Топ
Полицијата откри малолетници кои се забавуваат во кафулиња во Охрид по полноќ, пријави ќе добијат газдите

Ноќеска охридската полиција направи акциска контрола за откривање малолетници кои престојуваат подолго од законски дозволеното време во повеќе угостителски објекти во градот. Од СВР Охрид најавија пријави за одговорните лица во угостителските објекти.
„Во неколку објекти евидентирано е присуство на малолетни лица по 24 часот, поради што на правното и одговорното лице во објектите ќе им бидат поднесени соодветни пријави“, извести СВР Охрид.
Според Законот за угостителска дејност, лица под 18 години, без придружба, е дозволено да присуствуваат во угостителски објект до 22 часот. По 22 часот треба да имаат придружба од родител или старател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Пет лица повредени, една жена во критична состојба во сообраќајка во Скопје

Пет лица се повредени во сериозна сообраќајна несреќа што се случи вчера околу 19:30 часот на улицата Христијан Тодоровски Карпош во Скопје, соопшти СВР Скопје.
Според полицијата, несреќата се случила помеѓу патничкото возило „голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од З.С. (41), и „поло“ управувано од А.Ш. (30). Најтешко повредена е сопатничката од „поло“ возилото, Х.С.Ш., додека возачот А.Ш. и другата сопатничка Ш.Ш. (57) се здобиле со телесни повреди.
Повреди добиле и возачот на „голф“ З.С. и неговиот сопатник Ѓ.Х. (42), кои се згрижени во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ и Комплекс клиники „Мајка Тереза“.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот, а причините за сообраќајката се во тек на истрага.
Македонија
На Табановце чекање и до 40 минути, АМСМ апелира за трпение

Долги колони возила се создаваат на граничниот премин Табановце, каде што за излез и влез во државата се чека и до 40 минути, информира АМСМ.
Од таму додаваат дека зголемената фреквенција на возила е резултат на летните одмори, а интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е значително зголемен. На останатите гранични премини од македонска страна засега нема подолги задржувања.
Иако сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и коловозите се суви, АМСМ апелира до возачите на зголемена претпазливост, особено на делниците низ котлини, речни долини и клисури каде што постои можност од одрони. Како критични делници се посочуваат: Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
„Возачите да ја прилагодат брзината, строго да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, бидејќи условите на патиштата бараат дополнителна претпазливост“, порачуваат од АМСМ.
Свет
Во Украина има 700.000 руски војници, еве каде е најголемата концентрација

Главната дирекција за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина (ГУР) информираше дека на територијата на Украина моментално има околу 700.000 руски војници.
Поголемиот дел од руските војници се концентрирани во регионот Донецк, што укажува на главниот приоритет на Кремљ, изјави претставникот на Главната дирекција за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина, Андриј Јусов.
Тој истакна дека овој број не ги вклучува само редовните војници, туку и силите за поддршка, специјалните служби и Руската национална гарда.
Претставникот на ГУР нагласи дека севернокорејските војници кои учествуваат во украинскиот конфликт се борат само на руска територија.
Фактот дека Северна Кореја ги испратила своите војници да се борат против Украина стана познат минатата есен, а потоа се зборуваше за бројот на војници кои достигнале дури 12.000, објавуваа дел од украинските медиуми.
Оваа пролет, јужнокорејските разузнавачки служби објавија дека нова група од 3.000 војници ја напуштила Северна Кореја и отишла во Русија.
Според британските разузнавачки служби, од март оваа година, севернокорејските трупи претрпеле повеќе од 5.000 жртви во битките против украинските вооружени сили во Курската област на Руската Федерација.