Топ
По петмесечен застој, Собранието почна постапка за именување нов состав на Комисијата за инспекциски надзор
Собранието на Република Македонија конечно, после 5 месеци од разрешување на стариот започна процес за именување на нов состав на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка откако вчера на Комисијата за избори и именување од страна на членовите беше предложен новиот состав.
Поради застојот во избор на нов состав, вработените во стручната службата на оваа Комисија немаат земено плата пет месеци по ред, а немаат ниту здравствено и пензинско осигурување. Во писмото кое тие го испратија до „Макфакс“ се вели дека Комисијата е во катастрофална состојба, немаат никакви услови за работа, а хронично болните се оставени на милост и немилост бидејќи не можат да ја набават потребната терапија без здравственото осигурување, а лековите не можат да ги земат приватно бидејќи се оставени речиси половина година без плата.
Од страна на Комисијата за избори и именување како претседател на Државната комисија е предложена Елизабета Русеска, дипломиран правник од Охрид. Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка заедно со претседателот брои вкупно 7 члена, а како предлог од Комисијата за избори и именувања покрај Русеска како претседателка се најдоа и Искра Давитковска – Костова, правник од Скопје, Ристанка Лалчевска, дипломиран правник од Охрид, Мирјана Панајотова, дипломиран правник од Струмица, Неждет Винца, дипломиран инжинер по електротехника од Скопје, Шефки Јашари, дипломиран правник од кичевско Колари и Ѓорги Чукарски дипломиран правник од Струмица.
Пленарната седница на која треба да се изгласа овој состав на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка најверојатно ќе биде закажана за идната недела.
Стручната служба на оваа Државна комисија се состои од 24 административни службеници и 4 работници распоредени во 3 сектори или вкупно 28 работници од кои поголем дел не живеат во Скопје и се приморани секојдневно да патуваат до главниот град за да стигнат на работа што претставува дополнителен трошок за нив. Помеѓу овие 28 вработени, покрај хронично болни има и бремени жени кои треба да се породат, а сè уште немаат здравствено осигурување.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Уапсено лицето кое насилно упадна во студиото на „Инфомакс“
Полициски службеници од ПС Кисела Вода го лишија од слобода 43-годишниот Г.С. од Скопје, веднаш по добиената пријава на 10.12.2025 во 23:45 часот од страна на А.М., водител на емисија на порталот Инфомакс, кој во СВР Скопје пријави дека во редакцијата на порталот, лоцирана на ул. „Востаничка“ во Скопје, машко лице влегло во редакцијата, додека траела програмата во живо, оштетило две врати и го попречувало емитувањето на емисијата, во која гостин бил поранешниот градоначалник С.Ј., а биле присутни и водителот М.Н. и камерман.
Подоцна е утврдено дека станува збор за лице со здравствени проблеми, кое претходно било спроведувано во Психијатриска болница Бардовци.
По целосно расчистување и документирање на случајот, против Г.С. ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка. Министерството за внатрешни работи и во иднина брзо и неселективно ќе ги санкционира сите случаи на напади на новинари или друго нарушување на јавниот ред и мир и против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Македонија
Насилен упад во студиото на Инфомакс, ЗНМ бара најстрога санкција за напаѓачот
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро го осудува бруталниот напад што вчера се случи во редакцијата на „Инфомакс“ за време на емитување програма во живо, од страна на непознато лице, со што беше загрозена безбедноста на новинарите Александар Митовски и Милош Милошевски, како и на вработените во редакцијата.
Според информациите од колегите од Инфомакс, непознато лице пристигнало со такси пред редакцијата за време на емисијата. Напаѓачот започнал агресивно да удира и тропа по влезната врата, која била заклучена и обезбедена со шифра. По кратко време, успеал насилно да ја скрши и да влезе во дворот на редакцијата. Во моментот кога екипата направила пауза од емитувањето, новинарот Милош Милошевски излегол да провери што се случува. Напаѓачот, продолжил да се движи кон другиот дел од објектот, каде што со сила искршил уште една врата обидувајќи се да стигне до студиото.
Според сведочењата нa колегите, лицето упатувало навреди и закани по живот, а насилното упаѓање во редакцијата довело и до насилно прекинување на емитувањето на програмата, со што директно било спречено новинарите да ја вршат својата професионална должност и слободно да информираат.
Ваквото однесување, може да биде опфатено со одредбите од член 382 од Кривичниот законик Спречување службено лице во вршење службено дејствие, со предвидени казни до три години затвор, со оглед дека напаѓачот насилно упаднал во студиото, кршел инвентар и насилно ја прекинал работата на новинарите а со тоа и нивната обврска слободно да информираат.
Овој инцидент, како што велат од ЗНМ, претставува сериозно нарушување на безбедноста на медиумските работници и директен напад врз слободата на изразување. Настанот уште еднаш ја потсетува јавноста и институциите на неопходноста од обезбедување безбедна и заштитена средина за работа на медиумите.
Здружението бара најстрога санкција за сторителот, со цел спречување на идни напади и нулта толеранција кон насилство врз новинари.
„Очекуваме сите надлежни институции, вклучително и полицијата и обвинителството, да постапат професионално, ефикасно и без одлагање, со цел случајот целосно да се расчисти во најкус можен рок“, се додава.
ЗНМ ќе продолжи внимателно да го следи случајот и ќе реагира секогаш кога е загрозена безбедноста на новинарите и медиумските работници.
Фото: Pexels
Топ
Приведен навивач од Словачка, на 10 други не им беше дозволен влез во државата поради агресивно однесување во авион за време на лет
Вчера околу 20:30 часот во СВР Скопје, од службите на Меѓународен аеродром Скопје и од Регионалниот центар за гранични работи Север е пријавено дека во воздухоплов кој пристигнал од Словачка, повеќе лица под дејство на алкохол, кои се дел од навивачка група, за време на летот и по слетувањето не ги почитувале правилата, агресивно се однесувале и ги вознемирувале останатите патници и екипажот.
Полициски службеници веднаш пристигнале на местото и по преземени мерки го приведоа Л.Т.(38) од Словачка, а на 10 други лица, исто така, од Словачка, не им беше дозволен влез во државата од безбедносни причини.
По целосно документирање на случајот, против Л.Т. ќе биде поднесена соодветна пријава.
фото: МВР

