Регион
Рама: Албанија и Србија се клучни за мир во регионот
Премиерите на Србија и Албанија, Александар Вучиќ и Еди Рама во Тирана ја завршија средбата во четири очи, а домаќинот Рама по средбата порача дека двете земји се клучни за мирот во регионот.
„Тоа што имаме различни ставови околу некои работи не значи дека не сме свесни за фактите дека двете земји се клучни за мирот во регионот“, изјавил Рама, пренесува Б92.
Рама исто така истакнал дека Косово и понатаму е важна тема во односите меѓу Србија и Албанија. Албанскиот премиер навел дека го цени дијалогот меѓу Белград и Приштина и дека на него гледа како на карта за отворање на ново поглавје во односите меѓу Србија и Албанија.
„Верувам дека овие 24 часа кои премиерот на Србија ќе ги помине во Тирана ќе бидат иницијатива граѓаните на Србија во иднина почесто да доаѓаат во Албанија, особено за време на престојното лето. Ние сме мали и заедно мораме да вложиме напори за да ја подобриме нашата економија“, рекол Рама.
Тој додал дека им се нуди можност на Албанците и Србите, за доброто на своите земји и целиот регион да го направат она што Германците го направија за себе после Втората светска војна.
Рама додал дека верува оти двете земји заедно ќе успеат да ги унапредат односите и да ја спроведат агендата за регион без граници, што ќе придонесе за отфрлање на бариерите во трговијата, културата и науката.
„Се надевам дека заедно ќе успееме да одиме далеку на патот кон ЕУ. Имаме многу заеднички работи што можат да придонесат за напредокот на нашите земји“, рекол албанскиот премиер.
Српскиот премиер Вучиќ во средата во Тирана беше дочекан со највисоки државни почести, а по церемонијата оствари средба со Рама, која траеше околу еден час.
Историската посета на српскиот премиер во Албанија започна со интонирањето на српската химна „Боже правда“, со развиорено српско знаме, а Вучиќ претодно на аеродромот беше дочекан од страна на албанскиот вицепремиер Нико Пељеси.
Поради посетата на српскиот премиер Тирана е целосно блокирана, а возилото во кое биле Вучиќ и српската делегација било спроведено од аеродромот низ градот под високо мерки на безбедност и следено во воени хеликоптери, а на секои 50 метри има и полицајци, јавува Б92./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Од денеска во Бугарија задолжително плаќање во евра, левот излегува од употреба
Од денеска, 1 февруари, еврото станува единствена официјална валута во Бугарија, додека левот повеќе нема да биде прифатлив за плаќање на стоки, услуги и обврски, соопшти Министерството за финансии на Бугарија.
Според законот за воведување на еврото во Бугарија, цените на стоките и услугите и понатаму ќе бидат истакнати во двете валути до 8 август 2026 година, со цел да се обезбеди транспарентност и да се спречат шпекулативни практики, јавија бугарските медиуми.
Граѓаните на Бугарија кои и понатаму поседуваат левови можат бесплатно да ги заменат во банките и во „Бугарски пошти“ до 30 јуни 2026 година, додека Националната банка на Бугарија (БНБ) ќе обезбеди бесплатна и неограничена замена на левовите во евра и по тој датум.
Министерството за финансии потсетува дека трговците веќе немаат обврска да примаат левови, а кусурот во секоја трансакција се враќа исклучиво во евра.
Бугарија на 1 јануари 2026 година официјално го воведе еврото и стана 21-ва членка на еврозоната, точно 19 години по влезот во Европската унија.
Регион
Државна секретарка од Црна Гора сакала да се самоубие поради секс скандал
Мирјана Пајковиќ, до неодамна државна секретарка во Министерството за човекови и малцински права на Црна Гора, поднесе оставка откако нејзините интимни снимки беа објавени во јавноста. Пајковиќ тврди дека не станува збор за секс скандал, туку за политичка пресметка и одмазда против моќна личност која ја пријавила за закани, а за сè го обвинува советникот на претседателот на Црна Гора и поранешен шеф на тајната служба, Дејан Вукшиќ.
Во својата исповед за Face.ba, таа опиша низ што поминувала, нагласувајќи дека нејзината безбедност е во опасност и дека се плаши за сопствениот живот.
„Се обидуваат да ме натераат да извршам самоубиство. Тешко ми е. Чувствувам дека моето тело ме издава, но морам да соберам храброст и јавно да зборувам за сè, започна Пајковиќ. Има ноќи кога се плашам да спијам затоа што не знам што ќе донесе новото утро. Ме малтретираат по телефон, ме додаваат во разни групи. Државните органи се немоќни. Некој сака да немам место ниту живот во Црна Гора“, тврди таа.
