Регион
Трибуналот наложи Шешељ да се врати до 26 мај
Жалбениот совет на Хашкиот трибунал издаде налог лидерот на српските радикали Воислав Шешељ до 26 мај да биде вратен во притворот во Хаг, соошти во петокот потпретседателот на Српската радикална партија Милорад Мирчиќ.
Судскиот совет на Хашкиот трибунал на 6 ноември донесе одлука Воислав Шешељ по 11 ипол години минати во пртивор, да биде привремено пуштен на слобода поради тешка здравствена состојба.
Жалбениот совет на 30 март му наложи на Претресниот совет итно да ја отповика одлуката од 6 ноември 214 година за привремено пуштање на Шешељ на слобода и да налои да се врати во притворската единица во Шевенинген.
Претресниот совет не постапи по налогот на Жалбениот совет, туку на 10 април побара од лекарскиот тим на Шешељ документација за неговата моментна здравствена состојба.
Меѓутоа, Шешељ одби таквата документација да ја достави до судот.
Потоа обвинителството на 14 април упати барање до Жалбениот совет да му наложи на Претресниот совет Шешељ итно да биде вратен во притворот на Трибуналот. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Од денеска во Бугарија задолжително плаќање во евра, левот излегува од употреба
Од денеска, 1 февруари, еврото станува единствена официјална валута во Бугарија, додека левот повеќе нема да биде прифатлив за плаќање на стоки, услуги и обврски, соопшти Министерството за финансии на Бугарија.
Според законот за воведување на еврото во Бугарија, цените на стоките и услугите и понатаму ќе бидат истакнати во двете валути до 8 август 2026 година, со цел да се обезбеди транспарентност и да се спречат шпекулативни практики, јавија бугарските медиуми.
Граѓаните на Бугарија кои и понатаму поседуваат левови можат бесплатно да ги заменат во банките и во „Бугарски пошти“ до 30 јуни 2026 година, додека Националната банка на Бугарија (БНБ) ќе обезбеди бесплатна и неограничена замена на левовите во евра и по тој датум.
Министерството за финансии потсетува дека трговците веќе немаат обврска да примаат левови, а кусурот во секоја трансакција се враќа исклучиво во евра.
Бугарија на 1 јануари 2026 година официјално го воведе еврото и стана 21-ва членка на еврозоната, точно 19 години по влезот во Европската унија.
Регион
Државна секретарка од Црна Гора сакала да се самоубие поради секс скандал
Мирјана Пајковиќ, до неодамна државна секретарка во Министерството за човекови и малцински права на Црна Гора, поднесе оставка откако нејзините интимни снимки беа објавени во јавноста. Пајковиќ тврди дека не станува збор за секс скандал, туку за политичка пресметка и одмазда против моќна личност која ја пријавила за закани, а за сè го обвинува советникот на претседателот на Црна Гора и поранешен шеф на тајната служба, Дејан Вукшиќ.
Во својата исповед за Face.ba, таа опиша низ што поминувала, нагласувајќи дека нејзината безбедност е во опасност и дека се плаши за сопствениот живот.
„Се обидуваат да ме натераат да извршам самоубиство. Тешко ми е. Чувствувам дека моето тело ме издава, но морам да соберам храброст и јавно да зборувам за сè, започна Пајковиќ. Има ноќи кога се плашам да спијам затоа што не знам што ќе донесе новото утро. Ме малтретираат по телефон, ме додаваат во разни групи. Државните органи се немоќни. Некој сака да немам место ниту живот во Црна Гора“, тврди таа.
Пајковиќ истакнува дека ова не е секс скандал за неа, туку опасна порака испратена до секој што се осмелува да им се спротивстави на моќните.
„Вакви работи ми се случуваат по конфликт со највисокиот државен орган, со Вукшиќ. На тие видеа може да се утврди дека само јас сум на нив. Ако другата страна сакаше да биде повредена, ќе се покажеше и главата на човекот. Ова е голем тест за полицијата и обвинителството“, верува таа.
