Регион
Папата во Тирана ги осуди екстремните верски движења
Поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциск кој во неделата престојуваше во еднодневна посета на албанската престолнина Тирана, во својот говор ги осуди фундаменталистичките верски движења поради употребата на Бог како „штит“.
„Никој да не помислува дека може да се служи со Господ како штит додека планира и врши дела на насилства и презир. Никому религијата да не му биде изговор за делата против човечкото достоинство и основните права“, изјави папата Франциск пред албанските политички и верски челници.Папата во Тирана беше примен од социјалистичкиот премиер Еди Рама на аеродромот „Мајка Тереза“ кај Ринаси, кој по вероисповед е католик, а стотици илјади луѓе го дочекаа на булеварот и плоштадот Мајка Тереза каде што ја служеше литургијата. Во отворениот теренец, по должината на централниот тирански булевар украсен со фотографии на католичките маченици во периодот на комунизмот, Папата сопре неколкупати за да се ракува со верниците земајќи деца во прегратките. „Албанија многу пропати. Успеа да ги помири своите верски разлики. Тоа е добар знак за светот“, изјавил папата Франциск во текот на летот за новинарите кои го следеа неговото патување. На средбата со албанскиот претседател Бујар Нишани, Папаа срдечно ја поздравил „земјата на орлите“, „земјата на херои кои го жртвуваа својот живот за независноста на нацијата и земјата на маченици кои сведочеа за верата пред прогоните“.Папата ги пофали албанските политички и верски водачи поради „атмосферата на заемно почитување и доверба меѓу католиците, православните и муслиманите што е драгоцено важно за земјата и има посебно значење во нашата епоха“.Оцени дека „екстремистичките групи ја предаваат“ автентичната смисла на религијата, „ги деформираат и инструментализираат разликите меѓу вероисповедите“ и ги претвораат во „опасен фактор на судири и насилства“. Папата Франциск апелот го упати до сите религии, но јасно е дека алудираше во прв ред на џихадистичката организација Исламска држава. „Албанија да продолќи на тој пат и да биде пример на многу земји“, порача.Безбедносните мерки во Тирана беа извонредно високи, поради пресретнати закани на џихадистите. Албанската престолнина за време на посетата на Папата ангажираше 2.500 полицајци и снајперисти, а полицијата постави 29 контролни пунктови. Сите присутни на литургијата биле темелно претресени.Посетата на папата Франциск заврши со посетата на центар за социјална грижа 20 километри од Тирана, каде се сретна со штитениците на домот сирачиња и хендикепирани лица.Иако Ватикан никогаш не ја објави вистинската повод и цел на посетата на Папата на Албанија, во нејзината најава беше наведено дека со неа сака да ѝ одаде почест на Црквата во оваа земја по страшната марксистичка диктатура, на која ѝ претходеше речиси петвековната доминација на исламот и Турците. Франциск, инаку, е вториот папа кој ќе ја посети Албанија. Сега светиот Јован Павле Втори ја посети оваа земја во 1993 година, во раните денови на проблематичната посткомунистичка транзиција.„Тоа е единствената земја меѓу поранешните комунистички којашто атеизмот го вгради во својот устав. Уништени биле 1.820 цркви, и православни и католички“, изјави Папата.Албанскиот комунистички диктатор Енвер Хоџа ја во 1967 година прогласи Албанија за „прва атеистичка земја во светот“. Од 1945 до 198 година седум бискупи, 111 свештеници, десет семинарци и осум монахињи умреле во притвор или биле погубени.Според податоците кои беа објавувани во неделата во албанските медиуми, Албанија е мнозински муслиманска земја – 56 отсто, католиците и има 15 проценти, додека православните ги има 11 отсто. Наглото зголемување на католичките верници се припишува на култот на блажената Мајка Тереза, Гонџа Бојаџиу, Албанка која е родена во Скопје./крај/мф/мн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.