Топ
Град Скопје изрази сочувство за загинатиот колега Зоран Давидоски
37-годишниот Зоран Давидоски, вработен во Секторот за сообраќај, е еден од починатите во сообраќајната несреќа кај селото Ласкарци, потврдија од Град Скопје.
„Град Скопје денеска со тага ја прими веста за прераната и неочекувана смрт на својот колега и пријател Зоран Давидоски, кој трагично го загуби својот живот во вчерашната сообраќајна несреќа, што ја потресе целата држава. Зоран Давидоски (22.8.1981 година) беше вработен во Град Скопје од 2011 година на повеќе раководни позиции, а од 2014 беше раководител на Секторот за сообраќај. Сите вработени во Град Скопје сочувствуваат со семејството и жалат за загубата на својот почитуван колега, вреден соработник и драг пријател“, соопштија од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: Следната година нема „прогледување низ прсти“ ако директорите не нарачаат учебници на време
Директорите на училиштата треба многу сериозно да си ја сфатат работата дека се должни да ги почитуваат законите и да си ги нарачаат учебниците. Оваа година „прогледав низ прсти“, следната година нема да прогледуваме низ прсти затоа што има систем, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска која повторно, одговарајќи на новинарски прашања во врска со недостигот на учебници во некои училишта, порача дека директорите треба да го почитуваат упатството и правилникот за нарачување учебници во МОН.
Пред почетокот на панел-дискусија во Тетово, во рамки на кампањата на МОН „Магијата е во знаењето“, Јаневска кажа дека проблемот со учебниците е системски решен, укажувајќи дека одговорноста е на директорите на училиштата доколку не побараат доволен број учебници. Посочи дека се обезбедени средства, нови наставни програми и дека се печатат и нови учебници, па фали, како што рече, „само добрата поврзаност меѓу институциите и нивна функционалност“, посочувајќи ги и училиштата.
-Училиштата се дел од системот, директорите на училиштата се исто така дел од системот. Како што Министерството, Бирото, ДИЦ и сите други институции веќе многу сериозно си ја сфаќаат работата, така и менаџерите на училиштата ќе треба многу сериозно да си ја сфатат работата. Оваа година многу слободно ќе кажам, „прогледав низ прсти“. Следната година нема да прогледуваме низ прсти. Има систем, има упатство, има правилник. Директорите се должни да ги почитуваат законите и да си ги нарачаат учебниците. Зошто повторувам? Ако тие тоа не го направат, јас немам можност да им обезбедам дополнителна учебници. Затоа, отсега натаму ако нема учебници, обраќајте се на директорите, не на министерството, одговори Весна Јаневска.
На новинарско прашање дека наставници добиваат договори на дело па се уценувани од политички партии за учество во изборни кампањи пред да добијат решение за вработување на неопределено време, министерката не се согласи и рече дека не е исто како порано.
-Да, свесна сум дека се случувале такви нешта. Апсолутно сум против тоа, апсолутно нема оправдување. Во образованието треба да влезат најквалитетните наставници. Тие коишто се мотивирани да работат со деца затоа што тоа и не е лесна работа. Законот и не е така лош доколку не би се злоупотребувал. Ќе следува и нов закон за наставници, истакна Јаневска.
Таа посочи дека од тој аспект се повеќе се преземат иницијативи за оптимизација на училишната мрежа. За разлика од минатата година кога имало 150 училишта кои работеле во една смена, сега има 200 училишта кои работат така.
-Но, повторно велам, има уште еден податок кој мора да го имаме предвид – дека бројот на ученици е намален и директорите и раководствата на училиштата, вклучувајќи го и министерството, треба да водиме сметка за тоа како се вработуваат наставниците. А бидејќи како министерство и Влада сме направиле проекција за тоа како да ги заштитиме наставниците со додатна настава, дополнителна настава, клубови, изборни предмети, општествено корисна работа. Директорите треба да си се организираат и во оваа концепција да ги најдат часовите на наставниците. Јас веќе пет години зборувам на оваа тема. Тоа исто така во Македонија ќе мора да се спроведе ако сакаме подобар квалитет и ако сме чесни сами кон себе, сите треба да сме свесни за тоа што мора. Некаде нешто можеби и не мора, но ова мора да се направи. За да постигнеме успех, затоа што си ги застапуваме децата, а кога ги ускратуваме децата си ја осакатуваат државата, рече министерката.
Во рамки на националната кампања „Магијата е во знаењето“, во Тетово денеска беше организирана третата панел-дискусија „Каква магија се крие зад една петка – минатото и сегашноста во дуел“. Претходно, панел-дискусии се одржаа во Скопје и Прилеп како дел од кампањата на МОН чија цел е да ја истакне суштинската улога на наставниците и значењето на нивната професија во општеството.
Македонија
„Супорт Кочани“ собра 11 милиони денари од донации за настраданите од „Пулс“, државата им наплати 1 милион денари данок
Околу 11 милиони денари се распоредени од заедничката сметка за донации од граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“.
Од граѓанската иницијатива велат дека од вкупната сума од 10.944.793 денари еден милион се за данок на државата, а останатите се еднакво распределени на 137 лица во износ од по 71.900 денари.
Средствата што се распоредени се донирани од компании, здруженија, групни акции и хуманитарни настани организирани во земјата и во странство.
„Транспарентно ја споделуваме информацијата за втората распределбата на средствата од заедничката сметка за донации преку ‘Супорт Кочани’, кои беа собрани по трагедијата што нè погоди“, се вели во објавата на „Супорт Кочани“ на нивниот фејсбук-профил.
Иницијативата „Супорт Кочани“ беше формирана веднаш по пожарот во „Пулс“, а во неа се вклучени 30-ина волонтери, меѓу нив и млади луѓе кои биле присутни во клубот на трагичниот 16 март. Во пожарот загинаа 63 лица, а над двесте беа повредени.
Од иницијативата изминатата година реализираа и три пратки компресивна облека наменета за преживеаните лица. Облеката, како што велат од иницијативата, е со цел да се овозможи правилна рехабилитација и побрзо заздравување.
Македонија
Родителите на починатите во „Пулс“ со порака до судиите: Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми
Во Кочани денеска родителите на жртвите од пожарот во дискотоеката „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“, упатувајќи порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите.
-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ке сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.
Пред зградата на Основниот суд, мајка на починато дете во името на сите учесници на маршот, упати критика до Јавното обвинителство дека оваа институција не реагирала на тоа што уште пред три недели им биле доставени докази дека осомничено лице се сретнало со оштетен родител, што сметаат дека носи реална опасност да се влијаа врз сведоците и оштетените и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Тие најавија, дека во рок од една недела очекуваат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, во спротивно велат ќе преземат посилни јавни и организирани акции.
Првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 19 ноември, обвинети се 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Како што информираа од Кривичниот суд Скопје, рочиштето ќе се одржи во судницата во КПУ Идризово, а предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи на 16 март, годинава, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

