Топ
Ангела Ѓорѓиевска осудена на 19 години затвор за соучесништво во убиството на Пино
Ангела Ѓорѓиевска доби 19-годишна казна затвор поради свирепото убиство на Пино Секондо. Судијката Ленка Давитковска ја прогласи за виновна, односно дека помогнала во извршување на убиството што се случи во 2018 година, а неговото тело беше пронајдено во април 2019 година, кај местото наречено Башинец, во атарот на селото Љуботен.
Во бегство е извршителот на убиството, кој го застрелал Секондо со пушка и сè уште не им е достапен на органите на прогонот.
Според обвинението, осудената го повикала Пинета Секондо – Пино и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров. Таму веќе бил пристигнат и другиот осомничен со возило „опел аскона“ носејќи со себе пушка. Тој го оставил возилото на насипот и седнал да управува со автомобилот „шкода“ со кое оштетениот дошол до насипот. На совозачкото место седнала обвинетата, а оштетениот седнал на задното седиште.
Обвинителството тврди дека тројцата се упатиле по обиколницата кон атарот на селото Арачиново и во една нива почнале најпрвин вербална расправија, а потоа и тепачка. Во еден момент обвинетиот со пушката го застрелал во главата оштетениот Пинета Секондо. Притоа, осудената дала особен придонес кон извршување на делото, така што овозможила да се сретнат, иако знаела за нивната меѓусебна нетрпеливост. Таа го повикала оштетениот, била присутна во моментот на неговото лишување од живот, а потоа заедно со другиот осомничен го ставиле телото на починатиот во багажникот на возилото. Заедно тие се упатиле кон гробиштата во селото Сингелиќ, а потоа се движеле низ планината кон Љуботен. На едно место здогледале дупка, па обвинетата и нејзиниот соизвршител го оставиле телото во дупката покривајќи го со ќебе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Беким Сали ќе го наследи Изет Меџити како прв вицепремиер
Портпаролот на коалицијата ВРЕДИ, Дритон Сулејмани, денеска потврди дека Беким Сали ќе биде новиот прв вицепремиер, на местото на Изет Меџити кој стана градоначалник на Општина Чаир.
За нов министер за животна средина и просторно планирање, на местото на Меџити, сè уште се одлучува.
Беким Сали претходно беше министер за здравство од 2022 до 2023 година.
Сулејмани истакна дека ВРЕДИ ќе продолжи да функционира како единствен политички субјект, без поделби по партии, како и досега.
Во осврт на изборните резултати, тој оцени дека локалните избори ја потврдиле новата политичка реалност во земјата и дека ВРЕДИ станува втора политичка сила на државно ниво, со доминација во албанскиот политички блок.
Како примери на успех, Сулејмани ги посочи победите на Билал Касами во Тетово, Фети Абази во Боговиње и Даут Мемиши во Теарце, а резултатот во Чаир го нарече јасна порака од граѓаните против старите политики.
Македонија
Македонија треба да ги спроведе уставните измени, порача Кос
Презентирајќи ги извештаите за земјите кандидатки за членство во ЕУ, пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, еврокомесарката за проширување Марта Кос накратко спомена дека Северна Македонија е целосно усогласена со Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и дека продолжува со работата на деловите поврзани со Кластерот 1.
Северна Македонија мора да ги направи уставните измени за да го продолжи својот пат кон Европската Унија, порача таа.
„Северна Македонија, како што реков, остана целосно усогласена со CFSP (Заедничката надворешна и безбедносна политика) и ја продолжи техничката работа на Патоказите и на Акцискиот план поврзани со Кластерот 1, но земјата не презеде одлучни чекори да напредува во процесот на пристапните преговори во изминатата една година.
Таа мора да ги донесе уставните измени согласно заклучоците на Советот на Европа од 2022 година за да напредува на својот пат кон Европската Унија“, нагласи Кос.
Фото: принтскрин
Македонија
Мицкоски од Брисел: Ги повторивме нашите единствени позиции за Македонија
Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека во Брисел имал пријателска средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
„Првата средба ја имавме точно пред една година кога господинот Кошта беше избран за претседател на Европскиот совет и од тогаш до денеска негуваме навистина пријателски и искрени односи. Господинот Кошта е голем пријател на Македонија и во таков дух помина денешната средба.
Повторно разговаравме за актуелните теми, нормално приближувањето на нашата земја кон Европската Унија и конечно формалното отпочнување на преговорите“, појасни Мицкоски.
На состанокот како што вели, биле повторени „нашите единствени позиции“.
„Тоа се навистина позиции достоинствени после сите оние понижувања кои што ни се случија во минатото, изминатите 25 години откако практично почна овој наш пат кон приближување кон Европската Унија.
Имавме пријателски и би рекол прилично продуктивен состанок, едноставно сето она кое што претставува наш приоритет е и приоритет на господинот Кошта. Покрај приближувањето кон ЕУ и отпочнувањето на преговорите, имаше уште неколку проекти кои што се за нас стратешки важни, тоа е гасниот интерконектор со Србија и крак на гасниот цевковод кон соседно Косово. Понатаму, тарифите за челикот и челичните производи на македонските производители, како и заедничкиот проект што нашата македонска Влада ќе го има со Европската комисија, а се однесува на проектите кои што треба да ги реализираме во Кочани и во кочанскиот регион.
Сè на сè, можам да кажам дека исклучително успешна и продуктивна средба, продолжуваме и понатаму со нашите средби овде во Брисел. Имаме настан со Еуроњуз, вечер имаме вечера со комесарката Марта Кос и се надевам и сигурен сум на позитивни вести“, вели Мицкоски.

