Регион
Вучиќ нема да присуствува на фудбалскиот натпревар меѓу Албанија и Србија

Српскиот премиер Александар Вучиќ одлучил дека нема да присуствува на фудбалскиот натпревар меѓу Албанија и Србија кој во рамките на квалификациите за Европското првенство 2016-та ќе се одигра во Тирана, пренесува Блиц.
„Србија и Албанија изминатата година работеа многу на меѓусебното разбирање и воспоставувањето на редовни контакти кои придонесуваат за подобра политичка и економска соработка на двете земји, по децении на молчење и замрзнато непријателство. Почнавме да разговараме за големи и важни проекти, како што се изградбата на автопатот Ниш – Драч и пругата Белград – Подгорица – Скадар – Тирана. Добро знам дека денес полесно и попопуларно е да се дигне тензија, видејќи секогаш е поедноставно да се избере линијата на помал отпор и да се свртиме кон омразата, наместо кон рационалното согледување на иднината“, се вели во отвореното писмо на српскиот премиер до српската јавност.
„Сепак, сметам дека албанскиот премиер Еди Рама, како и раководството на Србија, преку размената на најдобрите студенти, им испратија важна порака, не само на нашите народи, туку и на целиот свет, сериозно и одговорно да гледаме во иднината на регионот, Србија и Албанија. Во согласност со тоа, но и поради несекојдневната политизација на еден спортски натпревар, после повеќе телефонски разговори со премиерот Рама, донесов одлука да не патувам во Елбасан, со што главните актери на фудбалскиот натпревар би биле спортистите“, порачал Вучиќ.
Тој додал дека како претседател на српската влада, најостро го осудува хулиганскиот напад на албанските навивачи над српските фудбалери, и побарал од албанските власти да се погрижат за тоа на сите кои ќе присуствуваат на овој спортски настан, да им биде обезбедена целосна сигурност пред, за време и по одржувањето на натпреварот.
„На нашите фудбалери им посакувам успех и победа, но пред се ги молам да се борат за грбот и знамето на Србија, и порачувам дека без оглед на тоа дали тие ќе победат или загубат, како претседател на Владата ќе ги пречекам и ќе им посакам многу нови победи во иднина“, заклучува Вучиќ во своето писмо до српската јавност./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Додик: Кога историјата се препишува, жртвите стануваат џелати, а ослободителите стануваат криминалци

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека е горд на фактот што Српска денес стои рамо до рамо со Русија во борбата против заборавот, посочувајќи дека ревизионизмот не е само опасност за историјата, туку и опасност за сегашноста и иднината, бидејќи ако дозволиме вистината да се промени, што нè спречува повторно да станеме жртви.
Додик го кажа ова во колумна за бањалучкиот „Глас Српска“ по враќањето од Москва, каде што присуствуваше на парадата по повод Денот на победата над фашизмот, каде, како што истакнува, Република Српска е препознаена како горд, достоинствен, цврст и искрен меѓународен актер.
„И таму, на Црвениот плоштад, стоев рамо до рамо со оние кои знаат што значи да се бориш и да умреш за слобода“, изјави Додик, истакнувајќи дека Република Српска е пречекана во Москва како пријател, и дека е горд што е под нејзиното име и што Република Српска има свое место меѓу оние кои се бореле против фашизмот и кои денес стојат зад вистината.
„Советскиот Сојуз направи незамисливи жртви. Повеќе од 27 милиони луѓе загинаа за време на Втората светска војна. Да, 27 милиони. Тоа се повеќе жртви отколку Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Франција заедно. Тоа е бројка што сведочи за тоа колку Русите ја платија цената за слободата на светот. Гледајќи ја парадата, се сетив на тие жртви. Се сетив дека без нив можеби немаше ни да постои денешна Европа, можеби немаше ни да постои слободата што ја земаме здраво за готово денес“, рече Додик.
„Двајца од тројцата најголеми светски лидери – Владимир Путин и кинескиот претседател покажаа дека се искрени пријатели на Република Српска. И во време кога светот минува низ големи промени, кои можат да се споредат само со оние по победата над нацизмот, Република Српска има пријатели на силни места. Пријатели кои знаат што значи да се бориш против хегемонијата, против препишувањето на историјата и вистината“, рече претседателот на Република Српска.
Ревизионизмот, истакнува тој, не е само опасност за историјата – тој е опасност за сегашноста и иднината.
„Затоа што ако дозволиме вистината да се промени, што нè спречува повторно да станеме жртви? Ако историјата се препишува, тогаш жртвите стануваат џелати, а ослободителите стануваат криминалци. Затоа денес, со ова искуство од Москва, велам: Нема да заборавиме. Нема да дозволиме да ни ја одземат вистината за нашата борба против фашизмот. Нема да заборавиме 27 милиони Руси и стотици илјади Срби кои ги дадоа своите животи за слобода“, изјави Додик.
Регион
Силен земјотрес го погоди грчкиот остров Крит

Земјотрес со магнитуда од 6,1 степени го погоди островот Крит во Грција во средата, објави ЕМСЦ.
Според објавените информации, земјотресот бил на длабочина од 71 километар.
Земјотресот бил почувствуван и во соседна Турција.
Засега нема информации за жртви и материјална штета.
Регион
Парламентот во Бугарија одби воведување на еврото

Претседателката на бугарскиот парламент, Наталија Киселова, го отфрли предлогот на претседателот Румен Радев за организирање референдум за воведување на еврото, велејќи дека тоа е спротивно на уставот, објави бугарската новинска агенција БТА.
Радев предложи одржување референдум за воведување на еврото следната година.
„Дали се согласувате дека Бугарија треба да ја воведе единствената европска валута „евро“ во 2026 година?“ е прашањето што би се поставило.
Владата го критикуваше ова, а еден министер рече дека тоа е обид за саботирање на нејзините напори за воведување на еврото.
Враќајќи го предлогот, Киселова рече дека тој е неконзистентен со неколку членови од бугарскиот устав и договорите на ЕУ, како и со одлуката на бугарскиот Уставен суд.
Бугарскиот Уставен суд претходно го отфрли барањето за организирање референдум за воведување на еврото.
Бугарската влада планира да го воведе еврото во јануари доколку Европската комисија и Европската централна банка во јуни оценат дека земјата ги исполнила сите критериуми.