Регион
Србија: Црвениот крст и УНХЦР очекуваат ‘драматичен пораст“ на бројот на бегалците
Во Белград во текот на ноќта кон понеделникот пристигнале 70 автобуси со мигранти и бегалци кои претходните денови ја минаа грчко-македонската граница и потоа влегоа во Србија, а според податоците на Високиот комесаријат на ОН за беглаци (УНХЦР) во Србија ноќта меѓу саботата и неделата по минувањето низ Македонија влегле повеќе од 7.000 лица.
Како што пренесуваат во понеделникот белградските медиуми, по големите гужви во текот на изминатиот викенд, се очекува доаѓањето на уште најмалку 1.500 луѓе во областа на Моривачко поле и во кампот кај селото Миратовац, на југот од Србија, а Меѓународниот Црвен крст следните денови очекува „драматичен пораст“ на бројот на бегалците кои ќе пристигнат во земјата.
Претставниците на Црвениот крст во центарот за прифаќање бегалци во јужниот српски град Прешево, предупредија дека резерви вода и храна имаат само за уште еден ден и апелираат да им биде испратена итна помош, пренесува дописникот на Радио-телевизија Србија (РТС) од Прешево.
Според официјалните податоци, Србија дневно троши најмалку 15.000 евра само за намирување на најосновните потреби на мигрантите, односно вода, храна и хигиена.
„Се издвојуваат многу повеќе од 15 илјади евра од буџетот на Србија, тоа е она што е дадено за храна и хигиена, но не и за дневниците за полицајците и за војниците кои 24 часа работата со нив, за потрошеното гориво и другите трошоци“, изјави министерот за одбрана Братислав Гашиќ, ко со американскиот амбасадор во Белград, Мајкл Кирби го посети југот на земјата.
Гашиќ притоа најави дека во селото Миратовац, каде што мигрантите ја преминуваат границата од страна на Македонија, со помош на руско-спрскиот хуманитарен центар ќе биде подигнат дополнителен камп за нивно прифаќање.
Во Комесаријатот за бегалци на Србија очекува сериозна помош од меѓународните организации и соопшти дека е подготвен за секое можно сценарио.
Во Белград во понеделникот треба да биде отворен инфо-центар во кој мигрантите ќе ги добиваат неопходните известувања, сервисни информации, правна и психолошка поддршка на мајчиниот или на јазикот кој го разбираат, а се очекува и дополнителна помош од граѓаните волонтери, имајќи предвид дека многумина веќе се ангажирани со екипите на Црвениот крст или преку Центарот за заштита и помош на барателите на азил.
Помошничката на државниот комесар за бегалци, Даниела Поповиќ Роко во изјавата за РТС истакна дека уште од четвртокот интензивно се следи ситуацијата, бидејќи сите мигранти коишто македонската полицијата и задржа на границата почнале да пристигнуваат во еден бран откако го пробија кордонот, а подигнувањето на оградата на унгарската граница само го забрзал овој прилив.
„Значителни ресурси се издвоени од буџетот, но сé уште сме во границите на предвиденото…. Србија од меѓународните организации доби итна помош, а се работат проекти преку кои би се обезбедило долгорочно згрижување на мигрантите“, изјави Поповиќ за РТС.
Српските медиуми ја истакнуваат пораката на директорот на УНХЦР за Европа, Винсент Коше дека „Грција и Македонија треба да вложат дополнителни напори за решавање на проблемот на мигрантите кои не може да исчезне преку ноќ и ја погаѓа цела Европа“. „ Повторно апелираме на земјите од ЕУ да ја зголемат помошта за Грција, Македонија и Србија“, истакна Коше./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Додик не го признава геноцидот во Сребреница: „Ќе однесеме цвеќе, ако не навредува никого“
Во четвртокот, лидерот на Србија во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар Поточари во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот на Бошњаците за време на војната, но тој повторно негираше дека таму имало геноцид.
Во интервју за новинската агенција на Република Српска, претседателот Додик најави дека владата и целото раководство на овој ентитет ќе заседаваат во Сребреница на 2 мај 2024 година, кога ќе се одржи дискусија пред Обединетите нации и се очекува гласање за Резолуција за осуда на геноцидот во тој град во летото 1995 година.
Резолуцијата е поддржана од дваесет земји, меѓу кои САД, Обединетото Кралство и Германија и се очекува нејзино усвојување. Целта е да се интернационализираат страдањата на Бошњаците во Сребреница.
Водечките српски претставници од Белград и Бања Лука, претседателите Александар Вучиќ и Милорад Додик, тврдат дека ова е обид да се префрли вината на српскиот народ.
„Република Српска нема да ја прифати резолуцијата за Сребреница за која ќе се одлучува во Генералното собрание на ОН бидејќи се што е напишано во неа е лага. Босна и Херцеговина не може да живее врз основа на тоа дека едната нација во неа е оквалификувана како геноцидна“, рече Додик.
Сепак, тој изрази подготвеност да им оддаде почит на жртвите од масакрот во Сребреница.
„Ако ни се укаже можност, на 2 мај ќе однесеме венци во Поточари, ако тоа не навреди никого. Не се плашам дека би можел да завршам како Вучиќ, кој дојде да им оддаде почит на жртвите, изрази сочувство, а доби камен во главата и никој не одговараше за тоа“, истакна Додик.
Тој смета дека Резолуцијата за Сребреница сепак нема да го добие потребното мнозинство на седницата на Генералното собрание на ОН.
Регион
Двајцата осомничени за убиството на малата Данка испратени во Специјалната затворска болница
Двајцата осомничени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ денеска се испратени во Специјалната затворска болница во Белград на психијатриско вештачење, пишува „Телеграф“.
Во написот медиумот пишува дека осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) деталите за убиството на детето ги изнесе во Вишото јавно обвинителство во Заечар. Сепак, тој не сакаше да открие каде го оставил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не зборувал за делото.
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар биле сослушани и родителите на Данка, Ивана и Милош, кои, како што се наведува, опишале како течел денот кога исчезнала ќерка им.
Додека давале исказ, во иста просторија седеле и осомничените за убиството на детето.
Пред рочиштето исказ за „Телеграф“ дал таткото на убиената Данка.
„Смртната казна не им е доволна, треба да бидат во затвор до крајот на животот. Тоа се чудовишта, она што постојано го доживуваме не се опишува. Тоа може да го разбере само родител. Неколкупати ни дојде полиција, ѝ зедоа разни работи на Данка, ништо не знаеме, ниту за крвта на патот ниту во автомоблилот, ништо. Не ни е јасно зошто не се јавиле во итната помош, зошто не помогнале, но го направиле ова што го направиле. Тоа што јас и Ивана постојано страдаме е страшно, разни луѓе ни се јавуваат, нѐ навредуваат, ни ја префрлаат вината. Морав да побарам да го сменам бројот, не можеме повеќе. Кога сѐ ќе заврши, ќе кажеме сѐ“, рече тој.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.