Регион
Протести на српската опозиција во Белград
Со барањето премиерот Александар Вучиќ да си поднесе оставка и со поворка до зградата на владата на Србија, опозициската Демократска партија (ДС) го заврши протестот во саботата навечер во главниот град Белград под називот „Да ја осветлиме Србија“, на кој се собраа десетици илјади луѓе.
Претседателот на ДС, Бојан Пајкиќ, пред говорот замоли за минута молчење во чест на настраданите во поплавите, како и во неодамнешната хеликоптерска несреќа, а потоа порача дека прво треба „да се вратиме во 2000 година“, бидејќи владејачката Српска напредна партија (СНС), тврдат дека тогашната власт на ДС „го наследиле најлошото“.
„Дали заборавивме што ни оставија Вучиќ, Николиќ, Милошевиќ? Се прашувам колку Вучиќ би лелекал доколку во 2000-та го презема она што ние го преземавме? И во 2012 година Србија, како и секогаш, беше сиромашна држава, но имаше најдобри економски показатели во регионот, а во четвртата календарска година од владеењето на СНС имаме најлоши показатели во регионот“, рече Пајтиќ, припишувајќи ја вината за сегашната состојба во земјата на актуелниот премиер.
„Бараме оставка од Вучиќ. Сево ова е негово дело. Бидејќи тие, министрите и членовите на СНС, не би биле ништо без Вучиќ и затоа тие треба да си заминат од политичкиот живот на земјата и од местото претседател на владата“, рече Пајтиќ пред собраните на Плоштадот на републиката во центарот на Белград.
Според процената на Пајтиќ, во Белград се собрале 30.000 луѓе, „а за неколку месеци ќе има 300.000 луѓе“, најавувајќи собири и во другите српски градови, додека според процените на белградската полицијата на протестот учествувале 20.000 луѓе.
Пајтиќ обвини дека „дело на Вучиќ е што министерот за одбрана Братислав Гашиќ не чувствува одговорност за падот на хеликоптерот“, во кој настрадаа седум лица, за тоа што министерот за образование Срѓан Вербиќ „ги понижува студентите, наставниците и професорите“, затоа што министерката за сообраќај и градежништво Зорана Михајловиќ „дава интервјуа додека работите на патиштата и мостовите стојат“.
Челникот на српските демократи на премиерот Вучиќ како вина му припиша и тоа што министерот за правда Никола Селаковиќ „ги навредува адвокатите“, а Партијата на пензионерите на Србија „гласа за намалување на пензиите“, оценувајќи дека „денес на власт се оние кои 12 години чекале и не ги виделе мостовите, инвестициите и патиштата кои ги направи ДС“, додека беше на власт.
Пајтиќ членовите на владејачката СНС ја обвини дека „преку ноќ од воени профитери и шовинисти станаа Европејци“, како и дека „преку ноќ го заборавија заветот на Косово и (Воислав) Шешељ“ со кој до пред неколку години беа заедно во раководството на Српската радикална партија (СРС). Нагласувајќи дека неговата ДС „е свесна за своите грешки“, како и дека од нив извлекла поуки, Пајтиќ оцени дека „над земјата завладеала темнина“ и дека „време е Србија да биде осветлена“.
На протесниот собир му се приклучија и опозициските партии Нова партија (НС) и Заедно за Србија (ЗАС), формирани од поранешните фракции на Демократската партија, а претседателот на НС, Зоран Живковиќ им се придружи на барањата за оставка на премиерот, порачувајќи дека Вучиќ „повеќе не смее да биде човекот кој одлучува за нашата судбина“.
Живковиќ рече дека во изминатиот период 100.000 луѓе заминале од Србија, како и дека „вработени се 50 или 50 илјади ‘напредњаци’“. „Српската елита денеска е на плоштадот, од неа Вучиќ најмногу се плаши“, порача Живковиќ.
Протестот заврши без инциденти и без силно полициско обезбедување, иако поради фудбалскиот дерби меч меѓу Црвена ѕвезда и Партизан имаше најави дека двата собира би можело да бидат проследени со инциденти.
Според податоците објавени во саботата од истражувањето на јавното мнение на агенцијата Фактор плус, за работата во изминатата година, колку што измина од формирањето на актуелната влада, граѓаните највисока оцена му дале на премиерот Вучиќ, од 4,1.
По Вучиќ, најдобри оценети членови на владата се шефот на дипломатијата и челник на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ и министерката за сообраќај и градежништво, Зорана Михајловиќ, со оцени 2,8, додека со 2,3 се оценети министрите – за вонредни ситуации Велимир Илиќ, за култура и информирање Иван Тасовац, за рад и социјална грижа Александар Вулин, за здравство Златибор Лончар, за образование Срѓан Вербиќ и за економија Жељко Сертиќ.
