Топ
Мицкоски: Нема да има уставни измени без загарантираните права на Македонците во Бугарија и без гаранции дека нема да се соочуваме со блокади од субјективни причини
На денешната собраниска седница за пратенички прашања премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање на пратеникот Скендер Реџепи околу уставните измени истакна дека додека тој е претседател на Владата истите нема да се случат ако Македонците во Бугарија не ги добијат загарантираните права согласно меѓународното право и меѓународните конвенции и додека не се добијат гаранции дека во иднина државата нема да се соочува со опструкции и блокади од субјективни причини.
„Не знам по колку пати треба да кажам и не знам по колку пати треба да повторам кој е ставот на Владата, но еве ако инсистирате и ако го поставувате тоа прашање ќе се обидам на поинаков начин да ви одговорам овој пат споредено со сите оние одговори коишто се случувале во минатото. Уставни измени нема да има додека сум јас претседател на Владата, ако не бидат исполнети минимум два услови. Првиот услов е македонската заедница во Бугарија да ги добие загарантираните права согласно меѓународното право и меѓународните конвенции и резолуции за човекови права. Не барам Устав да се менува, ова. И второ додека не добиеме гаранции за нашиот идентитет македонски за којшто од вас очекувам поддршка како мој сограѓанин, мојот македонски јазик, дека повеќе нема да има билатерални вета и дека нема никој повеќе оваа држава којашто многу пати покажала и докажала дека сака да биде дел од европското семејство понела жртва како ниту една држава и овој народ, овие граѓани како ниту едни граѓани од Европа поднеле жртва, дека нема повторно да има нови омаловажувања, нови понижувања и нови опструкции од било кој од субјективни причини“, потенцираше Мицкоски и додаде:
„Ако ние не сме добри да речеме во кластерот на владеење на правото, па нешто не сме испорачале итн. тоа е друга причина. Не сме вратиле некој бегалец од правда или па некој политички заштитен лик којшто порано правел криминал не сме го ставиле во затвор, па за тоа да добиеме критика и блокада, во ред, за тоа нема никаков проблем или па не сме квалитетни во нешто друго. Но, дека нема повеќе да има билатерални прашања којшто ќе го ограничуваат нашиот напредок кон Европа“.
Тој уште еднаш повтори дека додека е премиер нема да се случат уставните измени без да се исполнат двата услови и ги повика и пратениците кои во иднина би дошле да не се согласуваат со ставот на пратеникот кој го постави прашањето за уставни измени без гаранции.
„Додека сум јас премиер. Кога нема јас да бидам премиер, можеби вие се уште ќе бидете пратеник, ќе има некој друг, ќе го прашате и ќе ви даде одговор. За уставни измени има 80, односно 79 ваши колеги да се сложат. Јас силно ги советувам останатите 119 во оваа сала да не го поддржат вашиот став за уставни измени без да можеме да ги добиеме минимум овие две гаранции“, истакна Мицкоски.
Тој исто така додаде дека на Македонците во Бугарија им се одземени сите права, а сега бараат само здружение кое би се борело за правата на македонската заедница во Бугарија.
„Ќе повторам, се додека македонската заедница во Бугарија, мислам дека треба да го поддржите тој став, треба да го поддржите ставот за Македонците од Разлог, од Горна Џумаја, од Сандански, од Пирин треба да го поддржите затоа што во пописот во 56-тата година тие биле 200 илјади и биле мнозинство во Пиринскиот крај на Македонија. Биле две третини од вкупното население, а магично на пописот во 65-тата година бројката станува 9 илјади. Од двесте илјади на 9 илјади и тоа еден поранешен бугарски претседател го кажува како инженеринг на којшто е посебно горд. Им се одземаат правата на своја културна автономија, да општат на својот мајчин македонски јазик, да говорат на својот мајчин македонски јазик, да танцуваат на своите македонски песни, да ги почитуваат своите македонски обичаи. Е тие бараат сега само да имаат можност ОМО Илинден Пирин да биде организација која што ќе ги застапува правата на македонската заедница во Бугарија. Многу ли е тоа?“, запраша Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.
