Свет
САД открија руски план за подметнување пожари на американски летови, Путин предупреден, објави „Њујорк тајмс“
Русија се подготвуваше за диверзантски операции против САД со поставување експлозивни направи во товарни пратки и испраќање со авион. Како одговор САД го предупредија рускиот претседател Владимир Путин за последиците од поддршката на тероризмот, објави „Њујорк тајмс“ цитирајќи неименувани извори.
Во декември, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Русија долго време не води прикриена, туку отворена војна против земјите на НАТО. Тврдењата на Руте следуваа по извештајот на ОБСЕ, кој покажа дека Русија извршила приближно 150 напади врз земјите на НАТО од почетокот на војната во Украина. Овие напади вклучуваат сајбер-напади врз железници, болници, ГПС-системи и водни мрежи. Извештајот исто така ги нагласува хакирањето, саботажата и заканите за воените објекти и подводната инфраструктура.
Потеклото на операцијата со запаливи уреди датира од летото кога на аеродромите и магацините во Германија, Велика Британија и Полска почнаа да се палат навидум безопасни товарни пратки. САД и Европа беа убедени дека Русија стои зад овие инциденти.
До август, според „Њујорк тајмс“, претставниците на Белата куќа станале сè позагрижени за разузнавачките извештаи, кои сугерирале дека Москва планира многу поширока операција – пренесување на војната од Украина на американска почва.
За време на серијата состаноци во собата за кризни ситуации, високите советници на претседателот Џо Бајден ги анализираа пресретнатите комуникации меѓу високи функционери на руската воена разузнавачка служба ГРУ. Овие дискусии опишаа пратки на стоки за широка потрошувачка, кои се запалија, вклучително и мал електричен масажер што се користеше како уред за тестирање.
Кога Русите сфатија како се движат пакетите низ безбедносните системи на воздушниот товар и колку долго трае транспортот, следниот чекор беше да ги испратат овие предмети на летовите до САД и Канада со цел да предизвикаат пожари откога ќе се истоварат пратките.
Карго-авионите беа примарна грижа иако патничките летови понекогаш носат и помали пакети во делот за багажот.
Во август американскиот секретар за внатрешна безбедност, Алехандро Мајоркас, воведе построги мерки за проверка на товарните пратки што влегуваат во САД, според „Њујорк тајмс“. До октомври, по повеќекратните предупредувања, тој изврши притисок врз извршните директори на големите авиокомпании да ги забрзаат мерките за да се спречат катастрофи во текот на летот. Некои од овие безбедносни мерки беа јавно објавени, а други останаа во тајност.
Зад затворени врати претставници на Белата куќа се обидоа да утврдат дали рускиот претседател Владимир Путин лично го наредил планот за саботажа или не бил информиран. Неколку официјални лица сугерираа дека диверзантските дејства би можеле да бидат дело на офицерите на ГРУ, кои дејствуваат според општа директива за зголемување на притисокот врз САД и нивните сојузници во НАТО.
Според извори на „Њујорк тајмс“, предупредувањата на крајот му биле доставени на Путин и се чини дека имале ефект. Пожарите во Европа барем засега престанаа. Сепак, останува нејасно дали Путин лично наредил прекин на операциите и колку долго ќе трае затишјето. Постои можност Русија да го искористила ова затишје за да развие понапредни уреди, кои потешко ќе се откријат при идни диверзантски напади, заклучуваат американските медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Почина патник на лет од Париз
Патник почина на летот на „Ер Франс“ од Париз за Бостон и покрај обидот на лекарот да го спаси.
Патникот доживеал итна медицинска ситиуација за време на повратниот лет за Бостон, според извештаите, пишува „Дејли мејл“.
Полицијата ја опиша смртта како „неочекувана“, но не соопшти повеќе детали.
Идентитетот на лицето нема да биде објавен додека најблиските не бидат известени.
Свет
Ердоган ги повикува сите земји да ги „држат рацете подалеку“ од Сирија, бидејќи Турција ќе ги уништи терористите
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги повика сите земји да ги „држат рацете подалеку“ од Сирија, бидејќи Турција има капацитет и способност да ги уништи сите терористички организации во земјата, вклучително и курдската милитантна група и Исламската држава.
За време на говорот во парламентот, Ердоган рече дека курдската милитантна група ЈПГ е најголемиот проблем во Сирија по соборувањето на поранешниот претседател Башар ал Асад, пренесе Ројтерс.
Тој додаде дека групата „ќе го исполни својот крај“ доколку не го положи оружјето.
Тој исто така рече дека доколку забранетата Курдска работничка партија го игнорира повикот на нејзиниот лидер Абдула Оџалан да го остави оружјето, Турција ќе ја постигне својата цел за елиминација „на друг начин“.
Свет
(Видео) Рама на колена ja изненади италијанската премиерка Мелони со шaл и роденденска песна
Албанскиот премиер Еди Рама денеска и подари шал на својата италијанска колешка Џорџа Мелони и и пееше роденденска песна за да го прослави нејзиниот 48-ми роденден.
Edi Rama – Giorgia Meloni – Abu Dhabi – Birthday gift pic.twitter.com/GvGktJu1c9
— News video (@Newsvideo13) January 15, 2025
Рама, кој е многу повисок од Мелони, клекна на колена за да и даде подарок и да и отпее „танти аугури“ (среќен роденден) додека двајцата лидери присуствуваат на Светскиот самит за идна енергија во Абу Даби.
Шалот е дело на италијански дизајнер кој се преселил во Албанија, и објасни Рама на Мелони.
Двајцата лидери имаат добри работни односи и покрај нивните спротивни политички убедувања, пишуваат медиумите во регионот.