„Вукшиќ ми се закани со прогон и дека цела Црна Гора ќе ги види моите видеа. Мојата единствена среќа е што бев доволно прониклива да го снимам тој разговор. Знаев за каква личност станува збор, ми се закануваше неколку дена претходно. Го снимив за самозаштита. Ако го немав тоа видео, немаше да имам никакви докази за да го спасам мојот живот“, рече таа.
Регион
Превозниците од Србија донесоа одлука: прекината блокадата на граничните премини
Превозниците од Србија денес ќе престанат да го блокираат товарниот сообраќај на премините, изјави за Танјуг претседателот на Меѓународното транспортно деловно здружение, Неѓо Мандиќ.
„Сега ги информираме нашите редари кои се на границите да ги отстранат камионите што беа на чело на конвојот, за да може сообраќајот да се движи. Значи ги прекинуваме протестите“, рече Мандиќ по состанокот.
Превозниците од Црна Гора и Северна Македонија вчера ги прекинаа блокадите откако Европската комисија објави нова визна стратегија што ќе го реши проблемот со ограничувањата за престој на професионалните возачи во Шенген зоната, а сè уште се чека одлуката на превозниците од БиХ дали ќе донесат иста одлука, пренесуваат медиумите во соседството.
Мандиќ вели дека транспортерите од Србија донеле одлука за прекин на блокадите еден ден откако Европската комисија почнала да ја разгледува можноста за воведување специјални визи за професионалните возачи на камиони, што би им овозможило да останат подолго во земјите од ЕУ и непречено да ја извршуваат својата работа.
„Одлуката ја донесовме по вчерашното соопштение, бидејќи она што го добивме е доволно добар пат и она што го сакавме. А од друга страна, секако имаме ветување дека ќе има состанок на работната група во Брисел веќе во вторник, 3 февруари. Исто така, имаме дневен ред кој го содржи само она што дополнително го бараме, да донесеме краткорочни и долгорочни решенија сè додека не се спроведе она што е предвидено. Она што го сакаме се решенија за возачите повеќе да не бидат малтретирани или апсени“, рече Мандиќ, пренесува Танјуг.
Меѓународното транспортно бизнис здружение објави дека денес во 15 часот ја прекинале блокадата на товарниот сообраќај на премините и дека ќе продолжат да превезуваат стока.
Во соопштението се проценува дека секое понатамошно продолжување на нарушувањето на синџирите за товарен транспорт би ги ставило домашните производствени компании и граѓаните во тешка положба.
„Апелираме до Европската комисија, земјите-членки на Шенген, бизнисмените од Европа, сега свесни за важноста на непрекинатите транспортни синџири, да помогнат да се спречат повторно несфатливите апсења и депортации на нашите возачи. Очекуваме помош од другата страна и однос што го заслужуваат луѓето кои, во вонредни ситуации како што е пандемијата, беа единствените што носеа стока до сите нас во Европа. Да не чекаме додека не останеме без нив. Синџирите на снабдување не смеат повторно да бидат прекинати“, беше кажано од здруженијата, според написите.
Се чека одлуката на превозникот од Босна и Херцеговина
Мандиќ рече дека сè уште не добиле одговор од нивните колеги од БиХ дали и тие ќе ги суспендираат блокадите, но дека очекува тие да донесат иста одлука.
„Само чекаме нивен одговор, иако седевме со нив до 22 часот синоќа, 10 од нив беа таму и мислиме дека ќе донесат иста одлука, но тие не го направија тоа и не можат да кажат што ќе одлучат нивните тела, но веруваме дека ќе го одлучат истото“, истакна Мандиќ.
Во вторник, на 3 февруари, ќе се одржи состанок на министрите од сите земји од Западен Балкан со претставници на Европската комисија за проблемот со транспортерите од регионот во Шенген зоната, пренесуваат медиумите.