Македонија
Владата нема да купува нов авион: ќе се повлечеме од набавката и ќе се молиме да останеме живи, вели Мицкоски
Владата се откажа од набавка на нов авион на што се одлучи оти стариот е дотрајан и претставува голем трошок за одржување. Премиерот Христијан Мицкоски денес кажа дека ќе се повлечат од набавката откога увиделе дека опозицијата не се стои на зборот дека нема да ја напѓаат Владата за набавка на нов авион, на што се согласил лидерот Венко Филипче и на формалните и на неформалните средби.
„ Авионот е сѐ уште во возна состојба, можете да поразговарате и со лицата кои го управуваат. Токму тие иницираа да се обидеме да обезбедиме средства за да набавиме нов воздухоплов. Гледам дека од опозицијата се создава оваа тема иако на една од оние лидерски средби, формални и неформални што сум ги имал со претседателот на СДСМ тој беше многу јасен и рече дека ‘за ова не треба да се критикува Владата’ и дека тие нема да ја критикуваат Владата бидејќи утре ќе биде друга Влада, а воздухопловот ќе се користи и за хуманитарни причини. Гледам дека не си стојат на зборот и ние ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи. Доколку се урнеме некаде и доколку починеме тогаш претпоставувам дека ќе им стане јасно на сите дека оваа дебата за некоја идна влада и за некои идни премиери е вишок и дека е беспредметна“, рече премиерот Мицкоски.
Тој објасни дена не трипати, туку четирипати го користел владиниот авион и секогаш службено патувал наспроти обвинувањата од опозициата дека и на одмор на Јадранско море заминал со него. Кажа и дека секогаш патува сам, со некој од обезбедувањето откога утрово СДСМ праша со кого бил во авионот.
„Еднаш на покана на унгарскиот премиер, господинит Виктор Орбан, имав билатерална средба во Будимпешта. Натаму патував со комерцијален лет до Виена поради тоа што еден од екипажот кој управува со воздухоловот имаше приватни обврски и не беше во состојба да ме однесе до дестинацијата. За назад дојдоа по мене, ме зедоа бидејќи имав итни, неодложни состаноци во Скопје. Тоа беше билатерална средба, а билатералната средба и мојот престој таму го искористив и да настапам на настан. Вториот пат бев исто така на покана на нашата сестринска партија и настан кој тие го организираа во Белград, тогаш отидов и се вратив, тоа не е споменато во јавноста, сакам и ова да се забележи. Патувам сам и дел од луѓето кои се мое обезбедување. Третиотпат бев до Хрватска со комерцијален лет на Кроација ерлајнс до Сплит, на покана на хрватскиот претседател, господинот Зоран Милановиќ. Имав работна вечера и мојот годишен одмор кој што требаше да трае три дена го продолжив за еден ден, да трае четири дена. Бидејќи го испуштив авионот повратно со комерцијален лет да се вратам во Скопје, а следниот ден имав неодложни обврски, владиниот воздухоплов дојде, ме зема од аеродромот во Сплит и ме донесе во Скопје. Четвртиотпат бев сега, заедно со шефот на мојот кабинет и со мојот советник за надворешни рбаоти, амбасадорот Марковски до Тирана во еден павец и од Тирана до Скопје во втор правец и еве веднаш сега ви најавувам дека на почеток на јуни најверојатно ќе го користам владиниот воздухоплов до Подгорица, во истито ден да се вратам назад бидејќи не би сакал да останам повеќе од еден ден поради неодложните обврски кои ги имам во Владата“, во детали објасни премиерот Мицкоски.
Изминатиов период опозицијата во многу наврати ѝ забележа на Владата дека троши пари за авион место за зголемување на платите, за училипта и болници.
Владата во 2005 година, по авионската несреќа во која загина поранешниот претседател Борис Трајковски, го купи авионот „лирџет 60“ за околу 11 милиони евра. За потребата од нов авион Службата за општи и заеднички работи во Владата зборува речиси една деценија, а како галвен аргумент за тоа ги наведува честите и скапи дефекти.

