Регион
Суботиќ ослободен од обвиненијата за шверц на цигари од Македонија во Србија
Српскиот бинзнисмен Станко Суботиќ, поранешниот директор на Сојузната царинска управа Михаљ Кертес и уште 13 лица ослободени се во петокот пред Специјалниот суд во Белград од обвинувањата за шверц на цигари во деведесеттите години.
Ова е втора пресуда за Суботиќ и неговите соработници, откако Апелациониот суд во Белград ја укина првата пресуда на Специјалниот суд, со која Суботиќ беше осуден на шест години затвор.
Иако обвинителството во завршниот збор бараше Суботиќ да биде осуден на осум години затвор и да му се одземе имотот, а Кертес на пет години затвор, судскиот совет одлучи да донесе ослободителна пресуда.
Повтореното судење на Суботиќ беше по обвинувањето дека тој бил на чело на групата која шверцувала цигари во 1995 и 1996 година од Македонија во Србија, со што, како што стои во обвинувањето, оштетувајќи го буџетот стекнале добивка од 28 милиони евра и шест милиони долари.
Обвинителството има право на жалба на оваа пресуда пред Апелациониот суд во Белград.
Суботиќ изјави дека ослободителната пресуда беше очекувана и ги обвини политичарите дека целата афера ја исконструирале за да го рекетираат.
„Оваа фарса беше исконструирана од политичари, првенствено од кабинетот на Коштуница, па до кабинетот на Тадиќ, со цел преку една страотна медиумска кампања да се прикрие намерата да бидам рекетиран и да ми се грабне имотот“, истакна Суботиќ.
Во образложението на пресудата се наведува дека одлуакта е донесена поради застареност на обвинувањето за кривично дело од 1995 година, но и поради тоа што со оригинална документација до Македонија било докажано дека компанијата „Суксес“, преку која наводно Суботиќ ги шверцувал цигарите, била под контрола на Војската на Сојузна Република Југославија. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

