Топ
Нефи Усеини и брат му во притвор

Охридскиот советник Нефи Усеини и брат му Ибро Усеини се приведени и спроведени во осумдневен притвор поради нападот на нивниот сограѓанин Спире Топалоски, потврдија за „Макфакс“ од МВР. Полицијата не можеше да ги пронајде изминативе шест дена, а неофицијално, сега сами се пријавиле во полициска станица. Судот им ја изрече оваа мерка поради можноста за повторување на делото, влијание врз сведоци и бегство.
Полицијата веќе изврши претрес во домовите на осомничените, но не ги пронајде бидејќи и двајцата се во бегство. Исто така, одземени се и снимките од објектот во кој се случил инцидентот, а од нив е констатирано дека бил употребен пиштол во нападот на Топалоски.
Нападот на Топалоски се случи пред два дена пред познат охридски хотел. Според сведочењето на нападнатиот за „А1он“, Усеини заедно со брат му и уште две лица првин им извадиле пиштол нему и на неговото малолетно дете, а потоа со оружјето го мавале по главата.
„Сега сум решен – или ќе ме убие или ќе го убијам. На 14-годишно дете, на син ми, пиштол му извади. Жена ми плаче, мајка ми плаче. Око за око, заб за заб. Или државата да преземе нешто за овие што го пустошат целиот град или ќе одам до крај за тоа што на детето мое му извади пиштол. Еден криминалец не може да тероризира секого и секогаш тој да е во право. Целиот сум со дупки“, изјави Топалоски дента кога се случи инцидентот.
Ова не е прв инцидент во кој учествувал советникот Нефи Усеини. Усеини во април минатата година спречи инспектор да изврши увид на дивоизградената тераса кај Чинарот, а притоа и му се заканувал. Обвинителството отвори предмети два месеца потоа, односно неколку дена пред Усеини да го натепа советникот во Општина Охрид, Џемал Мена, среде седница.
Охридскиот советник е ослободен од еден случај – за физичкиот напад на професорот Илјаз Илјази, кој беше натепан пред неговото престојувалиште во Охрид. Обвинителството изјави дека не знае за настанот, односно не добило пријава од СВР Охрид.
По повеќе од една година, сите предмети отворени против Усеини во охридското Обвинителство тапкаат во место. Од таму последно изјавија дека поради пандемијата, обвинителите работат само на итните случаи, а предметите што се во редовна постапка, како оние за Усеини, ќе се разгледуваат во наредниот период кога ќе се врати нормалното работење на Основното јавно обвинителство Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски-Кос: нагласена определбата на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински реформи

Премиерот Христијан Мицкоски, денес во Скопје оствари средба со еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос, која престојува во дводневна посета на земјава по повод лидерскиот самит на Европската Унија и Западен Балкан.
На средбата се разговараше за европската перспектива на регионот, со фокус на спроведувањето на реформите, реализацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и унапредувањето на соработката со европските институции.
Мицкоски ја истакна цврстата определба на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински реформи во областите на владеењето на правото, економскиот развој и дигиталната трансформација.
Еврокомесарката Кос ја поздрави реформската агенда на Владата и ја потврди поддршката на Европската комисија за напредокот на Регионот на европскиот пат.
Премиерот нагласи дека средбата претставува потврда за зголемената улога на државата во регионалните и европските процеси, како и признание за новата енергија со која Владата ги води реформите и создава предвидлива и стабилна иднина за сите граѓани.
Македонија
Достапни се лековите за третман на онколошки заболувања, сите пациенти ја добиваат потребната терапија, вели директорот

Од Клиниката за радиотерапија и онкологија информираат дека сите пациенти ја добиваат потребната терапија и дека се достапни лековите за третман на онколошки заболувања.
-Лекот Paclitaxel е навреме нарачан од Клиниката, но заради застој во дистрибуцијата, најавено ни е дека овие денови ќе биде дистрибуиран на клиниката. За Paclitaxel има замена од истата група на лекови со идентична ефикасност и тоа е docatexel-от. Исто така, лекот Еrlotinib, се заменува кај пациентите со Gefitinib кој има идентична ефикасност. Тендерите се навреме спроведени, очекуваме овие лекови да пристигнат во првата недела од јули. Во меѓувреме уверувам дека за сите терапии има квалитетна замена и континуитетот во лекувањето е целосно обезбеден, информира Игор Стојковски, директор на Клиниката за онкологија.
Годинава, според надлежните, е двојно зголемен условниот буџет на Клиниката за радиотерапија и онкологија за иновативни лекови.
Македонија
Нема повредени лица во запалениот глисер во Охридското Езеро

Денеска во 10,30 часот, во полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“, пријавено е дека на пловен објект глисер кој бил во водите на Охридското Езеро, кај каналот „Студенчишта“, марка „Aquaviva 23“, сопственост на Н.С.(47) од Охрид, настанал пожар.
Од СВР Охрид велат дека повредени лица нема, а предизвикана е материјална штета на глисерот како и на други два глисери кои биле закотвени во негова близина.
„Врз запалениот пловен објект, веднаш интервенирале припадниците на езерската полиција, на сообраќајната полиција како и припадници на армискиот центар за обука на вода кои, од глисерот го отстраниле К.П.(24) од Охрид и со соодветна опрема за гасење, отпочнале со гасење на пожарот. Набрзо им се придружиле и пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Охрид со што е спречено натамошно ширење на пожарот а повикана е медицинска екипа од Итната медицинска помош“, велат од полицијата.
По насоки на јавен обвинител, на местото извршен е увид во присуство на полициски службеници, претставници од охридската капетанија на пристаништа. Глисерот е одземен за понатамошни вештачења.