Регион
Србија: Блокадата на преговорите е лоша порака за целиот процес на проширување на ЕУ
Генералниот секретар на Владата на Србија Вељко Одаловиќ оцени во среда дека одлуката на Хрватска да го блокира отворањето на преговарачкото поглавје 26 за Србија, посветено на образованието и културата, е лоша порака за целокупниот процес на проширување на Европската унија(ЕУ).
„Дали тоа значи дека секоја земја, ако вака се однесуваме, ќе може да ги блокира тие процеси“, запраша Одаловиќ за Радио телевизија Србија и додаде дека таквите потези можат да делуваат демотивирачки и за останатите земји, а не само за Србија.
Тој рече дека ЕУ би морала да реагира во врска со хрватската блокада на преговарачкиот процес на Србија со Унијата.
„Важно е ЕУ да го сфати овој потег како сериозно предупредување и порака дека од дневно-политички мотиви и причини не може да се блокира отворањето на преговарачките поглавја“, рече Одаловиќ, коментирајќи ја одлуката на премиерот Вучиќ да не присуствува на конференцијата во Брисел на која се отворени две поглавја посветени на јавните набавки и науката, но не и поглавјето 26.
Тој истакна дека ЕУ со своите членки во иднина треба да разговара на поинаков начин, бидејќи, како што оцени, во поглавјето 26 нема спорни работи заради кои не би требало да биде отворено. /крај/он/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Киднаперите на Кајмакоски и по една недела сè уште не се пронајдени, во тек е потрага
Потрагата по киднаперите на Даниел Кајмакоски влезе во осмиoт ден, а и покрај обемната полициска акција, на осомничените и понатаму им се губи секоја трага. Иако теренот околу местото каде што со возилото удриле во заштитната ограда бил детално пребаран, бегалците како да пропаднале во земја.
„Се преземаат сите оперативни мерки и активности со цел да се идентификуваат и пронајдат сторителите. Во овој момент тие сè уште се во бегство“. наведува извор на „Курир.рс“ и додава дека полицијата, по налог на Вишото јавно обвинителство во Белград, продолжува со потрагата.
Драмата почнала откако пејачот минатата недела го завршил настапот во Белград. Осомничените, за кои се верува дека се странски државјани, наводно од Турција, го пресретнале пејачот, му се заканиле со нож и пиштол, го врзале и го одвезле со неговиот автомобил, барајќи 20.000 евра.
Само неколку минути по тргнувањето од центарот на градот, полициска патрола при редовна контрола се обидела да го запре возилото. Сепак, возачот не застанал на дадениот знак.
„Во моментот кога му дадоа знак да застане, возачот продолжи и забрза до максимум. Никој не можеше да предвиди што ќе се случи“, открива извор близок до истрагата.
Во меѓувреме, пријател на пејачот го пријавил киднапирањето, по што била покрената обемна полициска акција. Потерата се одвивала покрај Палатата Србија и Белградската арена, а потоа и по автопатот кон Шид. Во потрагата биле вклучени бројни полициски единици.
Драмата кулминирала кај исклучувањето за Рума, каде што осомничените изгубиле контрола над возилото и удриле во заштитната ограда. Сè се случило за неколку секунди, а во настанатиот хаос киднаперите го напуштиле автомобилот и избегале пеш, додека во возилото бил пронајден врзаниот Кајмакоски.
„Осомничените избегале пеш, а во возилото бил затекнат пејачот. Постои можност маглата и лизгавиот коловоз да придонеле за губење на контролата врз возилото“, наведува изворот.
Иако припадниците на полицијата детално го пребарале поширокиот терен, вклучително и околните ниви и шумски појаси, засега нема потврда дека осомничените се лоцирани.
Регион
Вештачката интелигенција станува дел од редовната настава во хрватските средни училишта
Од есен наставната програма „Вештачка интелигенција: од концепт до примена“ ќе се спроведува во сите класови на средните училишта во Хрватска, со што Министерството за наука, образование и млади ја проширува програмата што веќе опфаќа 5.455 ученици во основното и средното образование.
Според податоците на Министерството, наставата за вештачка интелигенција моментално се реализира во 147 основни и 93 средни училишта. Во основните училишта програмата се спроведува како воннаставна активност за ученици од 5. до 8. одделение, додека во средните училишта се нуди како изборен предмет за ученици од 2. и 3. година.
Наставната програма е изработена од работна група составена од наставници, педагози, експерти по информатика, претставници од стопанството и ЦАРНЕТ, во соработка со проектни партнери. Во тек е нејзина ревизија врз основа на резултатите од експерименталната примена во учебната 2024/2025 година, при што се прават прилагодувања на целите, исходите од учење, содржините и методите на настава.
Од учебната 2026/2027 година е планирано програмата да се прошири на сите класови во средното образование.
Хрватската асоцијација за вештачка интелигенција го поздрави воведувањето на предметот, оценувајќи дека станува збор за значаен чекор за образовниот систем. Извршната директорка Лорена Бариќ изјави дека основното ниво на ВИ-писменост треба да стане дел од општата култура на современото образование, вклучително и разбирањето на етичките аспекти и начинот на функционирање на алгоритмите.
Како клучен предизвик се посочува квалитетот на спроведувањето, особено обуката на наставниците, како и обезбедувањето еднакви услови за сите ученици, со цел да се избегне создавање „ВИ јаз“ меѓу училиштата.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.

