Регион
Турција ја обвини IS за нападот во Истанбул
Екстремната сунитска организација Исламска држава (IS) е одговорна за самоубиствениот бомбашки напад во вторникот во Истанбул, во кој загинаа десет луѓе од кои девет се Германци, а напаѓачот влегол во земјата од соседна Сирија, објави турската влада.
Турскиот премиер Ахмет Давутоглу во телевизиското обраќање до нацијата за нападот ја обвини Исламската држава, ветувајќи дека ќе продолжи борбата против оваа џихадистичка организација. Давутоглу ги потврди претходните информации дека телефонски ја известил германската канцеларка Ангела Меркел. Претходно извори од неговиот кабинет изјавија дека девет од загинатите се германски државјани.
Сé уште никој ја нема преземено одговорноста за нападот во Истанбул кој се случи во 10.15 часот на плоштадот Султанахмет во близина на историските знаменитости и посетувани туристички дестинации Аја Софија и Сината џамија.
Германското министерство за надворешни работи објави дека е во контакт со турските власти и апелираше до своите државјани во Истанбул да ги избегнуваат местата на кои се собираат многу луѓе.
Во меѓувреме перуанското министерство за надворешни работи објави дека меѓу загинатите е и еден перуански државјанин, додека Перуанка е ранета во истиот напад.
Норвешкото министерство за надворешни работи, пак, потврди дека е еден нивен државјанин се здобил со „помали повреди“.
Турскиот вицепремиер Нуман Куртулмуш изјави дека напаѓачот влегол од соседна Сирија. Се верува дека станува збор за Сириец роден 1988 година, чии делови од телото се најдени на местото на нападот. Додаде дека во нападот се ранети 15 луѓе, од кои двајца се во тешка состојба, како и дека податоците за мртвите не го вклучуваат бомбашот.
Турските власти претходно Исламската држава ја обвинија за три големи самоубиствени напада од минатата година. Исламската држава, пак, никогаш не презема одговорност за ниеден напад во Турција. Турција од минатото лето започна борба со Исламската држава и со курдските милитантни на југоистокот земја.
Во Истанбул, исто така, дојде до спорадично насилство, а главно одговорноста ја преземаа радикалните левичарски групи.
Во експлозија на граната на аеродромот „Сабиха Ѓокчен“ на 23-ти декември загина едно лица, а одговорноста ја презема групата која се нарекува Соколи за слобода на Курдистан (ТАК) образложувајќи дека тоа е нејзин одговор „на фашистичките напади со кои курдските градови се претвораат во урнатини“.
Пред повеќе од една година жена се разнесе во полициската станица токму на плоштадот Султанахмет, убивајќи еден полицаец. Одговорноста ја презема радикалната лева група Револуционерна народна ослободителна партија/фронт (DHKP-C), а турските власти подоцна објавија дека жената била поврзана со исламистите.
Последниот поголем терористички напад во Истанбул се случи во 2003 година, кога милитанти најверојатно поврзани со Ал Каеда детонираа четири камиони бомби во два дена, при што загинаа најмалку 57 луѓе. Цели тогаш беа еврејски синагога, банка и британскиот конзулат./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

