Топ
Рангелова поднесе оставка од функцијата претседател на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ
Пратеничката Даниела Рангелова поднела оставка од функцијата претседател на Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ. Според образложението, Рангелова наведува дека не се согласува со раководството на партијата и дека покрај предлогот на претседателот Христијан Мицкоски да остане до крајот на нејзиниот мандат, којшто изминува за една година, таа одлучила да поднесе неотповиклива оставка.
„Не можам да прифатам да бидам дел од ова раководство на ВМРО кое ја однесе партијата во изолација, кое со своите политики базирани на неискреност, сплеткарење и продуцирање кавги помеѓу нас внатре во партијата, успеа по принципот раздели па владеј, дополнително да го подели македонското национално ткиво и да внесе неприфатливо ниво на омраза помеѓу Македонците, но и помеѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ“, пишува Рангелова.
Оставката на Рангелова следува по низата партиски исклучувања и разрешувања од функции во ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, ексминистерот Никола Тодоров, потпретседателот Митко Јанчев, реформаторите Петар Богојески и Костадин Богданов, како и седумте пратеници кои гласаа за отворање на Уставот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата именува повереници за општините Маврово Ростуше, Гостивар, Центар Жупа и Врапчиште
Владата на денешната седница именува повереници за општините Маврово Ростуше, Гостивар, Центар Жупа и Врапчиште во кои што на локалните избори во октомври не беа избрани градоначалници поради недоволната излезност.
„Во врска со условот од член 132 став 2 од Изборниот законик за избор на градоначалници на општините да излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во избирачкиот список за соодветна општина не е исполнет во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово и Ростуше и Центар Жупа. Во однос на истото, согласно член 134 став 2 од Изборниот законик Владата за повереници за вршење на работите од надлежност на градоначалник за наведените општини ги именува: Онер Јакупоски за повереник за Општина Маврово Ростуше, Аријан Ибраим за повереник за Центар Жупа, Буњамин Кадриу за Врапчиште и Фадил Џелили за Гостивар“, соопштија од Владата.
Изборите во овие општини ќе се одржат на 11 јануари 2026 година.
Свет
Украина се согласи на мировен договор со Русија, тврдат САД
Украина се согласи на договор за прекин на војната со Русија, при што остануваат само мали детали, изјави американски функционер за CNN, зборувајќи под услов на анонимност. Сепак, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека треба да се заврши уште многу работа.
Изјавата на американскиот функционер дојде додека американскиот секретар на армијата беше во Абу Даби на состаноци со руски функционери во врска со предлогот на администрацијата на Трамп.
„Украинците се согласија на мировен договор. Постојат некои мали детали што треба да се решат, но тие се согласија на мировен договор“, рече тој.
Ставот на САД се чини дека е пооптимистички од јавните изјави на украинските функционери, чија делегација е исто така во Абу Даби и е во контакт со министерот за копнени сили, Ден Дрискол.
Украинскиот секретар за национална безбедност Рустем Умеров објави на социјалната мрежа X дека делегациите „постигнале заедничко разбирање за клучните услови од договорот дискутиран во Женева“.
„Сега сметаме на поддршката од нашите европски партнери во нашите понатамошни чекори“, напиша Умеров. Тој додаде дека Украина со нетрпение очекува да ја организира посетата на Зеленски на САД за „да ги заврши последните чекори и да постигне договор со претседателот (Доналд) Трамп“.
Самиот Зеленски објави на X порано утрово: „По состаноците во Женева, гледаме многу перспективи што можат да го направат патот кон мирот реален. Има солидни резултати и уште многу работа претстои“.
Во меѓувреме, потполковник Џеф Толберт, портпарол на секретарот Дрискол, рече дека разговорите меѓу делегациите на САД и Русија во Абу Даби „одат добро и ние остануваме оптимисти“.
Македонија
Уапсени директори и заменик министер за земјоделство: излажале дека недостасуваат пченица и јачмен вредни 780.000 евра
Полицијата денеска уапси пет лица осомничени за злоупотреба на стоковите резерви, излажале дека недостасуваат пченица и јачмен вредни 780.000 евра.
Полициски службеници од Единицата за финансиски криминал ги уапсија Н.Р.(51) од Куманово, поранешен директор на Јавно претпријатие за берзанско работење „Агро Берза“ Скопје, Р.А.(61) од Тетово, поранешен директор на Агенцијата за стоковни резерви Скопје, Т.К.(55) од Скопје, поранешен раководител во Агенција за стоковни резерви Скопје, Т.Д.(58) од Куманово, поранешен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и државен советник во периодот 2021-2022 година и М.П.(68) од Скопје, вешто лице.
До Јавното обвинителство Скопје поднесена е кривична пријава поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Исто така ивршени се претреси на пет локации во Скопје, Куманово и Тетово.
Имено, лицата делото го сториле така што Н.Р., Р.А., Т.К. и Т.Д. во својство на овластени лица ја злоупотребиле својата службена должност со неизвршување на својата службена положба на начин што иако биле должни да ја известат Владата на РСМ за фактичката состојба во Јавно претпријатие за берзанско работење „Агро берза“ Скопје, односно дека е настанат неоснован кусок на меркантилна пченица и јачмен (период од 2019-2021 година), истите доставиле неточни податоци и информации. Со ова дејствие лицата постапиле спротивно на Законот за стоковните резерви (чл.7 ст.2, чл.9-а, чл.12, чл.13, чл.19, чл.21 и чл.22) и изготвиле записник од 2022 година во кој дале заклучок за прифаќање отпис на кусок во количина од 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен за сточна храна од складиштето „Агро берза“ Скопје, кој бил доставен со информација до Влада на РСМ заради усвојување на Заклучокот од Владата, знаејќи дека кусокот се однесувал за период од 2007 – 2021 година. Истите знаеле дека нема законска основа да се земе предвид тој период од причина што во 2019 година била извршена целосна обнова на складираната меркантилна пченица и јачмен и во извршените контроли од Агенцијата до 2019 година, секоја година бил вршен надзор и не бил констатиран кусок, а секоја година им било доставувано решение за кало.
Додека, пријавениот М.П. како надворешен соработник, вешто лице ангажирано преку Бирото за процена постапил спротивно на одредбите од Законот за процена (чл.3 и 4) и спротивно на чл.3 од договорот за услуга склучен помеѓу пријавениот и Бирото за судски вештачења, при што изготвил вешт наод во кој внел невистините податоци, не земајќи ги во предвид сите податоци и целокупната документација од Агенција за стоковни резерви Скопје и ЈП „Агро берза“. Вештиот наод бил приложен кон информацијата до Влада и истата била прифатена од страна на Владата, при што Агенцијата за стоковни резерви Скопје била задолжена да изврши отпис на 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен за сточна храна, во вкупна вредност од 29.112.000 денари или 473.365 евра (во моментот на отписот по цените кои се набавувала пченицата и јачменот во 2022 година, вредноста на истата изнесувала 48.000.000 денари или 780.487 евра), која вредност преставува штета на Буџетот на РСМ.

