Регион
Протесна нота на Србија поради „ароганцијата“ на Хашкиот трибунал
Српскиот министер за правосудство Никола Селаковиќ го обвини во средата Судскиот совет на Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства сторени на просторите на поранешна Југославија во Хаг за „арогантно однесување“ кон српскиот претставник Саша Обрадовиќ на рочиштето по повод барањето да бидат уапсени тројца членови на Српската радикална партија (СРС) на Воислав Шешељ и најави протесна нота од Белград.
На прес-конференција, српскиот министер за правосудство Никола Селаковиќ изјави дека Хашкиот трибунал кон претставникот на Србија се однесувал арогантно, и истакна дека тоа претставува „уште еден голем срам за Хашкиот суд“ и најави дека официјален Белград ќе ја продолжи соработката со судот „согласно државните интереси“.
Протесната нота ќе следи како одговор на однесувањето на Судскиот совет на Хашкиот трибунал кон претставникот на Србија на рочиштето по повод барањата да бидат уапсени тројца соработници на Воислав Шешељ, обвинети за непочитување на судот. „Трибуналот кон претставникот на Србија се однесуваше арогантно и дрско, и тоа е уште еден голем срам за Хашкиот трибунал“, истакна Селаковиќ.
Истовремено на новинарите им ја презентираше одлуката на владата од 8-ми октомври 2015 година, со којашто од Хашкиот трибунал е побарано пореди лошата здравствена состојба неодамна починатиот осуденик, генералот Здравко Толимир привремено да биде пуштен на слобода, но на тоа барање на Белград од Хаг воопшто не реагирале.
„Не се слушна гласот на Србија и човекот умре. Владата на Србија инсистира нејзиниот глас да се слушне“, истакна Селаковиќ, пренесе Радио-телевизија Србија (РТС).
Претходно во средата Хашкиот трибунал ги повика српските власти „без одложување“ да ги уапсат и му ги предадат тројцата членови на СРС на обвинетиот во Хаг Воислав Шешељ кои се обвинети за непочитување на судот во процесот против Шешељ.
Селаковиќ нагласи дека српската влада соработува и ќе продолжи да соработува со Хаг, но инсистира во таа соработка да се слуша нејзиниот став за секое важно прашање. Го обвини Судскиот совет на Трибуналот дека го „замолчувало“ претставникот на Србија, Саша Обрадовиќ на рочиштето во средата, недозволувајќи му „да ги заврши речениците“, како и дека кон него се однесувало „дрско и арогантно, оценувајќи дека тоа претставува „постапување кон државата Србија“, чијшто претставник е Обрадовиќ.
„Во ваква ситуација, кога на Србија ѝ се забранува да ги изнесе своите видувања на ситуацијата и својот став, ќе постапуваме во согласност со нашите законски обврски, но на прво место ќе го заштитуваме нашиот национален интерес“, рече Селаковиќ
„Судскиот совет сериозно е загрижени поради изостанувањето на напорите на владата на Србија и нејзиниот пропуст да соработува“ во апсењето на обвинетите, констатираше во средата претседавачкиот судија Алфонс Оре во текот на расправата во која учествуваше и претставникот на Србија, Саша Обрадовиќ.
Како што извести агенцијата Бета, судијата Оре со невообичаено остар тон повеќепати ја истакнувал правната обврска на Белград „без одложување“ да го спроведе налогот на Трибуналот за апсење на соработниците на Шешељ, обвинети за непочитување на судот. Судијата предупредил дека Советот за безбедност на ОН, на кој Трибуналот му пријавил дека Србија не соработува во овој случај „би можел да преземе натамошни мерки“.,
Српскиот претставник Обрадовиќ возвратил дека владата на Србија мора да води метка за „политичко-безбедносните аспекти“ од соработката со Трибуналот. Истакнал дека владата „не ја разбрала потребата на претседателот на Судот во октомври 2015-та да ја пројави Србија во Советот за безбедност на ОН поради несоработка“, бидејќи таквата пријава никогаш не била поднесена против Франција,која одби во сличен случај поради непочитување на судот, на Судот да му ја предаде поранешната портпаролка Хашкиот трибунал, Флоренс Хартман,како и дека налогот за апсење Париз не го спровел од 2011 година./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

