Свет
Трамп именува климатски скептик на чело на агенцијата за околина
Избраниот американски претседател Доналд Трамп го избра Скот Пруит, поранешен обвинител или министер за правосудство на сојузната држава Оклахома и близок на индустријата на фосилни горива, на чело на Агенцијата за заштита на природната околина (EPA), соопштија во средата американските медиуми.
Скот Пруит, 48-годишен републиканец, го мина поголемиот дел од својата кариера како министер за правосудство во Оклахома во борба против агенцијата на чиешто чело е токму именуван. Пруит ја водеше судската битка против регулаторните мерки на претседателот Барак Обама, кои ги спроведуваше EPA, за намалување на емисијата на гасови кои го предизвикуваат ефектот на стаклена градина од електричните централи на јаглен.
Доналд Трамп во текот на кампањата вети дека ќе ги поништи законите и регулативата за заштита на околината и борбата против климатското затоплување, обвинувајќи го Обама дека му прогласил војна на јагленот, што беше чувствителна изборна тема во неколку сојузна држава во САД.
Рече и дека има намера да ги повлече САД, кои се вториот светски загадувач со ткн стакленички гасови по Кина, од Парискиот договор за климата кој кон крајот на 2015 година го потпишаа 192 земји.
Под водството на Скот Пруит, 28 сојузни држави поднесоа тужби против прописите со коишто EPA нареди намалување на емисијата на штетните гасови од електричните централи на јаглен. Во тој предмет Сојузниот суд ќе мора да донесе одлука, но експертите очекуваат дека предметот ќе се најде пред Врховниот суд.
Веќе има реакции меѓу заштитниците на околината кои го критикуваат изборот на Пруит, меѓу кои и сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, поранешниот кандидат на демократските предизбори против Хилари Клинтон./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Блинкен пристигнува во Израел, седми пат од почетокот на војната
Американскиот државен секретар во вторник ќе го посети Израел, седми пат по нападот на палестински Хамас на 7 октомври врз јужен Израел и војната што следеше со израелскиот одговор во Појасот Газа.
Јавниот сервис Кан објави дека Блинкен ќе дојде во Израел за да разговара за најавената операција на израелската армија во Рафах, како и за напорите да се обезбеди пауза во борбите и да се ослободат повеќе од 100 заложници кои ги држеше Хамас.
Блинкен моментално е во посета на Кина.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Европа
Уапсен украински министер
Украинските антикорупциски тела денеска го уапсија министерот за земјоделство Микола Солски. Судот на министерот му изрече превентивна мерка притвор во траење од 60 дена, до 24 јуни. Сепак, Солски ќе биде ослободен од притвор доколку плати кауција од 75,7 милиони гривни (околу 1,7 милиони евра).
Обвинителството побара притвор поради ризик од попречување на истрагата, влијание врз сведоци и бегство. Тие истакнаа дека Солски во текот на вонредната состојба неколку пати ја минувал границата.
Адвокатот одговори дека Солски ја преминал границата поради службени патувања, освен во еден случај кога заминал на договорено отсуство. Тој се осврна и на тоа дека Солски како функционер може да патува во странство само со согласност на премиерот. Тој исто така изјави дека нема докази дека Солски би можел да се меша во истрагата или да влијае на сведоците.
Солски вчера понуди оставка откако беше осомничен за вмешаност во незаконско стекнување државно земјиште. Обвинителите тврдат дека Солски бил фатен дека поседува државно земјиште во вредност од 291 милион гривни и дека се обидел да добие друго земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски ги негира обвиненијата, за кои обвинителите велат дека се однесуваат на настани од 2017 до 2021 година, пред да стане министер за земјоделство во март 2022 година. Солски е еден од најбогатите функционери во администрацијата на претседателот Володимир Зеленски.
Ако плати кауција, ќе мора да ја предаде својата обврзница на властите и нема да му биде дозволено да разговара со други осомничени и сведоци во случајот.