Топ
Во наредните денови ќе се одлучува за пратеничкиот мандат на Груевски
Од денеска почнува да тече рокот од петнаесет дена кога треба да заседава собраниската Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања по известувањето од кривичниот суд дека пратеникот Никола Груевски има правосилна пресуда за издување казна затвор од две години. Претседателот на Комисијата, Павле Богоевски, вели дека вчера го добил известувањето од собранискиот спикер и ќе го почитува рокот за свикување комисиска расправа, но не прецизира кој ден ќе се случи тоа. Претпоставките се дека Комисијата нема да заседава денеска, а најверојатно нема ни утре за кога веќе е закажана седницата за пратенички прашања.
Според Уставот, на пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Според Деловникот за работа нa Собранието, предлог за одземање на мандатот поднесува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања врз основа на известување од претседателот на Собранието. По предлогот на Комисијата, се води претрес на првата наредна седница на Собранието, при што претресот може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот, која се носи со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници.
Во случај постапката да стигне во фаза на гласање, неизвесно е дали ќе се обезбеди двотретинско мнозинство кое ќе гласа за одземање на мандатот на Груевски. Во оваа насока е и изјавата на пратеникот од ДУИ, Артан Груби, кој се сомнева дека пратеничкиот мандат може да му биде одземен на поранешниот премиер бидејќи се потребни и гласовите од опозицијата. Некои од опозициските пратеници, пак, кои гласаа за отворање на Уставот, не кажуваат дали би гласале и за одземање на мандатот на нивниот доскорашен сопартиец и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
– Не сум запознаен, не сум запознаен, не можеме да влијаеме ние ништо на тоа. И мене ми го одзедоа мандатот, па никој ништо не ме праша. Човекот што ја води Комисијата директно е инволвиран во овој процес како засегната страна. Па, така, тој е претседател на таа Комисија. Тој беше засегнат како сведок, а претседаваше со таа Комисија. Нема логика“, изјави пратеникот Љубен Арнаудов пред кривичниот суд, каде што се одржа рочиште за 27 април.
Во меѓувреме течат и роковите до кога судот треба да одлучи по молбата на Груевски за одложување на извршувањето на казната затвор, во која, неофицијално, како причини се наведуваат неговите работни обврски како пратеник, но и приватни поврзани со докторат. Датумот до кога Груевски треба да се јави во затворот во Шуто Оризари е 8 ноември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски: За два дена од Скопје се исчисти над четири и пол илјади тони отпад, скопјани имаат човек на кој може да се потпрат
Над четири и пол илјади тони отпад или четири до пет пати повеќе од секој вообичаен викенд што се собирало во Скопје се собрани во акцијата за чистење што ја почна новиот градононачалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски веднаш по преземањето на градоначалничката функција.
Во изјава дадена вечерва на плоштадот „Македонија“ по изминувањето на 72 часа, Ѓорѓиевски рече дека акцијата е успешно реализирана и дека во неа биле вклучени над две и пол илјади работници.
– Успешно ја завршивме оваа акивност на која се обврзавме дека ќе ја реализираме во 72 часа, иако состојбата на почетокот беше нереално да ја изведеме и сработиме како задача што самите си ја поставивме бидејќи беа десеткувани структурите во јавните претпријатија од аспект на организацијата и механизацијата со која располагаат. Кога ја презедов функцијата известив дека Комунална Хигиена имаше 16 камиони, денеска имаме повеќе од 40 камиони, но нашата тенденција е до петок да бидат околу 60 функционални камиони што значи дека ќе бидеме целосно самостојно оперативни. Изминатиот период тоа го бајпасиравме и со општествено одговорни компании кои сериозно ни помогнаа, како и градоначалниците на Тетово, Кавадарци, Штип, Велес и останатите, изјави Ѓорѓиевски.
Како што информираше, исчистени се сите микролокации во населените места, плоштадот „Македонија, Градскиот парк, Жена парк, речното корито на Вардар, депонијата кај Градските гробишта Бутел, а почнато е чистењето и на депонијата Вардариште.
– Освен микродепониите, исчистено е и речното корито на Вардар и после 10-тина години вештачки создадените островчиња од земја и разни наноси се исчистени. Плоштадот не беше испран долго време, третирано е и целото партерно уредување, мостот, Градскиот парк, Жена парк, односно сите места кои во минатото беа срам за Скопје. Нема да дозволам да се повтори грдата слика што ја гледавме во Скопје, нагласи Ѓорѓиевски.
Најави дека се прави оперативен план за дејствување и во следниот период и оти фокусот во зимскиот период ќе биде на решавање на овие состојби, а веќе напролет ќе почнат градежните активности.
– Скопјани да бидат спокојни, имаат човек на кој може да се потпрат во секое време и човек кој апсолутно ќе даде се од себе заедно со својот тим во наредниот период да не поминуваат низ голгота каква што имавме изминатите четири години, рече Ѓорѓиевски.
Топ
Пијан возач од Турција направи хаос во Аеродром
Полицијата објави фотографија од сообраќајката што се случила синоќа на улицата Матеја Матевски во Аеродром, кога возач на „БМВ 5“ изгубил контрола и удрил во контејнери и во паркирано возило алфа Ромео. Осомничениот, 22-годишниот М.А.А. од Турција со привремен престој во Скопје, избегал од местото, јави Министерството за внатрешни работи.
Според пријавата, настанот се случил вчера во 22:50 часот. Полицијата го лоцирала возачот по кратка потера и го привела. При алкотест му биле измерени 0,97 промили алкохол во крвта, а по распитот бил изнесен пред судија за прекршоци.
Осомничениот се товари за 3 прекршоци, недозволена брзина, напуштање на лице место и возење под дејство на алкохол.
Македонија
Ѓорѓиевски со предупредување до граѓаните, ќе се казнува секој што ќе фрла отпад
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека акцијата за чистење „72 часа“ се одвива одлично, со цел градот да изгледа „чисто, како што му доликува“.
Ѓорѓиевски рече дека во акцијата вклучени се повеќе од 2.500 луѓе и над 100 возила.
Градоначалникот упати апел до граѓаните за одговорно однесување, предупредувајќи дека несовесното одложување на отпад нема да се толерира.
„Досега напишани се десетици казни на неколку правни субјекти, а оваа пракса ќе продолжи за секој оној кој го загрозува нашето здравје. Да го чуваме Скопје,“ порача Ѓорѓиевски.

