Топ
(Видео) Меџити се налутил оти Јовев доцна му пратил покана за настан, тврди докторот, кој рече дека е жртва
Професорот Сашко Јовев, кој е сменет од директорската позиција на Кардиохирургија, посочува дека министерот за здравство, Фатмир Миџити, го сменил поради некаква протоколарна грешка за настан што го организирала Клиниката. Тој рече дека не излегол само тој жртва, туку и Кардиохирургија. Според Јовев, Меџити се налутил оти доцна бил поканет.
„Во 35 години немав земено еден ден боледување. Минатата недела имав такви притисоци, што морав да се тргнам малку и да земам боледување, кое денеска го прекинав поради ова. Имав притисоци дека сум направил грешка, дека грешката е во самиот протокол при еден прекрасен настан во саботата кога отворивме нова хибридна сала, единствена во регионот. Кога го пуштивме во употреба апаратот што одржува во живот човек без срце и бели дробови цели три месеци. Тогаш се случи уредно да бидат поканети сите, министерот за здравство не дојде оти смета дека доцна му била дадена поканата, дека премиерот ја добил малку порано. Јас тука не можев да се мешам, па се најдов во средината и на крајот да излезам жртва. Не излегов јас само жртва, излезе жртва Кардихирургија.
За поддршката пред Клиниката, рече дека се организирале да дојдат 1.300 пациенти.
„Ова е само дел од поддршката бидејќи не сакавме да ја правиме пооглема и да прерасне во нешто друго и да се политизира. Ова е мојот тим што чуда прави и кој работи 24/7, а не спие на чело со мене. Овде се некои од пациентите на кои им се направени големи операции и многу други се јавија – пациенти, колеги, пензионирани доктори, пензионери. Речиси 1.300 сакаа да дојдат, им рековме да не доаѓаат. Конечно, мора да победи правдината. Не сакаме да се работи по политика, туку по професионалност. За она што го работиме 24/7 и за она што се жртвуваме“, рече Јовев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче ја критикуваше Владата дека го кочи европскиот пат и нема волја за уставни измени
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на седница на Националниот совет за евроинтеграции изрази сериозна загриженост поради, како што рече, целосниот застој на европскиот пат на државата и практикувањето на антиевропски манири од страна на актуелната власт.
Филипче оцени дека во речиси половина од мандатот на Владата нема никаков напредок во исполнувањето на европските обврски, ниту пак се работи по забелешките од европските извештаи. Според него, наместо реформи, се практикуваат политики кои ја оддалечуваат државата од Европската Унија, во време кога, како што посочи, геополитичките околности драматично се менуваат, а земји како Украина и Молдавија напредуваат на европскиот пат.
Тој се осврна и на изјавите на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој повикува на политички одлуки за проширување на ЕУ, но, како што рече Филипче, во тие контексти Северна Македонија воопшто не се спомнува, што, според него, укажува дека државата не си ги завршила домашните задачи и не е подготвена за евентуална политичка одлука за прием.
Како клучен проблем, Филипче го посочи немањето политичка волја за спроведување на уставните измени, кои, како што нагласи, се единствениот начин за продолжување на преговорите и отворање на кластерите. Тој оцени дека најавите на Владата за репреговарање или промена на условите не се реализирале и дека станува збор за намерно запирање на европскиот пат на државата.
Филипче истакна дека реформската агенда не се спроведува, наведувајќи дека од 12-те закони што требало да се донесат минатата година, бил донесен само еден – Законот за Судскиот совет – и тоа, според него, со само парцијална имплементација на препораките од Оценската мисија. Според Филипче, ова било обид лажно да се прикаже дека се работи, додека суштински реформи нема.
Во своето обраќање, тој остро реагираше и на, како што ги нарече, отворените проруските ставови во Владата, наведувајќи дека вицепремиер присуствува на состаноци со луѓе блиски до Владимир Путин, без да ги крие тие контакти. Филипче ја спомена и изјавата на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ дека Северна Македонија треба да влезе во ЕУ заедно со Србија, оценувајќи дека тоа отвора сериозни политички и безбедносни дилеми за регионот.
Тој оцени дека државата намерно е ставена на маргините на Европската Унија и дека е изложена на отворено проруско влијание, посочувајќи и на, како што рече, сомнителен капитал што влегува во земјата. Како пример го наведе влезот на Алта банка од Србија, за која рече дека била одбиена во земји членки на ЕУ, но дека актуелната власт широко ѝ ги отворила вратите во Северна Македонија.
