Топ
(Видео) Мемети: Го претепале и го натерале да каже дека паднал од скали
„Го претепале и го натерале потоа да каже дека паднал од скали“, „полицаец малтертирал дете во училиште кое сакало да протестира против екстерното тестирање“, ова се дел од објавите на народниот правобранител Иџет Мемети на денешната дебата организирана од „НВО инфоцентар“ и Хелсиншкиот комитет за човекови права за граѓанскиот мониторинг врз полицијата.
Мемети покажувајќи и слики и материјални докази рече дека тие завршувале во Обвинителството, но никогаш не биле процесирани. Тој ја спомена обвинителката Гордана Гешкоска, која, како што рече тој, одбила да му ја прими кривичната пријава и му велела „не ми отворај такви теми“. Омбудсманот потенцира дека затаил Секторот за внатрешна контрола при МВР, кој треба да реагира по претставките и жалбите на граѓаните. За периодот 2016/2017 година институцијата народен правобранител поднела 3 кривични пријави против затворски чувари и 5 кривични пријави против полицајци за излегување од службените овластувања. Тој го спомена и случајот „Сопот“, за кој, како што рече, многу претходно алармирале дека исказот на сведокот на кој е заснована пресудата е даден под присила и дека има мачење и нечовечко постапување.
Мемети рече дека и оваа власт сака преку неодобрувањето дополнителни средства за работата на Омбудсманот да ја има контролата врз оваа институција. Според студијата, народниот правобранител треба да има најмалку 94 вработени лица, а моментално работат 64 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Гаши од Вашингтон: Северна Македонија останува лојален сојузник на НАТО и посветен партнер на САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, САД, денеска се обрати на Форумот за безбедност на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, при што се дискутираше за безбедноста и зајакнувањето на трансатлантската соработка.
Гаши кажа дека посветеноста на нашата земја кон НАТО е силна, водена од убедувањето дека ниту една нација не може сама да ја гарантира својата безбедност.

„Северна Македонија придонесува со дисциплина, стои покрај своите сојузници, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку дела. Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, рече Гаши.
Тој додаде дека Македонија е лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на САД.
„Ние стоиме како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави. Како што има истакнато претседателот Џон Ф. Кенеди: „Им ветуваме лојалност на лојалните пријатели. Бидејќи обединети, има малку нешта што не можеме да ги направиме; поделени, има малку нешта што можеме да ги направиме.“ А децении подоцна, претседателот Џорџ В. Буш го потврди овој двопартиски принцип, потсетувајќи нè дека „за да го обновиме нашето единство, доволно е да се потсетиме на нашите вредности““, рече Гаши.
Во истиот дух, додаде тој, Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. „Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната Трансатлантска алијанса“, рече Гаши.
Македонија
Алиу истражува, но се сомнева дека ќе најде податоци за извозот на мозоци: Истечени се сите рокови за архивирање на документите
Стариот закон ги обврзува институциите да ги чуваат документите за извоз на мозоците како биолошки материјал 15 години, а новиот, од 2018 година вели да се чуваат 25 години. И по двата закона роковите се истечени и институциите немаат обврска да ја чуваат документацијата за извозот кој се случил пред 30 години. Вака министерот за здравство Азир Алиу објасни за истрагата која се прави во Министерството за извезените мозоци од починати Македонци со психијатриска дијагноза кои во научни цели биле извезени во САД.
„Јас барам од нашата група да дојде до информации како е тоа направено, како тој материјал стигнал од една земја во друга, тука е нашето. Но, има и втор момент за кој морам да ве информирам, според стариот закон до 2018 година сите материјали, административни документи законски било да се чуваат 15 години. Од 2018 година, според ЕУ директивите, сите документи кои се поврзуваат со таков тип биолошки материјал треба да се чуваат 25 години. Ако земеме и новиот и стариот закон, а се работи за проект пред 30 години, се плашам дека можеби некоја институција може и да ги нема тие документи архивирано“, рече министерот Алиу.
Лично мислење на министерот е дека има мали можности за злоупотреби во целиот процес оти се работи за истражувачки проект меѓу две земји.
„Втората земја е САД каде што има многу јасно дефинирани протоколи кога се работи за биолошки материјал. Прво овој факт треба да го имаме предвид. Вториот факт што мене лично ми дава комодитет дека би имало можеби малку злоупотреби е институцијата од другата страна, се работи за престижен Универзитет. Исто така научникот кој е главен во тој Универзитет е човек кој што е светско име како научник, и лично, тргнувајќи од себе си, не верувам дека таа држава, тој Универзитет или таа лабораторија може да дозволи да има злоупотреби за увоз на биолошки материјал без да има јасно дефинирани протоколи. Ова е мое лично мислење“, рече министерот Алиу.
Македонската јавност дозна дека некогаш од кај нас биле извезувани мозоци од починати лица за научно да се истражуваат откога американското Министерство за правда ги објави документите на починатиот милијардер обвинет за трговија со луѓе, педофилија и силување, Џефри Епстин.
Јавното обвинителство денес извести дека по објавите во медиумите е оформен предмет по допрен глас поради наводите од објавените документи во случајот за Епстин.

