Топ
Кривична пријава за кумановец кој одгледувал и продавал марихуана во Скопје

Единицата за недозволена трговија од Скопје поднесе кривичнa пријавa против 35-годишен кумановец, под сомнение дека сторил кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“.
Како што наведуваат од МВР, на 08 јуни полицајци го легитимирале пријавениот на улица „Лазар Поп Трајков“ при што кај него била пронајдена полиетиленска кеса со растителна материја.
По добиената усна наредба за вршење претрес во домот каде привремено престојувал кумановецот Д.З., пронајдени и одземени биле 147 саксии со канабис, 49,65 грама марихуана, 46,33 грама амфетамин, четири таблети MDMA, дигитална вага, дигитален мерач за температура и влажност, тајмер и четири лед панели.
На Д.З. од страна на судија на претходна постапка му е одредена мерка притвор во времетраење од 30 дена, информираат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини, од Здравство велат дека е во стабилна состојба

Министерството за здравство со вознемиреност ја прими веста за вооружениот напад во Куманово при кој беше повреден нашиот колега, доктор Зекирија Шаини. Ја известуваме јавноста дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува, соошштија од Министерството за здравство.
Од таму велат дека ќе биде обезбедена целосна поддршка за докторот додека трае неговото опоравување и рехабилитација.
„Министерството категорично осудува било какво насилство против здравствените работници и потврдува дека нивната безбедност е приоритет. Ќе работиме на унапредување на мерките за заштита на персоналот во здравството преку соработка со здравствените установи и локалните власти. Министерството активно ќе соработува со Министерството за внатрешни работи и локалните власти во Куманово за целосно расчистување на случајот“, велат од таму.
Од Министерството повикуваат на воздржаност, почитување на приватноста и солидарност кон повредениот и неговото семејство.
„Министерството ќе ја следи состојбата на доктор Шаини и навремено ќе информира за сите значајни промени“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нема индиции на политички мотиви зад оружениот инцидент во Куманово

Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент во Куманово, соопштија од Јавното обвинителсто.
„Во однос на настанот на настанот во Куманово, двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Куманово излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија. Се прибираат траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Во пукањето е повредено едно лице, а по напаѓачот се трага. Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент, но сите околности се проверуваат“, се наведува во соопштението.
Во престрелката што се случи попладнево повреден е 43-годишник З. Ш. од Слупчане, Липково. Мажот бил застрелан од лица во движење кои пукале кон возилото кое го управувал.
Македонија
Поради сериозни пропусти, Владата го раскина договорот за концесија на каменоломот во Страчинци

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, информира дека Владата еднострано го раскина Договорот за концесија за експлоатација на варовник на локалитетот „Лавинчеви“, во атарот на село Страчинци, општина Гази Баба, склучен со „Мелкам Инжинеринг“ од Скопје.
Одлуката, според Меџити е донесена поради сериозни пропусти.
„Концесионерот не обезбедил минимална експлоатација од 20 отсто според договорот, односно 25.000 тони годишно, во 2022 година биле ископани само 277 тони, во 2023 година нема активност, а во 2024 година само 187 тони. Активностите биле често прекинувани и не се почитувани законските обврски, исто така концесионерот не платил концесиски надоместок за ископаните количества во последните три години“, изјави Меџити.
Меџити рече дека вонредниот инспекциски надзор на Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини потврди дека концесионерот не го исполнил договорот и имало долгогодишен прекин во активностите.
Со оваа одлука престанува да важи доделувањето на концесијата, а сите надлежни институции се известени за понатамошни мерки.