Топ
Загина маж, воз удри во него кај Градско
63-годишен маж загина кај Градско кога утрово во него удрил патничкиот воз на линијата Гевгелија – Скопје.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) извести дека поради несреќата, во прекин е железничката линија Гевгелија – Скопје.
„Регионалниот ЦУК Велес извести дека во утринските часови, патнички воз, што сообраќал на релација Гевгелија – Скопје, на железничката станица кај Градско удрил во едно лице. Железничкиот сообраќај е во прекин, според информацијата на ‘Македонски железници’ Се работи за маж роден 1960 година“, велат од Центарот за управување со кризи.
Итната медицинска помош од Велес на самото место констатирала смрт, која настапила по ударот од возот.
На терен се излезени полиција и јавен обвинител. Во тек е увид на местото на несреќата, соопштија надлежните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.
Македонија
Преживеаните музичари од „Пулс“ сведочеа дека не виделе кој ги наместил и активирал прскалките кобната ноќ: „Пожарот почна на рефренот, тргнав кон врата која беше заклучена“
Со опис на првите искри, паниката и стампедото во кое животот го загубија 63 лица, денеска продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“, што избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК.
Професорката и придружна вокалистка, Ана Костадиновска, сведочеше дека пожарот почнал додека ја изведувале песната „Што сака нека биде“, кога на рефренот се вклучиле прскалките. Рече дека тоа не било неочекувано, бидејќи, како што наведе, на таа песна секогаш се палеле.
„Панчо повика да излеземе, но никој од нас не ја сфати сериозно ситуацијата. Се движевме бавно кон излезот. Забележав врата десно од мене и ги повикав да излеземе од таму, но беше заклучена. Потоа излеговме по подолгиот пат кога ситуацијата веќе ескалира“, рече Костадиновска.
Таа опиша дека се слушнало пукање, почувствувала силна топлина и удар во грбот, по што настанало стампедо. Паднала, ѝ била приклештена ногата и почувствувала силен мирис што ги терал на спиење. Рече дека ѝ помогнало момче кое ги држело будни и ѝ овозможило да ја извлече ногата. Има повреди на коленото и изгореници на лицето, а трагедијата, како што изјави, сè уште не ја прифатила и работи со психолози.
Костадиновска одговораше и на прашања од одбраната. Прашана дали знае како се вклучуваат прскалките, таа одговори дека не знае кој ги местел и кој ги вклучувал.
На прашање дали групата ДНК имала дозвола од МВР за употреба на пиротехника, изјави дека не ѝ е познато. Наведе и дека при тонската проба не забележале пиротехника на бината, како и дека лично никогаш во ниту еден клуб не видела кој ги мести прскалките, ниту знае кој од клубот бил задолжен за тоа.
Костадиновска потврди дека ДНК и претходно во настапите користеле прскалки.
Гитаристот Горан Тонев изјави дека пожарот настанал околу 2:30 часот, кога Панчо кажал сите да излезат оти плафонот почнал да гори. Според него, огнот се ширел екстремно брзо, од сунѓерите на плафонот капеле црни капки и имало густ чад. Наведе дека има изгореници на дишните патишта, десното уво, вратот, лицето и десната рака и дека се лекувал во Солун, а сè уште не може да ја извршува функцијата гитарист.
Тонев рече дека пиротехниката веќе била поставена кога се качиле на бината и дека не знае кој ја поставувал или активирал.
Од околу 50 настапи со бендот, на околу 15 се користела пиротехника. Посочи и дека во 2025 година бината била потесна, плафонот понизок и имало повеќе ЛЕД-ефекти во однос на претходната година.
Алберто Миладинов, кој го снимил пожарот, сведочеше дека плафонот се запалил во 2:32 часот. Рече дека објектот имал само една врата и дека вечерта купил билет од 500 денари без да добие фискална сметка, ниту за билетот ниту за пијалаците. Наведе дека и претходно имало оган при настапи и дека често имало полициски рации, при што малолетниците излегувале пред да дојде полицијата.
Бојан Клименков, кој работел како келнер во „Пулс“, но вечерта дошол како гостин, рече дека и додека работел имало пиротехника внатре и дека не видел кој ја палел, туку дека се палела „на копче“. Изјави дека плафонот се запалил над левата прскалка, по што настанала паника. Според него, сопственикот Дејан се обидел да го изгасне пожарот со ПП-апарат, но не успеал, а потоа било повикано сите да излезат надвор. Рече дека кога бил извлечен надвор се онесвестил.
Во пожарот загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Судењето продолжува на 5 март.
Македонија
Петрушевски: Тужбата за клевета нема да го испере Заев, стојам зад секој кажан збор
Тужбата за клевета нема да го испере Заев, ниту ќе ја сокрие вистината, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, по тужбата од поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев поднесена против него и против Жан Митрев.
„Завршија времињата кога од позиција на власт се нарачуваа пресуди, се вршеа притисоци врз обвинители и судии, и се замолчуваа оние што поставуваа прашања. Денес институциите мора да работат по закон, а не по телефон. Јас стојам зад секој јавно изнесен збор и подготвен сум аргументите со Заев да ги соочиме пред судот и пред јавноста. Судницата не е средство за заплашување, туку место каде се утврдува вистината“, вели Петрушевски.
Тој додава дека денес никој не е над законот. „Ниту поранешен премиер, ниту актуелен пратеник. Но, наместо Заев да се обидува преку тужби да ја замолчи критиката, нека одговори на суштинските прашања што кои ја интересираат јавноста. А вистината секогаш излегува на виделина“, вели пратеникот.

