Свет
Трамп формира советодавно тело од деловни луѓе
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп најави формирање на ткн „стратешки форум“ во кој ќе влезат 16 групни американски претприемачи со коишто ќе се советува во подготовката и оцените на сопствената економска политика.
Ова советодавно тело со коешто ќе претседава челникот на инвестицискиот фонд „Blackstone“, Стивен Шварцман, треба да го известува претседателот Доналд Трамп за тоа „како владините мерки влијаат врз економскиот раст, отворањето работни места и продуктивноста“, се наведува во соопштението на тимот за предавање на власта на новоизбраниот претседател.
Меѓу членовите на ова тело се и извршниот директор на банката „JPMorgan Chase“, Џејми Димон, на студијата „Walt Disney“, Боб Игер, на фабриката за автомобили на „General Motors“, Мејри Бара, и на произведувачот на авиони „Boeing“, Џим Мекнерни.
„Мојата администрација е одлучна во намерата да се потпира на стручноста на приватниот сектор и да ја намали владината бирократија која нашите компании ги спречува да вработуваат, да воведуваат иновации и да се развиваат на американска почва“, изјави Трамп, кој и самиот е директор на компанија и сопственик на империјата на недвижнини која го носи неговото име.
Трамп победи на американските претседателски избори, меѓу другото, благодарејќи и на ветувањето дека ќе ги сочува работните места во САД и рече дека е подготвен да воспостави директен дијалог со директорите на компаниите за тоа да се оствари.
Во четвртокот и се закани „со последици“ на компаниите коишто ќе посакаат да заминат од САД поради намалување на трошоците.
Како што уште се додава во соопштението, новоизбраниот претседател „почесто“ ќе се среќава со членовите на новото тело коешто првпат ќе се состане „во првата седмица од февруари“, по официјалната инаугурација и преземањето на должноста на 20-ти јануари.
И претседателот на заминување Барак Обама основаше консултативни тела составени од челници на компании, во прв ред ткн Советот за извоз во кој имаше дваесетина крупни бизнисмени./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Jапонскиот суд: Забраната за истополови бракови е уставна
Високиот суд на Јапонија денес пресуди дека забраната за истополови бракови во земјата не го крши Уставот, отфрлајќи ги барањата на тужителите за надомест, со што ја потврди позицијата на државата, објави „Кјодо“.
Одлуката на Високиот суд во Токио ја означи конечната пресуда меѓу шест слични тужби поднесени низ цела Јапонија. Претходните пониски судови имаа поделени мислења: некои сметаа дека забраната го крши Уставот, но ги отфрлија барањата за надомест, објавува Танјуг.
Во најновата тужба, осум тужители, вклучувајќи лица со истополови партнери, побараа околу 6.400 долари отштета, тврдејќи дека одредбите од граѓанското право што не дозволуваат истополови бракови го кршат уставното право на еднаквост и слободата на брак.
Јапонија останува единствената земја од Г7 што не ги легализира истополовите бракови или граѓанските заедници. Член 24 од Уставот, кој ја гарантира слободата на бракот, вели: „Бракот се заснова само на меѓусебна согласност на двата пола“.
Фото: ЕПА
Свет
Астронаут од Германија ќе биде првиот од Европа што ќе патува на Месечината
Првиот Европеец во една од идните мисии на американската агенција НАСА на Месечината ќе биде од Германија, а подоцна астронаути од Франција и Италија ќе ги следат неговите стапки.
Ова го објави генералниот директор на Европската вселенска агенција (ЕСА), Јозеф Ашбахер, во Бремен, Германија, каде што се одржува состанок на Советот на ЕСА, објави АФП.
ЕСА придонесува во американската програма „Артемис“ за враќање на човекот на Месечината со изградба на вселенското летало „Орион“ и компоненти за идната станица што ќе орбитира околу Месечината.
Одложувана неколку пати, мисијата на НАСА со екипаж за летање околу Месечината – „Артемис 2“, со приватни партнери како што е SpaceX, е закажана за почетокот на следната година, 2026 година, најдоцна во април, така што за време на десетдневното патување, четири астронаути ќе го тестираат вселенското летало „Орион“.
Ова би бил клучен чекор за враќањето на Американците на Месечината, што американскиот претседател Доналд Трамп го најави како итно, за време на неговиот прв мандат во 2017-2021 година.
Следната мисија „Артемис 3“ – првата по 1972 година што ќе спушти двајца астронаути на површината на Месечината, каде што треба да проверат дали навистина има замрзната вода, е планирана за 2027 или 2028 година.
За САД е важно ова да се случи пред Кина да го постигне тоа, чија цел е нивниот астронаут да слета на Месечината до 2030 година.
Фото: ЕПА
Свет
Ангела Меркел: Не ја обвинив Полска за војната во Украина
Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел остро ги отфрли обвинувањата дека ги смета Полска и балтичките држави за заеднички одговорни за избувнувањето на војната во Украина. Во интервју за германскиот јавен радиодифузен сервис Феникс, објавено вчера, Меркел ги нарече таквите толкувања лажни вести, нагласувајќи дека нејзините претходни коментари биле погрешно протолкувани.
„Мора да ги наречете лажни вести, што значи дека воопшто не биле кажани“, рече Меркел, додавајќи дека контроверзната изјава била само дел од дебатата за хронологијата на настаните опишани во нејзината книга „Freiheit“ (Слобода). „Цела година никој немал проблем со тоа… А потоа се случи голема бура бидејќи речиси никој повеќе не го чита оригиналот“, рече таа.
Кога директно ја прашаа дали има намера да ги обвини Полска или балтичките држави за започнување на војната, таа цврсто одговори: „Не. Сите не успеавме – и јас, сите други – сите не успеавме да ја спречиме оваа војна, вклучително и во нашите разговори со Американците“.
Контроверзноста започна по интервјуто што Меркел го даде за унгарскиот медиум „Партизан“ во октомври. Потоа таа се осврна на летото 2021 година, кога Полска и балтичките држави го отфрлија нејзиниот и предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за одржување директни разговори со рускиот претседател Владимир Путин. Предлогот беше одговор на натрупувањето руски трупи во близина на украинската граница.
Нејзините коментари предизвикаа лути реакции од лидерите на балтичките држави и Полска, кои ги протолкуваа како обид да се префрли дел од вината за руската инвазија што следеше шест месеци подоцна.
Во ново интервју за „Феникс“, Меркел подетално ја објасни позадината на нејзиниот предлог од 2021 година. „Неколку дена пред да го дадам овој предлог на Европскиот совет, американскиот претседател Џо Бајден се сретна со Владимир Путин. И едноставно не мислев дека е исправно што ние Европејците исто така не побаравме средба со Путин и дека целосно ѝ го оставаме тоа на американската администрација“, објасни таа.
„Затоа се залагав за овој нов предлог, а имаше отпор“, додаде таа, нагласувајќи дека нејзината изјава во никој случај не имплицира „припишување вина“ во врска со одговорноста за војната.

