Регион
Новата партија Народно единство ќе добие мандат да ја формира новата грчка влада
Грчкиот претседател Прокопис Павлопуло ќе го даде мандатот за формирање нова влада на партијата Народно единство којашто во петокот ја формираа 25 одметнати пратеници на владејачката коалиција на радикалната левица Сириза, пишува весникот Kathimerini.
Челникот на новата крајно левичарска партија, Панајотис Лафазанис, еден од тврдите бунтовници од Сириза, кон средината на јули беше сменет од функцијата министер енергетика, кога заедно со уште 30 пратеници гласаше против предлог-законот за реформите, изјави во понеделникот дека ќе ги искористи ефикасно сите три дена коишто според уставот му стојат на располагање, за да се обиде да формира влада со други парти во парламентот.
Меѓутоа, Лафазанис признава дека постојат доволно сериозни разлики со другите партии во врска со најгорливиот проблем, односно поради гласањето за третиот пакет меѓународна финансиска помош за земјата постигнат со меѓународните доверители, а ко подразбира дополнителни мерки за штедење и реформи.
„Не постојат никакви можности за соработка“, пишува весникот цитирајќи го Лафазанис.
Пратеничката група на новата партија Народно единство што ја води Лафазанис стана третата по бројност во грчкиот парламент, зад левичарската Сириза и конзервативната Нова демократија. Според него, не постојат никакви шанси во овој момент да се добие поддршка до 151 пратеник во грчкиот парламент кој има 300 мандати, за да може да биде формирана коалициона влада.
Претходно, челникот на најголемата опозициска партија од десниот центар Нова демократија, Вангелос Меимаракис, не успеа да го искористи тридневниот рок за договор со евентуалните коалициски партнери.
Според грчкиот устав, трите најголеми партии добиваат по три дена секоја да се обидат да состават нова коалициска влада, доколку владата поднесе оставка во рамките на помалку од 12 месеци. Дури откако евентуално тие разговори не дадат резултат, а речиси сигурно е дека во случајов тоа ќе се случи, претседателот Прокопис Павлопулос именува вршител на должноста премиер и распишува избори.
Меѓутоа, според Kathimerini, претседателот може да ѝ предложи формирање влада и на неонацистичката партија Златна зора, чиишто челници се под истраги и за која во судот се води процес во кој може да биде прогласена за злосторничка организација одговорна за убиства, насилства и ширење омраза.
Премиерот Алексис Цирпас во четвртокот ја поднесе оставката на неговиот кабинет што отвори простор за одржување предвремени избори, со амбиција да ја зацврсти својата власт, само седум месеци по доаѓањето на власт со предвремените избори од 25-ти јануари. Неговите желби, како и на дел од домашната јавност и на меѓународната заедница, изборите да се одржат што поскоро на 20-ти септември, за да нема застој во исполнувањето на договорот за новата програма за финансиска помош на Грција во износ од 86 милијарди евра./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Непалските работници во Хрватска штрајкуваат поради ниски плати и лоши услови
Неколку часа траеше прекинот на работата во складиштето за овошје на логистичко-дистрибутивниот центар на „Плодине“ кај Кукуљаново, откако непалските работници изразија незадоволство од условите, јави „Индекс“
Синдикатот NSRH информира дека странските работници, најмногу од Непал, реагирале на ниските плати, прекувремената работа и условите. Во објектот работат околу 100 странци и околу 70 домашни работници.
Синдикатот предупреди и на случајот со седуммина непалски работници кои по зачленување во синдикат биле изложени на притисоци и закани со губење на работен и престојувачки статус.
Штрајкот е прекинат откако им било ветено дека во понеделник ќе имаат средба со лице од повисоко раководно ниво.
Регион
Европската комисија повторно бара истрага за можната употреба на звучен топ на протестите во Белград
Европската комисија уште еднаш ги повика српските власти да спроведат брза, транспарентна и веродостојна истрага за наводната употреба на звучен топ за време на антивладиниот протест во Белград на 15 март 2025 година, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Повикот доаѓа откако европските медиуми повторно го покренаа прашањето, а Политико објави дека српските разузнавачки служби, во соработка со руската ФСБ, тестирале звучни уреди на кучиња во обид да утврдат дали е користено звучно оружје врз демонстрантите.
Во извештајот што српскиот претседател Александар Вучиќ го презентирал, се тврди дека уредите не предизвикале реакции кај животните, па оттука било заклучено дека звучен топ не бил користен на протестот. Руската страна не коментираше за извештајот, пренесе РСЕ.
Во изјавата на Европската комисија се нагласува дека „односите со Русија не можат да продолжат како и досега, особено кога се работи за безбедносни прашања“, и се потсетува дека властите имаат обврска да ги заштитат демонстрантите од повреди и насилство.
Српските власти подоцна признаа дека полицијата поседува звучни уреди, но тврдат дека „никогаш не биле употребени“.
Демонстрантите сведочеле за силни и необични звуци, вибрации и здравствени тегоби по протестот – како вртоглавици, несвестица, покачен притисок и нарушувања на слухот.
Настанот го истражува и Европскиот суд за човекови права.
Фото: ЕПА
Регион
Научник од Ровињ: Сите примероци од Јадранското Море што ги обработив имаа микропластика
Бројот на микропластични честички во Јадранското Море драматично се зголемува, понекогаш надминувајќи половина милион на квадратен километар. Научниците велат дека опасните хемикалии можат да влезат и во синџирот на исхрана преку него, објавува Dnevnik.hr.
Просечната концентрација на микропластика во Јадранското Море е околу 250.000 честички на км². Според мерењата на водите во Ровињ, бројот понекогаш достигнува 600.000.
„Досега, сите примероци што ги обработив имаа микропластика. Нема примерок што го обработив досега, а кој немал микропластика“, рече Виктор Стинга Перуско од Центарот за морски истражувања на IRB во Ровињ.
„Бројот постојано расте бидејќи имаме нов влез, додека се произведува пластика, можеме да бидеме сигурни дека оваа пластика ќе заврши во морето во одреден момент“, додаде тој.
Голем дел од влакната што се невидливи за окото доаѓаат и од домаќинствата. И со секое перење на машината за перење, додаваме уште малку. Влегува во организмите на рибите, а потоа и во нашите тела преку храната.
Влијанието врз здравјето, велат научниците, сè уште не е доволно истражено.
фото/Depositphotos

