Култура
Синдикатот на Македонската филхармонија: Секојпат кога државата ќе носи одлуки што не одат во прилог на нашата институција, соодветно ќе реагираме
„Разочарани сме, но не и изненадени од одлуката за разрешување на директорката и Управниот одбор на нашата институција, Македонската филхармонија. Свесни сме дека причините за разрешувањето што Министерството за култура ги наведе во јавноста не ја рефлектираат вистината, а одлуката се должи на тоа што директорката Тина Иванова и членовите на УО застанаа зад сите нас, вработените во Македонската филхармонија, кои бевме против штетната и нетранспарентна одлука за удомување на џез-оркестарот во просториите на нашата институција“, велат од Синдикалната организација на Македонската филхармонија при СКРМ.
„Затоа, со огромно негодување, жал и резигнираност го примивме известувањето за разрешувањето на Тина Иванова од функцијата директор на Македонската филхармонија. Но, во оркестарот и во Синдикатот овој потег на министерката за култура не беше и неочекуван. Министерката за култура како надлежна прекина секаква комуникација со директорката, а со тоа и со нас и со институцијата во целина, а по создавањето на проблемот со нејзината тајна мисија Националниот џез-оркестар да биде сместен во зградата на Филхармонијата, на што систематски реагиравме.
Кога Министерката за култура и Владата најдоа друго соодветно решение за проблемот, за кратко помисливме дека комуникацијата меѓу институцијата и министерката, по неколку месечни тортури, инспекции, непринципиелни неразбирливи притисоци, ќе се нормализира и дека во нашата соработка нема место за лични хирови и каприци.
Но, за жал, со разрешувањето повторно посведочивме носење штетна одлука и поради фактот што сите сме свесни, ние и јавноста, дека директорката и УО не се разрешени поради причините што Министерството за култура ги наведе во документите за нивното разрешување, сакаме да изразиме поддршка за Тина Иванова и за сите членови на УО затоа што тие застана зад сите нас и зад куќата со која раководеа со професионалност и интегритет.
Со ова наше обраќање сакаме уште еднаш да ѝ укажеме на министерката за култура дека ние, вработените во Македонската филхармонија, нема да дозволиме повторно валкање и рушење на угледот и реномето на нашата институција и дека секојпат кога државата ќе носи одлуки што не одат во прилог на нашата институција, соодветно ќе реагираме.
Директори се менуваат, но не треба да се менува односот на државата кон своите најзначајни институции. Во тој контекст не се менува ниту нашата примарна заложба да ја штитиме институцијата секогаш кога ќе биде доведен во прашање нејзиниот интегритет.
Очекуваме кооперативност од Министерството за култура, чија основна задача е да ги штити интересите на уметниците и да гради здрава и афирмативна културна политика“, се наведува во соопштението на Синдикалната организација на Македонската филхармонија при СКРМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Хорот и оркестарот на скопското училиште „Кузман“ освои шест награди во Јесоло, Италија
Туристичкото место Јесоло во Италија ги отвори вратите за 500 учесници од 12 држави од светот, меѓу кои и избраниците на професорката по музика Вера Ангеловска од ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“ од Кисела Вода. На Светскиот куп во фолклор учесниците настапија во разни дисциплини. Македонските претставници се одлучија за вокално-инструментален ансамбл со хорот и оркестарот, како и соло настапи на пет вокали солисти и еден соло инструмент – гитара.
Старата македонска песна „Учи ме, мајко, карај ме“ беше изборот на Ангеловска за хорот и оркестарот.
Оваа музичка дружина, која брои 49 члена, од кои 39 вокали, осум флејтисти и двајца гитаристи, ја стресе бината. Под диригентската палка на Верче кузмановци блеснаа на отворената сцена, а за комплетен впечаток се погрижи прекрасната кореографија со автентични македонски предмети, како и рецитирањето строфа од македонската љубовна песна „Дениција“.
„Публиката задоволна, жирито исто така. ‘Кузман’ и овој пат ги освои срцата на присутните. Освоеното второ место, пехарот, медалите и дипломите ќе останат да сведочат за овој огромен успех на ООУ ‘Кузман Јосифовски – Питу’. Паричниот ваучер ќе биде само мотив повеќе да се продолжи со работа до следното претставување голем музички настан. Во оваа конкуренција немаше освоено прво место “, велат од училиштето.
