Свет
Венецуела: Претседателот Мадуро ослободи од затвор тројца опозициски активисти
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро ослободи тројца опозициски активисти кои во притвор минаа повеќе од еден месец, што претставува прв знак на попуштање од негова страна од почетокот на разговорите со неговите политички противници.
Социјалистичкиот претседател Николас Мадуро во текот на изминатиот викенд се сретна со претставниците на опозицијата на разговорите на коишто повика Ватикан. Тие го условија продолжувањето на разговорите со ослободувањето на политичките затвореници, како и одржување референдум за доверба на Мадуро.
Противниците, коишто имаат мнозинство во парламентот, го обвинуваат претседателот дека со влијание врз институциите го блокирал референдумот за негово отповикување на должноста и оти од Венецуела создал диктатура.
Властите ги ослободија тројцата активисти: Карлос Мело, Андес Морено и Марко Трехо, меѓутоа опозицијата тврди дека во притвор има уште повеќе од сто.
„Се надевам дека ова што ми се случи мене, ќе им се случи и на другите“, изјавува Мело на снимката емитувана по неговото ослободување. Мело беше уапсен во август и осуден за поседување експлозив кој наводно требало да биде употребен во пуч против претседателот Мадуро.
Морено и Трехо минаа еден месец во притвор поради обвинувањата дека му наштетиле на воениот морал со политичко-пропагндната снимка којашто прикажуваше војник кој пати од истите економски проблеми како и демонстрантите
„Ослободувањата мора да продолжат. Мора да ни биде овозможен референдум или да се одржат претседателски избори“, изјави Жезус Тореалба, секретар на опозициската коалиција Демократска унија, додавајќи дека во притвор уште останале познати опозициски лидери како Леополд Лопез, АнтониоЛедезмаи Мануел Розалес.
Редовните претседателски избори во Венецуела треба да се одржат кон крајот на 2018 година.
Мадуро, кој се бори со недостиг од основни продукти и енормно високи цени во проблематичната венецуелска економија како последица на падот на цените на нафтата која е еден од главните извори на девизи и приходи на земјата, тврди дека е жртвана заговор на опозицијата и „економската војна“ за колонизација на Венецуела која ја водат корпорациите со помош на САД./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

