Регион
Србија против формирањето војска на Косово
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во вторникот повтори дека Србија се противи на формирањето војска на Косово, истакнувајќи дека тоа не е во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност при Обединетите нации од 1999 година, како и дека за таа тема би требало да се зборува на ниво на Советот за безбедност на ОН.
Србија не ја признава независноста на својата поранешна јужна автономна покраина Косово и Метохија еднострано прогласена во 2008 година од албанските власти во Приштина со поддршка на САД и водечките земји од ЕУ и повеќепати во минатото предупредуваше дека чекорите што косовските власти ги преземаат ќе ги загрозат преговорите меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите кои се водат под покровителство на Брисел.
„Тоа (формирањето на војска на Косово – з.р.) може да има одредени последици по безбедноста во регионот затоа што своевремено, кога беше прекината војната на Косово и Метохија, беше предвидено таму единствени вооружени сили да бидат меѓународните сили, односно КФОР“, изјави шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ пред учесниците на собирот „Србија, Западен Балкан и евроатлантската заедница“, кој го организира Парламентарното собрание на НАТО.
Дачиќ на споменатиот собир потсети дека при потпишувањето на Бриселскиот договор меѓу Белград и Приштина, премиерите Александар Вучиќ и (тогашниот на Косово) Хашим Тачи, тогашната шефица на дипломатијата на ЕЅ, Кетрин Ештон и тој лично престојуваа во седиштето на НАТО, како и дека претставниците на Алијансата им гарантирале дека нема да има распоредување на вооружени формации на Албанците во северниот дел, каде мнозинско е српското население, без согласноста на КФОР.
Истакнувајќи дека Србија е заинтересирана за мир и стабилност на Косово, како и за продолжување на дијалогот со Приштина, Дачиќ рече дека формирањето на косовската војска мора да биде тема „на ниво на Советот за безбедност при ОН“, бидејќи станува збор за „компликувана материја …. околу којашто постојат несогласувања“. Шефот на српската дипломатија го повтори ставот на Белград дека Србија е определена за воена неутралност, дека не тежнее кон членство во НАТО, но е подготвена да ги унапредува односите и соработката во рамките на механизмот Партнерство за мир.
Притоа Дачиќ изјави дека добрата соработка меѓу Србија и Русија не влијае врз определеноста на неговата држава за членство во Европската унија, како и дека Србија „не сака да седи на две столчиња, бидејќи има свое“.
Српскиот вицепремиер оцени дека НАТО ја препознава и почитува специфичноста на Србија во однос на другите земји членки и партнери на оваа војна организација. „Србија сака да биде доверлив, одговорен и предвидлив партнер и соговорник на НАТО со цел заеднички да се придонесе во зачувување на мирот и стабилноста во регионот“, порача Дачиќ, додавајќи дека, иако нема намера да стане членка на Алијансата, Србија „ги почитува аспирациите за членство во НАТО на своите соседи“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Додик не го признава геноцидот во Сребреница: „Ќе однесеме цвеќе, ако не навредува никого“
Во четвртокот, лидерот на Србија во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар Поточари во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот на Бошњаците за време на војната, но тој повторно негираше дека таму имало геноцид.
Во интервју за новинската агенција на Република Српска, претседателот Додик најави дека владата и целото раководство на овој ентитет ќе заседаваат во Сребреница на 2 мај 2024 година, кога ќе се одржи дискусија пред Обединетите нации и се очекува гласање за Резолуција за осуда на геноцидот во тој град во летото 1995 година.
Резолуцијата е поддржана од дваесет земји, меѓу кои САД, Обединетото Кралство и Германија и се очекува нејзино усвојување. Целта е да се интернационализираат страдањата на Бошњаците во Сребреница.
Водечките српски претставници од Белград и Бања Лука, претседателите Александар Вучиќ и Милорад Додик, тврдат дека ова е обид да се префрли вината на српскиот народ.
„Република Српска нема да ја прифати резолуцијата за Сребреница за која ќе се одлучува во Генералното собрание на ОН бидејќи се што е напишано во неа е лага. Босна и Херцеговина не може да живее врз основа на тоа дека едната нација во неа е оквалификувана како геноцидна“, рече Додик.
Сепак, тој изрази подготвеност да им оддаде почит на жртвите од масакрот во Сребреница.
„Ако ни се укаже можност, на 2 мај ќе однесеме венци во Поточари, ако тоа не навреди никого. Не се плашам дека би можел да завршам како Вучиќ, кој дојде да им оддаде почит на жртвите, изрази сочувство, а доби камен во главата и никој не одговараше за тоа“, истакна Додик.
Тој смета дека Резолуцијата за Сребреница сепак нема да го добие потребното мнозинство на седницата на Генералното собрание на ОН.
Регион
Двајцата осомничени за убиството на малата Данка испратени во Специјалната затворска болница
Двајцата осомничени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ денеска се испратени во Специјалната затворска болница во Белград на психијатриско вештачење, пишува „Телеграф“.
Во написот медиумот пишува дека осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) деталите за убиството на детето ги изнесе во Вишото јавно обвинителство во Заечар. Сепак, тој не сакаше да открие каде го оставил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не зборувал за делото.
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар биле сослушани и родителите на Данка, Ивана и Милош, кои, како што се наведува, опишале како течел денот кога исчезнала ќерка им.
Додека давале исказ, во иста просторија седеле и осомничените за убиството на детето.
Пред рочиштето исказ за „Телеграф“ дал таткото на убиената Данка.
„Смртната казна не им е доволна, треба да бидат во затвор до крајот на животот. Тоа се чудовишта, она што постојано го доживуваме не се опишува. Тоа може да го разбере само родител. Неколкупати ни дојде полиција, ѝ зедоа разни работи на Данка, ништо не знаеме, ниту за крвта на патот ниту во автомоблилот, ништо. Не ни е јасно зошто не се јавиле во итната помош, зошто не помогнале, но го направиле ова што го направиле. Тоа што јас и Ивана постојано страдаме е страшно, разни луѓе ни се јавуваат, нѐ навредуваат, ни ја префрлаат вината. Морав да побарам да го сменам бројот, не можеме повеќе. Кога сѐ ќе заврши, ќе кажеме сѐ“, рече тој.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.