Топ
Прегазена жена во Аеродром

Шеесет и деветгодишна жена од Скопје вчера била прегазена во Аеродром.
Според информациите на МВР, несреќата се случила вчера околу 14:30 часот на булеварот Јане Сандански во Скопје кога возило „тојота ленд крузер “ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.В.(39) од Скопје, удрило во пешакот Ц.И.(69) од Скопје.
Со возило на Итна медицинска помош Ц.И. била пренесена во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“, каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди, а во 18:30 часот починала.
Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје, а телото на починатата било дадено на обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Започна увидот во опожарената фабрика во Виница

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани го започна увидот по настанатиот пожар во фабриката „Макпрогрес-Винчини“ во Виница.
Увидните дејствија ќе продолжат и следните денови, бидејќи во дел од магацините за суровини и готови производи се уште има жаришта кои тлеат.
Поставени се противпожарни возила за заштита на плинската станица која не беше зафатена од огнот.
Во текот на утрешниот ден на увид на лице место е повикано и вешто лице – електроинжинер.
Во меѓувреме, обезбедени се снимки од видео надзор и се преземаат други дејствија за испитување на настанот, извести ЈОРМ.
Македонија
(Видео) Филипче: Ова е држава на сите, мора да се бориме за нашиот дом

„Државата не е ничија сопственост. Не е сопственост на партиите, ниту на владата. Државата е на граѓаните. Таа е нашиот дом. За нашиот дом мора да се бориме сите“, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во видео-обраќањето по повод 8 Септември, Денот на независноста.
Филипче потсети дека пред 34 години, граѓаните со храброст и одговорност ја донесоа една од најважните одлуки во историјата на Македонија – одлуката да живееме во своја, независна држава. Таа независност не беше подарок, туку резултат на визија, мудрост и истрајност.
„Македонија е на тие што се борат со животот секој ден, на тие што се грижат за своите блиски, што работат, што плаќаат даноци, што не бараат привилегии. Македонија е и на тие што останаа овде, и на тие што заминаа, ама не заборавија.“
Во своето обраќање, Филипче предупреди дека денес државата е повторно пред закана – не од оружје, туку од корупцијата, неправдата, дискриминацијата и сиромаштијата. Тој укажа дека оваа власт ја претвора државата во сопственост на малкумина, а ја оддалечува од граѓаните.
„Сакам да ѝ порачам на власта – ова е земја на сите, за сите. Не е само ваша.“
Според него, патриотизам денес не значи само да се вее знаме, туку да се обезбеди фер судство, еднакви шанси за сите, поддршка за послабите, чист воздух за сите граѓани и отчетност во трошењето на јавните ресурси.
„Патриотизам е да се бориш за чист воздух, а не да палиш депонии. Патриотизам е да помагаш на послабите, а не да трошиш од државните ресурси за себе. Патриотизам е да си го средиме сопствениот двор, сопствениот дом, да се грижиме за заедничкото – оти заедничкото е и ваше и наше, и твое и мое.“
Претседателот на СДСМ подвлече дека социјалдемократската идеја била и останала двигател на најважните државни одлуки и историски моменти: Во 1991 и 2001, СДСМ ја сочува државата од војна, ги изгради институциите од нула, ја зголеми минималната плата од 9.000 на 25.000 денари, го зајакна социјалниот систем и вложуваше во граѓаните и го донесе членството во НАТО.
„Сè што имаме – институции, плати, социјална помош, НАТО – не ни беше подарено. Сè е изборено, со многу мака и отпор.“
Во финалниот дел од обраќањето, Венко Филипче ја упати пораката што СДСМ ќе ја носи и во наредниот период – повик за нова, обединета борба:
„Ако 1991 се изборивме за независност, сега треба да се избориме за иднина.“
Филипче потсети дека патот кон Европската Унија не е само геополитички избор, туку обврска кон граѓаните кои сакаат стабилност, правна држава, повисоки стандарди и модерна економија.
„Денес сме на чекор од Европа. Тој чекор мора да го направиме сами, но заедно и обединето. Бидејќи јас верувам дека сите на крајот го сакаме истото – сигурна иднина на оваа држава и на нашите деца“, заврши Филипче.
Македонија
Три активни пожари во државата, еден под контрола, а 27 се изгаснати

Во последното денонноќие, до 07:00 часот утрово, на територијата на Р.С. Македонија имало вкупно 31 пожар на отворен простор, од кои три се активни пожари, еден е под контрола, а 27 се изгаснати, извести Центарот за управување со кризи.
Активни се пожарите во: општина Берово – Дрџински рид, м.в. Стојковото, село Русиново (каде што гори дабова, букова шума и папрат); Општина Липково – село Никуштак (гори нискостеблеста деградирана шума и дабова шума); Општина Сопиште – Студеничани – село Умово кон селата Драчевица и Варвара (гори мешана вегетација)
Како што информираше ЦУК, под контрола е пожарот во општина Гази Баба – Вардариште (каде што гори ѓубриште), а изгаснати се 27 пожари.