Свет
Амбасадорите на ЕУ и САД во Москва нема да присуствуваат на инаугурацијата на Путин
Амбасадорите на Европската Унија и Соединетите Американски Држави во Москва нема да присуствуваат на церемонијата на инаугурација на рускиот претседател Владимир Путин.
Портпаролот на ЕУ Петер Стано рече дека оваа одлука е во согласност со ставот на мнозинството земји-членки на блокот.
„Нашиот амбасадор нема да присуствува, повеќето земји-членки нема да присуствуваат“, рече Стано, а пренесе Ројтерс.
Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер изјави дека американскиот амбасадор во Москва нема да присуствува на инаугурацијата на рускиот претседател.
Ројтерс вчера објави дека францускиот амбасадор во Русија ќе присуствува на инаугурацијата, за разлика од Германија која нема да испрати свој претставник.
Неименуван извор за агенцијата изјавил дека Париз претходно го осудил „контекстот на репресијата во кој се одржаа изборите, лишувајќи ги гласачите од вистински избор“, како и организирањето избори на украинските територии „окупирани“ од Русија, за кои Франција смета дека има прекршување на меѓународното право и повелбата на Обединетите нации.
Германија најави дека нема да испрати свој претставник на инаугурацијата на Путин.
Балтичките земји, кои веќе немаат дипломатски претставници во Москва, исто така категорично ја отфрлија можноста да присуствуваат на инаугурацијата на Путин.
Денеска ќе се одржи инаугурацијата на рускиот претседател Владимир Путин, со што и официјално ќе започне неговиот петти шестгодишен мандат.
Путин на претседателските избори во март освои 87,28 отсто од гласовите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хеликоптерот со иранскиот претседател Ебрахим Раиси доживеа „тешко слетување“
Хеликоптерот со иранскиот претседател Ебрахим Раиси доживеа „тешко слетување“, објави иранската државна телевизија, без веднаш да даде детали.
Раиси отпатува во иранската провинција Источен Азербејџан. Државната телевизија соопшти дека инцидентот се случил во близина на Џолфа, град на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од иранската престолнина Техеран, а спасувачите биле отежнати од силниот ветер и дождот.
Сè уште нема официјална информација за тоа во каква состојба е Раиси.
Раиси беше во Азербејџан во неделата рано наутро на отворањето на браната со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев.
Иранската државната новинска агенција ИРНА објави дека хеликоптерот „паднал во несреќа во општата област Варзеган“ во провинцијата Источен Азербејџан, а покрај Раиси, во хеликоптерот имало уште неколку официјални лица, меѓу кои и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан.
Тешките временски услови и густата магла ги отежнаа напорите на спасувачките тимови, соопшти иранската државна телевизија.
Регион
Загинаа две лица, а пет се водат како исчезнати по судар на чамец и крузер во Дунав кај Будимпешта
Две лица го загубија животот доцна синоќа, а пет се водат за исчезнати во судар на мал моторен чамец и крузер на реката Дунав северно од Будимпешта, соопшти денеска унгарската полиција.
Телата на возрасен маж и жена се пронајдени северно од главниот град, а властите се уште трагаат по пет исчезнати лица.
Сома Чечи, портпарол на полицијата во Будимпешта, на прес-конференција рече дека, според досегашните сознанија, во чамецот имало вкупно осум возрасни лица и потврди дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати. Тројца мажи и две жени моментално се бараат со глисери и дронови, јавуваат унгарските медиуми.
Полицијата соопшти и дека во градот Комаром бил запрен поголем брод, а од увидот било откриено дека му е оштетен страничниот дел. Се врши увид и во тек е истрага за опасноста по водениот пат и смртта на неколку лица.
Регион
По обидот за атентат словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност
Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.
Состојбата на Фицо се подобрува, а лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.
Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула.