Свет
За Трамп смешно е барањето за ново пребројување на гласовите
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ги нарече смешни барањата на кандидатката на зелените од претседателските избори одржани на 8-ми ноември Џил Стејн, повторно да се пребројат гласовите во сојузната држава Висконсин, која се смета за бастион на Демократската партија а каде што победи кандидатот на републиканците.
„Народот се изјасни и овие избори завршија“, се истакнува во соопштението на победникот на најнеизвесните американски избори во историјата Доналд Трамп.
„Како што Хилари Клинтон (демократската кандидатка – з.р) самата кажа во изборната ноќ, признавајќи ја победата и честитајќи ми: ’мораме да го прифатиме овој резултат и де се свртиме кон иднината’“, додава Трамп во писмената изјава.
Џил Стејн во петокот официјално поднесе барање за повторно пребројување на гласовите од претседателските избори од сојузната држава Висконсин, што според нејзината изјава би требало да започне „следната седмица“. Нагласи дека некои „изборни стручњаци утврдиле статистички неправилности кои предизвикуваат загриженост“.
Изборната комисија во Висконсин, во северниот дел на САД, потврди дека се „подготвува за повторно пребројување на гласовите“ согласно барањето на кандидатката на Зелените.
Стејн побара и ново пребројување и во Мичиген и во Пенсилванија, другите две држави во кои Трамп освои тесно мнозинство. За новото пребројување на го промени исходот од изборите, резултатот во сите овие три држави треба да биде во полза на Клинтон.
Претставникот на кампањата на Хилари Клинтон потврди дека таа ќе присуствува на новото пребројување на гласовите во државата Висконсин.
„Имајќи предвид дека во Висконсин е побарано ново пребројување на гласовите, ние ќе учествуваме за постапката на се спроведе на праведен начин за сите страни. Доколку Џил Стејн го спроведе она што го најави и побара пребројување и во Пенсилванија и во Мичиген, и во тие држави така ќе постапиме“, изјави адвокатот Марк Ерик Елијас./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Иран се подготвува за војна
Додека Соединетите Американски Држави продолжуваат со значително засилување на военото присуство на Блискиот Исток, Иран презема чекори за да ја демонстрира својата подготвеност за можен конфликт, вклучително со зајакнување на нуклеарните постројки и обновување на фабриките за ракети.
Иранските и американските преговарачи во вторник одржаа индиректни разговори во Женева, кои траеја три и пол часа, но не резултираа со конкретно решение. Иранскиот преговарач Абас Арагчи изјави дека е постигнат договор за „водечките принципи“, додека американскиот потпретседател Џ. Д. Венс рече дека Иран не ги разбира „црвените линии“ поставени од претседателот Доналд Трамп.
Сателитските снимки покажуваат дека Иран активно ги зајакнува своите воени бази и нуклеарни објекти. Во текот на последните месеци беа обновени клучни ракетни објекти, воздухопловни бази и фабрики за цврсто гориво, а повеќе нуклеарни постројки се покриваат со бетон и земја за да бидат заштитени од евентуални воздушни напади.
Satellite images show Iran building concrete shields over a sensitive military site, fortifying entrances at a location reportedly bombed by Israel in 2024 near Natanz amid tensions with the US.
Read more: https://t.co/XTuPAmV7CI pic.twitter.com/hGlv7rCEeC
— Al Arabiya English (@AlArabiya_Eng) February 18, 2026
Иран, исто така, го зајакна управувањето со воената структура, формирајќи нов Комитет за одбрана и назначувајќи воени ветерани на важни позиции, додека внатрешните протести беа брутално задушени.
Во меѓувреме, земјата одржа поморски воени вежби и демонстрации на моќ, вклучувајќи затворање делови од Ормутскиот теснец и заеднички операции со Русија, испраќајќи порака дека евентуална војна со САД би била тешка и скапа.
Експертите предупредуваат дека Иран брзо ги обновува своите ракетни и нуклеарни програми и дека конфликтот би бил комплициран и со висок ризик за сите страни.
Регион
По протестот на опозицијата во Тирана, 17 лица се уапсени, а 35 под истрага
17 лица се уапсени, а против 35 се води истрага на слобода, по протестот на албанската опозиција во Тирана кој ескалираше во тензии и судири со безбедносните сили, јави RTSH.
Инцидентите започнале кога дел од демонстрантите се судриле со полицијата во близина на кабинетот на премиерот Еди Рама. Според информациите, кон зградата биле фрлани молотови коктели.
Полицијата интервенирала со солзавец за да ја растера толпата. Подоцна протестот се префрлил кон зградата на парламентот, каде што биле регистрирани нови инциденти и фрлање запаливи средства, по што следувала нова полициска интервенција.
Во судирите се повредени повеќе лица, кои се пренесени во болница.
Од полицијата информираат дека протестот не бил претходно одобрен, наведувајќи дека имало информации за можни насилства, имајќи ги предвид претходните инциденти.
Демонстрантите побараа оставка од владата по обвинувањата за корупција против вицепремиерката Белинда Балуку.
Свет
Фицо ѝ се закани на Украина: Ако не добиеме нафта до понеделник, ќе ви ја исклучиме струјата
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, упати ултиматум до Киев, со кој најавува дека Словачка ќе ги прекине итните испораки електрична енергија за Украина ако до понеделник не се обнови транзитот на нафта кон земјата. Со ова се дополнително заоструваат веќе напнатите односи меѓу двете држави.
„Ако украинскиот претседател до понеделник не го обнови снабдувањето со нафта за Словачка, истиот ден ќе побарам од надлежните словачки компании да ги запрат итните испораки електрична енергија за Украина“, изјави Фицо.
Тој го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека се однесува злонамерно кон Братислава и дека не го цени мировниот пристап на Словачка. Фицо истакна дека Украина најпрво ја запрела испораката на гас, што, според него, предизвикало штета од 500 милиони евра годишно, а потоа и испораката на нафта, создавајќи дополнителни економски и логистички проблеми.
Премиерот нагласи дека Словачка од почетокот на војната ѝ помага на Украина, прифаќајќи околу 180.000 украински државјани, обезбедувајќи хуманитарна помош и организирајќи заеднички состаноци на владите.
„Словачка прави многу повеќе од некои други земји“, рече Фицо.
Тој додаде дека односите не можат да бидат еднострана улица и дека Словачка како суверена и горда држава не може да прифати однос од кој единствено Украина има корист.

