Регион
Турската групација Доан преговара за отстранување на брендот Трамп, поради неговите изјави за муслиманите
Челниците на турската медиумска групација Dogan досега веќе двапати реагираа на изјавите на американскиот милијардер Доналд Трамп, искажани за време на кампањата за републиканската номинација за претседателските избори во 2016 година во кои тој истакна дека „нема да дозволи влез на муслиманите во САД“, и поради изастанок на одговор ќе преговараат за отстранување на брендот „Трамп“ од нивните недвижности.
Ханзаде Доан, член на управниот одбор на медиумската групација „Доан“ и ќерка на медиумскиот бос Ајдин Доан, реагираше со две писма во името на своето семејство и трговскиот и резиденцијален центар во Истанбул, „Трамп тауерс“ (Кулите Трамп), чиј сопственик е нејзиниот татко.
„Веднаш штом ги слушнавме изјавите на Доналд Трамп, испративме писмо во кое истакнавме дека зборовите на Трамп ги навредуваат и моето семејство, како и турскиот народ, муслиманите од целиот свет и целото човештво“, истакна Ханзаде Доан, која додаде дека поради тоа што не добиле никаков одговор на првото писмо, веднаш потоа напишале и второ.
Таа најави дека веќе во вторникот на пат за Њујорк е и една екипа од групацијата „Доан“ која ќе преговара за отстранување на името на Трамп од нивните недвижности.
„Единствената причина за формирање на партнерство со Трамп беше што таа марка во светот ги претставува престижните и луксузни недвижнини. Со зборовите искажани на претседателската кампања од страна на Доналд Трамп, таа се претвори во една политичка марка која се поврзува со вредности кои не ги споделуваме ниту ние, ниту турскиот народ, ниту милиони муслимани во светот или, пак, секој кој верува во универзалните човекови права. Како една искрена муслиманка, како и милиони муслимани во светот, и јас мислам дека исламот е религија на мирот и толеранцијата. Злоупотребата на нашата религија од некои радикални групи во терористички цели е неприфатливо и на никој начин не може да се доведе во врска со основните начела и учење на исламот. Голема грешка ќе се направи доколку легитимната борба против тероризмот се претвори во борба против исламот. Доколку тоа се случи, таква една борба нема да има победник“, истакнува Ханзаде Доан во двете писма напишани во име на холдингот „Доан“. /крај/мф/аак
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.
Регион
Лекари во Загреб вградиле мозочен стимулатор на маж со Паркинсонова болест : „Може да вози велосипед, да плива“
Уште еден голем успех на хрватските лекари. Тим хирурзи во болницата Дубрава прв во овој дел од Европа вгради мозочен стимулатор. Пред еден месец новата технологија ја примил загрепчанец кој поради Паркинсоновата болест речиси станал неподвижен.
„Поентата на таа електрода е што стимулира дел од мозокот и на тој начин ја подобруваме клиничката слика, а батеријата освен што стимулира, купува и информации од тој дел од мозокот што го стимулираме и на тој начин можеме да ги подобриме симптомите“, изјави неврохирургот Фади Алмахарик за RTL.
Во КБ Дубрава изминативе 24 години се врши длабока мозочна стимулација, но првиот пациент беше опериран со оваа најнова технологија на крајот на март. Станува збор за 67-годишен загрепчанец со Паркинсонова болест, кој сега е пуштен на домашно закрепнување.
„Во договор со неврологот, стимулацијата се вклучува, терапијата се намалува, пациентот веднаш по вклучувањето на стимулацијата покажува знаци на моторно подобрување. Беше отпуштен дома на физикална терапија и дополнително прилагодување на стимулацијата“, изјави неврохирургот Марина Рагуж.
Веднаш штом ги отстранивме шевовите по 10 дена, почнавме со стимулација и денес пациентот може да вози велосипед, да плива, да се врати на своето секојдневие“, вели хирургот.
Регион
Додик не го признава геноцидот во Сребреница: „Ќе однесеме цвеќе, ако не навредува никого“
Во четвртокот, лидерот на Србија во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар Поточари во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот на Бошњаците за време на војната, но тој повторно негираше дека таму имало геноцид.
Во интервју за новинската агенција на Република Српска, претседателот Додик најави дека владата и целото раководство на овој ентитет ќе заседаваат во Сребреница на 2 мај 2024 година, кога ќе се одржи дискусија пред Обединетите нации и се очекува гласање за Резолуција за осуда на геноцидот во тој град во летото 1995 година.
Резолуцијата е поддржана од дваесет земји, меѓу кои САД, Обединетото Кралство и Германија и се очекува нејзино усвојување. Целта е да се интернационализираат страдањата на Бошњаците во Сребреница.
Водечките српски претставници од Белград и Бања Лука, претседателите Александар Вучиќ и Милорад Додик, тврдат дека ова е обид да се префрли вината на српскиот народ.
„Република Српска нема да ја прифати резолуцијата за Сребреница за која ќе се одлучува во Генералното собрание на ОН бидејќи се што е напишано во неа е лага. Босна и Херцеговина не може да живее врз основа на тоа дека едната нација во неа е оквалификувана како геноцидна“, рече Додик.
Сепак, тој изрази подготвеност да им оддаде почит на жртвите од масакрот во Сребреница.
„Ако ни се укаже можност, на 2 мај ќе однесеме венци во Поточари, ако тоа не навреди никого. Не се плашам дека би можел да завршам како Вучиќ, кој дојде да им оддаде почит на жртвите, изрази сочувство, а доби камен во главата и никој не одговараше за тоа“, истакна Додик.
Тој смета дека Резолуцијата за Сребреница сепак нема да го добие потребното мнозинство на седницата на Генералното собрание на ОН.