Според резултатите од истото истражување, владејачката СНС во моментот има поддршка од 50,8 отсто од граѓаните, а промена на политичката сцена е дека изборниот праг би го минала сега вонпарламентарната Српска радикална партија (СРС), чиј рејтинг се зголеми откако од хашкиот притвор е ослободен челникот Воислав Шешељ./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Tлото на Балканот се тресе: По Хрватска, земјотреси и во Албанија и Грција
Два земјотреси, во растојание од една минута – во 19.19 и 19.20 часот – вечерва се регистрирани на територијата на Албанија.
Земјотресите се со интензитет од 2,1 степен според Рихеровата скала.
Епицентарот на првиот земјотрес бил на седум километри од Елбасан, додека вториот на 62 километри од Тирана.
Според информациите на ЕМСЦ, неколку минути претходно, земјотрес од 2,5 степени имало и во јужниот дел од Грција, а уште два од 2 и 2,3 степени се регистрирани предмалку на Крит.
Претходно денес, Хрватска ја погоди силен земјотрес од 4,7 степени, а беше почувствуван и во Босна и Херцеговина. По овој потрес, следеа неколку помали.
Регион
Не ги навредив Бугарите, туку ја критикував нашата влада, објасни хрватскиот претседател по изјавата на која реагираше Софија
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека со изјавата дека Хрватска е „на дното на ЕУ по повлекувањето на европските пари, а само Бугарија е полоша“, не ги навредил Бугарите, туку ја исмејува хрватската влада која прави „будали и социјални случаи“ од нејзините граѓани.
Милановиќ претходно рече дека „Хрватска е дното на Европската унија и дека само Бугарија е полоша“, па секој ден се молат на Бога, Бугарија да остане последна и ништо да не и се случи, бидејќи во спротивно би била Хрватска“. По изјавата, според хрватските медиуми, Бугарите ја повикале хрватската амбасадорка во Софија, Јасна Огњеновац и изразиле незадоволство, пренесува порталот „Индекс“.
Бугарското Министерство за надворешни работи на хрватскиот амбасадор му пренело „длабоко разочарување од изјавата на претседателот Милановиќ“, каде што истакнале „дека изјавата е неприфатлива за Бугарија и не е во согласност со одличните билатерални односи меѓу Хрватска и Бугарија“.
Тие истакнаа и дека се надеваат дека „хрватската влада ќе се огради од таа изјава“.
„Не ги навредив Бугарите, туку исмевав некои елементи на хрватската влада кои не’ прават будали и социјален случај“, рече шефот на хрватската држава и додаде дека претходно ја критикувал земјата на тема повлекување европски пари.
„Дали можеме да кажеме дека Хрватска се моли Сингапур последен да подигне пари? Дали тоа звучи подобро? Но, Сингапур не е европска земја. Значи некој мора да биде последен. Тоа е Бугарија, а Хрватска е претпоследна“, рече Милановиќ и потсети дека тоа се статистички податоци и дека тоа досега го кажал десет пати.
„Тоа е потсмев, за жал, на сметка на некои во Хрватска кои не прават социјален случај, кои не можат да земат доволно европски средства, па затоа сме претпоследни. Нормално, гледаш кој е последен. Бугарија е последна, секогаш е последна (…) Хрватска е претпоследна“, рече Милановиќ.
„И тоа е факт за кој зборував десет пати. Алелуја (…) Тоа се факти за кои мора да се разговара во политиката бидејќи се многу релевантни податоци. Зошто Хрватска е претпоследна? Зошто не е петата одоздола, или петта одозгора. Зошто не е? Веројатно некој е одговорен за тоа“, додаде тој.
На крајот, како што додаде, никој не се моли Бугарија да пропадне, туку дека неговата изјава е верзија на американската шега за сојузната држава Арканзас, која „се моли на Бога Мисисипи, кој е најсиромашниот, да биде здрав и добро“, бидејќи во спротивно тоа би бил Арканзас.
„За да го знаете тоа, треба да прочитате нешто во животот, а не да се занимавате со селски скандали“, рече Милановиќ.
Регион
Земјотрес со јачина од 4,7 степени во Хрватска, почувствуван и во БиХ
Земјотрес со јачина од 4,7 степени според Рихтеровата скала утрово во 05:38 часот е регистриран во Хрватска, објави Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Според информациите од Европскиот медитерански сеизмолошки центар, земјотресот бил на 92 километри јужно од главниот град Загреб и на 14 километри од границата со Босна и Херцеговина, кај Тржачка Раштела.
Земјотресот бил на длабочина од 10 километри.
Земјотресот најмногу бил почувствуван во централна Хрватска и во дел од Босна и Херцеговина со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала.
Засега нема извештаи за повредени лица или за предизвикана материјална штета.