Пајковиќ истакнува дека ова не е секс скандал за неа, туку опасна порака испратена до секој што се осмелува да им се спротивстави на моќните.
„Вакви работи ми се случуваат по конфликт со највисокиот државен орган, со Вукшиќ. На тие видеа може да се утврди дека само јас сум на нив. Ако другата страна сакаше да биде повредена, ќе се покажеше и главата на човекот. Ова е голем тест за полицијата и обвинителството“, верува таа.
„Вукшиќ ми се закани со прогон и дека цела Црна Гора ќе ги види моите видеа. Мојата единствена среќа е што бев доволно прониклива да го снимам тој разговор. Знаев за каква личност станува збор, ми се закануваше неколку дена претходно. Го снимив за самозаштита. Ако го немав тоа видео, немаше да имам никакви докази за да го спасам мојот живот“, рече таа.
Регион
Превозниците од Србија донесоа одлука: прекината блокадата на граничните премини
Превозниците од Србија денес ќе престанат да го блокираат товарниот сообраќај на премините, изјави за Танјуг претседателот на Меѓународното транспортно деловно здружение, Неѓо Мандиќ.
„Сега ги информираме нашите редари кои се на границите да ги отстранат камионите што беа на чело на конвојот, за да може сообраќајот да се движи. Значи ги прекинуваме протестите“, рече Мандиќ по состанокот.
Превозниците од Црна Гора и Северна Македонија вчера ги прекинаа блокадите откако Европската комисија објави нова визна стратегија што ќе го реши проблемот со ограничувањата за престој на професионалните возачи во Шенген зоната, а сè уште се чека одлуката на превозниците од БиХ дали ќе донесат иста одлука, пренесуваат медиумите во соседството.
Мандиќ вели дека транспортерите од Србија донеле одлука за прекин на блокадите еден ден откако Европската комисија почнала да ја разгледува можноста за воведување специјални визи за професионалните возачи на камиони, што би им овозможило да останат подолго во земјите од ЕУ и непречено да ја извршуваат својата работа.
„Одлуката ја донесовме по вчерашното соопштение, бидејќи она што го добивме е доволно добар пат и она што го сакавме. А од друга страна, секако имаме ветување дека ќе има состанок на работната група во Брисел веќе во вторник, 3 февруари. Исто така, имаме дневен ред кој го содржи само она што дополнително го бараме, да донесеме краткорочни и долгорочни решенија сè додека не се спроведе она што е предвидено. Она што го сакаме се решенија за возачите повеќе да не бидат малтретирани или апсени“, рече Мандиќ, пренесува Танјуг.
Меѓународното транспортно бизнис здружение објави дека денес во 15 часот ја прекинале блокадата на товарниот сообраќај на премините и дека ќе продолжат да превезуваат стока.
Во соопштението се проценува дека секое понатамошно продолжување на нарушувањето на синџирите за товарен транспорт би ги ставило домашните производствени компании и граѓаните во тешка положба.
„Апелираме до Европската комисија, земјите-членки на Шенген, бизнисмените од Европа, сега свесни за важноста на непрекинатите транспортни синџири, да помогнат да се спречат повторно несфатливите апсења и депортации на нашите возачи. Очекуваме помош од другата страна и однос што го заслужуваат луѓето кои, во вонредни ситуации како што е пандемијата, беа единствените што носеа стока до сите нас во Европа. Да не чекаме додека не останеме без нив. Синџирите на снабдување не смеат повторно да бидат прекинати“, беше кажано од здруженијата, според написите.
Се чека одлуката на превозникот од Босна и Херцеговина
Мандиќ рече дека сè уште не добиле одговор од нивните колеги од БиХ дали и тие ќе ги суспендираат блокадите, но дека очекува тие да донесат иста одлука.
„Само чекаме нивен одговор, иако седевме со нив до 22 часот синоќа, 10 од нив беа таму и мислиме дека ќе донесат иста одлука, но тие не го направија тоа и не можат да кажат што ќе одлучат нивните тела, но веруваме дека ќе го одлучат истото“, истакна Мандиќ.
Во вторник, на 3 февруари, ќе се одржи состанок на министрите од сите земји од Западен Балкан со претставници на Европската комисија за проблемот со транспортерите од регионот во Шенген зоната, пренесуваат медиумите.