За дефилето пред завршната вечер, Македонија беше избрана од страна на организаторот да ја предводи долгата редица натпреварувачи на улиците на Јесоло, па ечеа македонски песни и се вееја македонски знамиња.
Солистите освоија едно прво место, две втори и две трети места, како и една пофалница.
Македонските претставници велат дека добиле и ексклузивна покана за прием кај градоначалникот на Јесоло, Кристофер де Зоти, кој ги поздравил и им посакал уште поголем успех во иднина на музичките таленти од Македонија.
Култура
Промоција на стихозбирката „Моето алтер его“ од Елеонора Николовска
Во НУ Центар за култура – Крива Паланка, вечерва (28 мај), со почеток во 19 часот, ќе биде промовирана стихозбирката „Моето алтер его“ од поетесата Елеонора Николовска, во рамките на манифестацијата „Крива Паланка – град на културата 2024“.
Станува збор за збирка од 47 лирски песни со посебно изразена живост, преку кои Николовска порачува: „Никој нема совршен живот, но сите имаме совршени моменти“.
Рецензентка на збирката е Силвана Крстовска, а промоторка Ирена Белешковска. Стихови ќе чита поетесата Емилија Колевска, а куриозитет за публиката ќе биде настапот на младата талентирана Нина Николовска, државен првак во соло пеење.
Илустрациите на поетската збирка се креирани од Ана Срока, преку колаж на цветни мотиви што ги разигруваат страниците полни со емоции.
Елеонора Николовска е родена во Крива Паланка. Дипломира на Филолошкиот факултет, а подоцна магистрира менаџмент на човечки ресурси.
Авторка е на збирката поезија „Чекајќи го животот да се случи“, (2021) и збирката раскази „Расказите раскажуваат“ (2023).
Нејзините поетски творби, раскази, сатирични песни, афоризми и други творби се објавени во над 70 збирки, зборници, списанија, антологии на македонската и балканска книжевна сцена.
Култура
Патувачката изложба „Сликарството на Ликовната академија во Штип“ се враќа во Штип
По успешните претставувања на изложбата од Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ пред прибирливата публика во Софија и пред публиката од разни возрасти во Виница, „Сликарството на Ликовната академија во Штип“ се враќа во своето почетно место – Штип.
Со отворањето во „Галерија 22“ на НУ Центар за култура „Ацо Шопов“ во Штип, на 28 мај 2024, со почеток од 12 часот, делата од дипломираните и актуелни студенти ќе ја заокружат целта на проектот – афирмација на штипската Ликовна академија во земјата и регионот.
Со проектот се случи првото претставување на квалитетите на високообразовната установа надвор од државата и градот Штип. Проектот создаде пријателства и поврза институции од областа на културата и образованието. Се разменија искуства и се говореше за квалитетот на образованието и ликовната уметност.
Изложбата во Штип ќе биде отворена од страна на деканот на Ликовната академија, проф. д-р Петар Намичев, во присуство на професорите – ликовни уметници, како и во присуство на авторите на изложените дела.
Учесници на изложбата се: Вангел Крстиновски, Бојана Тошевска, Мики Иванов, Миа Ефремова, Крсте Тарабунов, Ивана Ивановска, Дејан Витанов и Александра Јеротиевиќ-Андреева.
Жанровски најзастапена е мртвата природа, а исто така може да се видат и лицата на некои од авторите преку жанрот автопортрет, како и дела што биле дел од специфични задачи од опфатените предмети во Ликовната академија.
Д-р Иво Пецов како куратор на изложбата се погрижи да бидат избрани карактеристичните дела од ареалот на штипската Ликовна академија во согласност со целите на нејзината програма – да образува кадри од областа на класичното сликарство. Изложбата прави своевиден пресек на досегашната работа на Академијата, а изложените дела се од периодот 2019 – 2023 година.
Во образовната програма „Класично сликарство“ студентите од оваа изложба работеле под менторство на разни наставници, и тоа: Викторија Егорова и Игор Егоров од Русија, Лариса Бондаренко и Владимир Недајборшч од Украина, како и македонските професори: Јордан Ефремов, Слободан Милошески, Ванѓа Димитријева-Кузманоска и Јана Јакимовска.
Посетителите на галеријата во НУ Центар за култура „Ацо Шопов“ во Штип ќе имаат можност да ја разгледаат до 10 јуни 2024 година.