толку апсурдно, и на крајот на краиштата, јас не сум воен злосторник, туку почесен војник на Армијата на Република Босна и Херцеговина кој беше ослободен од сите обвиненија во Хаг“, забележа тој.
Тој истакна дека немало лоша намера и дека фотографијата е направена на забава во куќата на заеднички пријател.
„Го сакам Аца, ја почитувам неговата работа и неговите песни, едноставно сакам да го слушам човекот како пее и тоа е сè. Гледам дека и Додик се огласи и бара на Аца да му се забрани да учествува на концертот. И Додик знае дека и јас бев добар за него и му се јавив кога му требав. Тој многу добро знае за што зборувам“, тврди Ориќ.
Лукас се огласи преку Инстаграм по веста за откажувањето на концертот.

„Никогаш не побарав поддршка од Милорад Додик! Тој го направи тоа неколку пати, и ја доби! Жал ми е што Миле денес е само претседател на една партија. Не ги делам луѓето по националност, религија или боја на кожа, а најмалку од сè, не ги прашувам моите обожаватели кои доаѓаат да се сликаат со мене за нивните лични карти да ги знаат нивните имиња.
Никогаш не учествував во ужасите на војната! Никогаш не учествував во поделбата на луѓето и земјите затоа што ги сакам сите луѓе на светот! И во секој агол од планетата каде што пеев, бев достоен претставник на мојот народ и на сите други народи на Балканот“, рече Лукас.
фото/инстаграм
Регион
Денешниот датум 29 ноември на овие простори беше голем празник, се славеше СФРЈ
Денешниот датум 29 ноември на овие простори беше голем празник познат како Денот на Републиката. Овој празник се славеше во Социјалистичка Фередативна Република Југославија,… „Од Вардара па доТриглава„
Денот на Републиката беше еден од петте национални празници во социјалистичка Југославија и се славеше во спомен на Второто заседание на АВНОЈ на 29 ноември 1943 година, кога АВНОЈ беше конституирана како законодавен и извршен претставнички орган на Југославија. По завршувањето на Втората светска војна, од 1945 година, тој датум се слави низ целата тогашна Југославија како Ден на Републиката.
Во главните градови на републиките на СФРЈ беа организирани свечени академии, а се одржуваа и бројни спортски и културни настани.
АВНОЈ и Македонија
АВНОЈ во новоконституираната државна заедница ги вброил како рамноправни конститутивни елементи македонскиот народ и македонската држава. Македонскиот јазик бил прогласен за рамноправен со српско-хрватскиот и словенечкиот на целата територија на Југославија. Со сето тоа, правно и политички биле санкционирани стремежите на македонскиот народ за самостоен национален живот во сопствена национална држава. Токму заради усогласеноста на решенијата на АВНОЈ со целите на антифашистичката и националноослободителна борба и со македонските национални интереси, тие решенија, децидно, биле потврдени од Првото заседание на АСНОМ.
Злонамерните антимакедонски толкувања дека поради неприсуството на македонски претставници АВНОЈ нема легитимитет за Македонија, било во минатото, а и денес, фактички е дел од вокабуларот на антимакедонските пропаганди што го негираат македонскиот национален индивидуалитет и го проблематизираат самостојниот македонски државноправен развој. Фактички, решенијата на АВНОЈ за Македонија биле антиципирани и одобрени преку Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ од октомври 1943 г.
СРЈ ја укина СФРЈ
На познатото Второ заседание на АВНОЈ присуствуваа 142 делегати, а претседаваше предвоениот претседател на Собранието на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, доктор Иван Рибар.
АВНОЈ тогаш беше конституиран како законодавно и извршно претставничко тело на Југославија, додека Националниот комитет за ослободување на Југославија (НКОЈ) беше конституиран како највисок извршен и орган на народната власт, кој ги имаше сите карактеристики на народна револуционерна власт.
Сите одлуки и обврски на претходната власт беа поништени и таа заедно со Петар II Караѓорѓевиќ беше протерана од државата.
Во тоа време, словенечките и хрватските делегати во Јајце настапуваа како претставници на одделни држави, а Словенија имаше посебни барања во однос на границите и јазикот.
Како посебна одлука на АВНОЈ, на Јосип Броз Тито му е доделена титулата „Маршал на Југославија“, врз основа на предлогот на словенечката делегација.
Југославија е име што означува три различни но последователни политички ентитети што постоеја во поголемиот дел од 20. век на Балканскиот Полуостров, а во чии рамки спаѓаа јужнословенските земји меѓу кои и Македонија.
По завршувањето на војната – од 1945 година, тој датум се прославуваше како Ден на Републиката и беше еден од најголемите државни празници во поранешна СФРЈ, кој свечено се прославуваше низ целата земја.
На овој ден се пееја пофални песни за Тито, се одржуваа приредби во културните домови, а учениците од прва класа станаа пионери. Последната генерација пионери е родена во 1982 година. За многумина, пак, првата асоцијација за овој празник е рано станување и одење во кланица за свињи. Поради општата еуфорија што го придружуваше овој ден, го прославија и оние кои не беа големи љубители на Тито и социјализмот.
По распаѓањето на СФРЈ, Денот на Републиката престана да се слави во речиси сите поранешни републики, а од крајот на деведесеттите се славеше само во Србија, до нејзиното официјално укинување, на 14 ноември 2002 година, со одлука на Сојузното собрание на Сојузна Република Југославија