Филипче реагираше и на, како што оцени, ограничувањето на слободата на говор, наведувајќи дека во Собранието се носат резолуции со кои се ограничува говорот на опозициските политички субјекти, што, според него, претставува антиевропски манир.
Тој зборуваше и за влошувањето на добрососедските односи, посочувајќи ги односите со Грција и Бугарија, оценувајќи дека наместо унапредување, повторно се отвораат затворени прашања заради националистичка и популистичка политика.
Како сериозен проблем, Филипче ја истакна и состојбата со слободата на медиумите, наведувајќи дека голем дел од медиумите, телевизиите и порталите се во директна или индиректна сопственост на луѓе блиски до унгарскиот премиер Виктор Орбан, спомнувајќи го Петер Шац и Адрија медиа група, за кои рече дека со години промовираат антиевропски ставови и ги поддржуваат политиките на Владата.
Во завршницата, Филипче предупреди и на директните економски последици од застојот на европскиот пат, наведувајќи дека со воведувањето на новиот електронски систем на Европската Унија ќе се ограничи движењето на македонските превозници. Тој се повика на изјавите на Александар Николоски, кој предупредил дека тоа може да доведе до крах на економијата, имајќи предвид дека над 60 до 70 проценти од извозот и увозот на земјата е поврзан со држави членки на ЕУ.
Според Филипче, цената на ваквите политики, како и досега, ќе ја платат граѓаните и стопанството.
Македонија
Судењето за „Пулс“ почна со предупредување за родителите на загинатите дека ќе бидат исклучени, по тензиите со бранителката на Јованови
Денешното судење за пожарот во кочанскиот клуб „Пулс“ со 63 жртви и над 200 повредени почна со предупредување за родителите на загинатите кои го следат судењето. Пред да почне сослушувањето на сведоците, судијката Диана Груевска-Илиевска ги предупреди родителите на загинатите да го почитуваат редот во судницата и им објасни дека сите обвинети имаат право на адвокат, по тензијата од минатото рочиште. Ги предупреди дека ќе бидат исклучени од судењето доколку го нарушат редот во судницата, а исклучување на јавноста на следното нарушување на редот побара и адвокатката на сопственикот на „Пулс“ и неговиот син, Ивана Коцевска.
Адвокатката Коцевска во саботата побара сите надлежни органи да преземат мерки поради тоа што, како што кажа, нејзиниот лик бил „злоупотребен и фотошопиран во небулозна форма“ на транспарент за време на „Маршот на ангелите“ во Кочани.
Родителите на загинатите, пак, тврдат дека е неточно тврдењето дека на транспарентот била адвокатката Коцевска, дека тие воопшто не ја споменале, но таа се препознала.
„На постерот не се препознавате само вие, се препознаваат и други лица кои имаат физичка сличност со ликот, но никој од нив не реагираше ниту ја толкуваше пораката како напад. Единствено, вие адвокатке Коцевска излеговте со тврдења дека сте биле лично засегнати. А зошто? Ние семејствата не ве ни споменавме, ниту ве нападнавме. Ние семејствата се бориме за вистината за изгубените животи на нашите најмили“, рече Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова пред почетокот на судењето.
На денешното рочиште ќе сведочат петмина сведоци на Обвинителството кои го преживеале пожарот во „Пулс“.
Топ
Три лица тешко повредени во сообраќајка помеѓу три возила во тетовско
Три лица се тешко повредени во сообраќајна несреќа што се случила вчера вечер во 22:50 часот на регионалниот пат Јажинце – Тетово, во близина на влез за село Непроштено.
Во несреќата учествувале три автомобили, „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувани од Е.С.(25) од с.Слатино, А.И.(55) од с.Доброште и А.Ј.(19) од с.Слатино.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот Е.С. и неговиот сопатник Б.С.(36), кои по укажаната помош во Клиничка болница Тетово, поради сериозноста на повредите се префрлени во Комплекс клиниките „Мајка Тереза“ во Скопје.
Исто така, со тешки телесни повреди се здобила и Ш.В.(45) од с.Доброште, сопатничка во возилото „голф“ управувано од А.И., кој се здобил со телесни повреди.
Со телесни повреди се здобил и возачот А.Ј. од с.Слатино, а увид на местото извршила екипа од СВР Тетово во координација со јавен обвинител.

