Регион
Орбан: Странски сили работат на „увоз на имигранти“
Одредени меѓународни сили силно работат на тоа во Европската унија да доведат што е можно повеќе имигранти, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан, пренесе националната новинска агенција MTI.
Во парламентот на Унгарија, со ова премиерот Виктор Орабан во понеделникот одговори на прашањето на пратеник од националистичката партија Јобик за унгарско-американскиот милијардер Џорџ Сорос (Шорош), кого Орбан и претходно го обвинуваше дека ја поттикнува миграцијата од исламските земји во Европа.
Пратеникот на Јобик, Мартон Ѓонѓоши, спомена дека во 1980-те години Сорос ги финансирал стипендиите на речиси сите основачи на партијата Фидеш од којашто потекнува Орбан.
„Не ли сметате дека е лицемерно, опортунистички и нечесно да се свртите против поранешниот покровител?“, го запраша пратеникот унгарскиот премиер.
Орбан на тоа одговори дека демократската опозиција во комунистичкиот период примала донации од различни извори и оти тоа никогаш не било тајна.
„Одлично беше што Џорџ Сорос ги мобилизираше своите сили против комунизмот, помогна за неговиот пад и повлекувањето на советската војска“, изјави Орбан додавајќи дека тоа нема никаква поврзаност со сегашната мигрантска криза.
„Постојат одредени меѓународни сили кои работат на тоа да доведат во Унгарија и во другите земји од Европската унија што е можно повеќе мигранти. Без оглед на неговите заслуги од минатото, тоа што го прави денес е против унгарските национални интереси“, додаде Орбан./крај/мф/сн
Извор: MTI/Hina
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Дванаесет државјани на БиХ осомничени за воени злосторства во Украина
Дванаесет државјани на Босна и Херцеговина се осомничени за воени злосторства извршени на територијата на Украина, пишува „Детектор“. Киев веќе година и пол чека од институциите на БиХ да достават клучни информации за овие лица, но досега не е добиен никаков одговор.
Од канцеларијата на украинскиот државен обвинител потврдуваат дека станува збор за лица за кои постојат основани сомнежи дека учествувале во воени злосторства како припадници на приватни воени компании. Во февруари 2024 година Украина доставила барање за меѓународна правна помош, барајќи податоци за нивниот престој во БиХ, како и нивно испитување и документација. БиХ одговорила дека лицата не се пронајдени на пријавените адреси, а претходната постапка сè уште трае.
Според „Европол“, овие 12 лица се дел од поголема група од 654 осомничени припадници на руските паравоени формации „Вагнер“ и „Редут“, под истрага за најтешки воени злосторства – сексуално насилство, погубувања на заробеници и цивили, како и употреба на забрането оружје. Во акциите во Украина и Молдавија биле запленети оружје, муниција, униформи и електронска опрема, а 11 украински државјани биле уапсени поради велепредавство.
Тужителството на БиХ соопшти дека „Европол“ не ги информирал за акцијата, но дека ќе воспостават контакт со европските партнери за да добијат дополнителни информации. Учеството во странски воени или паравоени формации во БиХ е кривично дело со минимална казна од три години затвор.
Регион
(Видео) Автомобил удри во група луѓе во Белград, има повредени
Тешка сообраќајна несреќа се случи денес во Бањица кога автомобил се судри со група луѓе.
Екипата за итни случаи е на местото на настанот, пренесуваат тамошните медиуми.
Sieh dir diesen Beitrag auf Instagram an
Според очевидци, две лица биле заробени под возилото.
„Неколку лица се повредени. Според неофицијални информации, возачот починал зад воланот“, се вели на инстаграм-профилот на 192.rs.
Регион
Албанија го отвора последниот кластер во преговорите со ЕУ
В понеделник Албанија ќе го отвори последниот, шести кластер, во преговорите со ЕУ.
На седмиот состанок на конференцијата за пристапување на Албанија во ЕУ ќе биде отворен кластерот 5, кој се однесува на ресурсите, земјоделството и кохезијата.
Тој кластер се состои од поглавјата – 11 (земјоделство и рурален развој), 12 (безбедност на храната, ветеринарна и фитосанитарна политика), 13 (рибарство и аквакултура), 22 (регионална политика и координација на структурни инструменти) и 33 (финансиски и буџетски одредби), објави Брисел.
Албанија, која доби статус на кандидат за членство во 2014 година, го отвори првиот кластер во преговорите (основни) со ЕУ во октомври минатата година, што значи дека ги отвори сите кластери за речиси една година.
Албанскиот премиер Еди Рама го опиша отворањето на последниот кластер во преговорите како рекордно достигнување.
Тој исто така рече дека ништо нема да го спречи патот на Албанија кон членство во ЕУ во 2030 година и дека целта на владата е да го заврши процесот на преговори до 2027 година, објави albaniandailynews.com.
Амбициите на Тирана се поткрепени од фактот дека италијанската премиерка Џорџа Мелони ги поддржа плановите на Албанија за пристапување кон ЕУ вчера на прес-конференцијата по првиот самит Италија – Албанија во Рим.
Мелони објави дека ќе се стреми политичките преговори со Албанија за пристапување кон Унијата да почнат во првите шест месеци од 2028 година кога Италија ќе претседава со ЕУ, објави „Политико“.
Фото: принтскрин

