Регион
Шешељ одбива доброволно да се врати во Хаг на изрекување на пресудата
Обвинетиот во Хаг за воени злосторства во војните во поранешна Југославија и челник на Српската радикална партија (СРС), Воислав Шешељ, потврди во четвртокот дека е покрената постапка за негово предавање на Меѓународниот суд за воени злосторства на територијата на поранешна СФРЈ, и порача дека ќе ја почитува судската процедура во Србија, но дека доброволно нема да замине во Хаг.
На редовната прес-конференција на неговите радикали, Воислав Шешељ изјави дека му е предадена судска покана да, по налог на Жалбениот совет на Хашкиот трибунал, на 10-ти март, како обвинет да се појави пред Вишиот суд во Белград.
„Ќе се одзвам на поканата. Нема да бегам, ниту да се кријам, но нема да одам доброволно во Хаг. Ќе се повикам на Европската конвенција за човекови права, на правото на правично судење, правото на судење во разумен рок и правото самиот да се бранам“, изјави Шешељ пред новинарите.
Хашкиот трибунал претходно од српските власти побара да обезбедат присуство на Шешељ при изрекувањето на пресудата, закажана за 31-ви март.
Шешељ истакна дека, доколку владата на српскиот премиер и негов поранешен партиски колега Александар Вучиќ, одлучила да го предаде на Хаг, ќе пружи пасивен отпор и дека Српската радикална партија, без оглед на тие околности, ќе учествува во предизборната кампања за вонредните парламентарни избори, кои најверојатно ќе се одржат на 24-ти април.
„Верувам дека Александар Вучиќ е на тешки маки, бидејќи е свесен што за него би значело доколку ме предаде на Хаг. Тоа би била дамка којашто би го ставила во редот со (Борис) Тадиќ, (Зоран) Ѓинѓиќ, (Зоран) Живковиќ и другите кои ги предаваа Србите на Хаг“, изјави Шешељ.
Најави дека СРС на 24-ти март ќе одржи митинг на Плоштадот на републиката во Белград, а ќе го нарече „Бунт против режимот на Вучиќ“.
Хашкиот трибунал, Воислав Шешељ, кој доброволно се предаде на 24-ти март 2003 година, го судеше по обвинение за прогон на несрпското население на политичка, расна и верска основа, депортација и нехумани дела и злосторства против човечноста над Хрватите и Бошњаците во Хрватска, Босна и Херцеговина и во српската северна покраина Војводина, во периодот од 1991 до 1993 година. Во притворот на хашкиот суд беше до ноември 2014 година, кога привремено беше ослободен поради здравствени причини, со обврска за Србија на барање на Трибуналот да ги испорача за изрекување на пресудата.
Обвинителите во завршниот збор во март 2013 година за Шешељ бараа затворска казна во траење од 28 години, а Шешељ, кој се бранеше самиот со логистичка поддршка на правен тим од СРС, бараше ослободителна пресуда.
Пред да биде пуштен на привремена слобода, на Шешељ во болницата во Хаг му беше дијагностициран тумор на црниот дроб, а на 12-ти ноември 2014 година, по речиси 12 години се врати во Србија поради влошената здравствена состојба. По доаѓањето во Белград изјави дека не бега, но и дека нема доброволно да се врати во Хаг, каде што ниту по 11 ипол години, колку што траеше судскиот процес, сé уште не е изречена пресуда по обвинението за воени злосторства.
Во меѓувреме, по интензивната терапија, Шешељ кон средината на јануари 2015 година тврдеше дека му се запрени метастазите на ракот на црниот дроб, како и дека тој сега е „најздравиот на српската политичка сцена“.
Политичките коментатори оценуваат дека неговата Српска радикална партија (СРС) на претстојните предвремени парламентарни избори со партиите од корпусот на десницата и евроскептиците, би можеле да го минат изборниот праг и да се вратат во парламентот по тешките изборни порази откако од радикалите се издвоија претседателот на Србија Томислав Николиќ и премиерот Александар Вучиќ и ја формираа сега владејачката Српска напредна партија (СНС)./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

