Свет
Во Париз почина 16-годишно девојче, се верува дека е најмладата жртва во Европа
Шеснаесетгодишната Џули А. е најмладата жртва на коронавирусот во Франција, а се претпоставува дека е и најмладата жртва во Европа, пренесеува АФП.
Џули починала вчера во Париз и таа е една од вкупно 1.696 жртви на коронавирусот во Франција. Мајка ѝ за АФП изјавила дека Џули имала блага кашлица пред една недела, а во саботата почувствувала и тешкотии со дишењето.
Таа била примена во болница и тестирана, при што се покажало дека е позитивна на коронавирусот. Нејзината состојба драстично се влошила за неколку дена и вчера починала.
Џули живеела јужно од Париз. Нејзината сестра преку медиумите предупредила на фактите дека вирусот не е опасен само за постарите и болни лица.
„Од почетокот ни зборуваа дека вирусот не влијае силно на младите луѓе. Верувавме во тоа, како и сите други“, рекла мајката на Џули.
Според информациите, Џули немала никакви здравствени проблеми, ниту страдала од хронични болести.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: „Не можам да се ослободам од Маск не сака да си оди дома“
Милијардерот Илон Маск, речиси постојано беше во резиденцијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Мар-а-Лаго на Флорида во текот на неделата по изборите, што почна да го иритира опкружувањето на Трамп, пренесува NBC News, повикувајќи се на свои извори.
Според медиумот, присуството на Маск почнало да ги заморува луѓето кои биле во потесниот круг на Трамп подолго од бизнисмените, бидејќи наводно веруваат дека Маск ја надминува својата улога.
Тој се однесува како да е копретседател и сака да се погрижи сите да знаат за тоа. Тој дава голема заслуга за победата на претседателот. Тој се обидува да направи Трамп да се чувствува должен кон него. А претседателот никому ништо не должи – изјавил еден од соговорниците на каналот.
Според NBC News, Маск пристигнал во Мар-а-Лаго на 5 ноември за да ги следи изборните резултати и таму го поминал поголемиот дел од следната недела. Според извори на каналот, милијардерот се појавува во резиденцијата во секое време од денот, седи со Трамп и се придружува на неговите повици и состаноци. Претходно беше објавено дека Маск учествувал во разговорот на Трамп со украинскиот претседател Володимир Зеленски и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Друг извор вели дека Маск „има мислење за сè“ и го споделува толку упорно што станал непријатност за опкружувањето на Трамп.
– Сака да го гледаат како се прашува за се. Дури и да не е така – додал соговорникот на каналот.
Самиот Трамп зборуваше топло за Маск на средбата со републиканците во Претставничкиот дом, пишува NBC News. Во еден момент тој рече:
– Илон не сака да си оди дома. Не можам да се ослободам од него.
Конгресмените тврдат дека оваа изјава е дадена како шега.
Во изјавата за односот меѓу Трамп и Маск, портпаролката на новоизбраниот претседател, Керолин Левит, ги нарече големи пријатели кои работат на тоа Америка повторно да биде голема.
За време на изборната кампања на Доналд Трамп, Илон Маск стана значајна личност во неговата околина, пишува ABC News. Тој му помогна на политичарот во финансирањето на кампањата и помина многу време со него. Според каналот, бизнисменот почнал да влијае и на кадровските одлуки на Трамп.
Трамп, кој веќе почна да ја формира својата администрација, ги избра Маск и милионерот Вивек Рамасвами да го водат новото американско Министерство за владина ефикасност.
Свет
Песков: Русија и САД имаат многу проблеми, тешко е да се избере најголемиот
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска изјави дека списокот на спорни точки во односите меѓу Русија и Соединетите Американски Држави е „толку огромен“ што е тешко да се избере приоритет за дискусија.
„Ова не е единственото прашање што може да и се постави на американската страна. Агендата на проблеми е толку голема што би било погрешно да се издвои едно прашање како приоритет“, рече Песков, одговарајќи на прашањето на ТАСС дали има надеж дека со доаѓањето на тимот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп треба да се отстранат пречките за нормално функционирање на руското претставништво во ОН.
„Рано е да се шпекулира за надежи“, додаде Песков.
Претходно, рускиот премиер Михаил Мишустин во Баку се сретна со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Тој ја изрази својата загриженост за, како што наведе, незаконските американски визни ограничувања, кои ги спречија руските претставници да учествуваат во активностите на телата на Генералното собрание на ОН.
Мишустин укажа и на потребата од мерки кои обезбедуваат почитување на меѓународните договори за статусот на седиштето на ОН.
Свет
Израелски министер: Израел е поблиску од кога било до договор за прекин на огнот со Хезболах
Израелскиот министер за енергетика Ели Коен денеска изјави дека Израел е поблиску до постигнување договор за прекин на огнот со либанскиот Хезболах отколку што беше од почетокот на војната.
Коен, член на безбедносниот кабинет на израелската влада, сепак, во изјава за Ројтерс рече дека Израел мора да ја задржи слободата на дејствување во Либан доколку се прекрши некој договор.
Клучниот камен на сопнување за Израел, како што рече министерот, е обезбедувањето слобода на дејствување доколку Хезболах се врати во пограничните области каде што може да претставува закана за израелските заедници.
„Помалку ќе простуваме од претходно за обидите да се создадат упоришта на териториите во близина на Израел“, рече Коен.
Израелските медиуми објавија дека одговорот на Либан на предлогот за прекин на огнот испратен до Бејрут од САД би можел да пристигне во следните 24 часа.
Министерот за стратешки прашања Рон Дермер оваа недела разговараше во Вашингтон со претставници на администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден за последните детали од предлогот, вклучително и писмени гаранции дека Израел има слобода на дејствување против заканите на Хезболах во Либан.
Дермер се сретна и со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар неодамна изјави дека е постигнат одреден напредок во напорите да се постигне прекин на огнот во конфликтот со Хезболах.
Малку подоцна израелскиот министер за одбрана Израел Кац објави дека Израел нема да се повлече додека не се постигнат целите на војната.
Тој го повтори ова во средата и изјави дека целта е да се разоружа Хезболах, да се истурка оваа проиранска организација преку реката Литани и да им се овозможи на жителите на северен Израел безбедно да се вратат во своите домови.
Според податоците на либанските власти, од почетокот на конфликтот меѓу Израел и тешко вооружената организација, ден по почетокот на војната во Газа, на 8 октомври минатата година, загинале повеќе од 3.200 луѓе, главно цивили. Повеќето од нив починале од крајот на септември.
76 лица загинаа во Израел, од кои 31 војник, според Асошиејтед прес.