Топ
ЦУК: Пожарникарите утрово гаснеа запалени бараки и куќи во Драчево, истрагата за пожарот е во тек
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека пожарникарите истовремено гаснеле пожари во урбани средини. ЦУК информира дека за пожарот на повеќе куќи во скопско Драчево биле ангажирани голем број ПП-возила и пожарникари. Конкретно, Регионалниот ЦУК Скопје известува дека БППЗ на Град Скопје од 17.25 до 3 часот утрово гаснеле запалени бараки, куќи, на улицата Бранко Заревски бр. 36 во населбата Драчево, општина Кисела Вода. Пожарот бил проширен на околните три бараки. Интервенцијата ја извршиле со 8 ПП-возила и 30 пожарникари. До утринскиот извештај до ЦУК нема пристигнато информација за материјалната штета, зафатената површина, а и за причината за пожарот. Најверојатно, истрагата ќе се врши подоцна.
ЦУК апелира за да не се палат стрништа, шума и друга вегетација, а и отпадоци, ѓубришта и контејнери на отворено бидејќи тоа го намалува квалитетот на амбиенталниот воздух и, секако, граѓаните да ги слушаат препораките на пожарникарите преку медиумите за превенција од пожари, да бидат внимателни и при прошетките во природа бидејќи на повисоките места, на планински осои, многу места се замрзнати, oсобено на почетокот и на крајот од денот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Не би се изненадил ако дојдеме и до 100 тони запленета марихуана
Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на случајот со запленетата марихуана, дали ќе има некакви одлуки на денешната седница на Владата, изјави:
„Па да, јас тоа го најавив дека во периодот којшто следи ќе се направи проверка и во други објекти. Денеска на Влада ќе се донесе тоа задолжение. Јас поради други активности нема да ја водам денешната седница, ќе ја води потпретседателот Димовски. Но, очекувам ваков тип на одлуки да бидат донесени и во деновите коишто следат да се проверат сите оние компании коишто добиле на некаков начин лиценца за да ја вршат оваа дејност.“
Премиерот Мицкоски во однос на запленетата дрога, истакна дека не би се изненадил ако дојдеме и до 100 тони запленета марихуана.
„Па неколку десетици тони, не би се изненадил ако дојдеме и до сто тони на запленета марихуана.“
На прашањето кој министер бил во тоа време којшто овозможувал олеснување на тие правила за добивање на овој тип на лиценци Мицкоски рече:
„Па јасно е кој бил, мислам можете да претпоставите дека во одреден период министер таму е и Венко Филипче. Но, лиценците се една работа, а втора работа е што е донесен Правилник којшто е ниво под Законот, односно е подзаконски акт со којшто се дозволува практично да се произведува цвет од канабис којшто не ги задоволува ГМП нормите. И тоа биле свесни дека тоа ќе се случи. И ако не ги задоволува тие норми, логично е дека со неговото користење или во процесот на екстракција, маслото коешто се произведува не може да биде лиценцирано и да се најде во продажба, односно да биде пуштено во промет. Тоа било многу јасно и на тие коишто го носеле тој Правилник. Сега вистинското прашање е, кој бил мотивот да се донесе таков Правилник ако вие знаете дека не можете да го постигнете квалитетот за да произведете масло коешто ќе се продава на пазарот и коешто ќе ги исполнува нормите. И тука треба да се направи една озбилна истрага, но ова е само почеток. Ова е само почеток, од тоа што го имаме како индиции, но и од тоа коешто Министерството за внатрешни работи го врши во истрагата, одредени телефони, одредени разговори и така натаму и друг тип на докази, работата ќе биде многу, многу поголема.“
Македонија
Најнов извештај: Во Македонија нема суштински напредок во борбата против корупцијата
Република Северна Македонија и годинава бележи 40 поени на Индексот за перцепција на корупцијата, што значи дека нема суштински напредок во борбата против корупцијата, туку има константа како почетна точка од која работите треба да тргнат на подобро, велат од Транспаренси интернешнл.
„Формално сме позиционирани четири места подобро на ранг-листата од минатата година 84 позиција. Ова подобрување покажува дека минатата година во борбата против корупцијата ни одело подобро од 4 други држави“, се наведува во соопштението.
Од Транспаренси интернешнл велат дека клучните системски проблеми и понатаму остануваат неуспешните и недовршени реформи во судството и обвинителството, кои не успеваат да обезбедат ефикасен, независен и одговорен правосуден систем. Дополнително, велат од таму, случувањата поврзани со поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата сериозно ја нарушила довербата на јавноста во институциите задолжени за борба против корупцијата.
„Загрижува и нетранспарентниот процес на изготвување на измените на Кривичниот законик, како и нивната содржина, која не само што не придонесе за зајакнување на антикорупциската рамка, туку во одредени сегменти ја ослаби. Исто така, се уште не се донесени и новиот Закон за укажувачи, како и измените на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, едни од најважните закони во борбата против корупцијата“, се наведува во соопштението.
Според Транспаренси интернешнл, овие резултати испраќаат јасна порака: без вистинска политичка волја, транспарентни процеси и отчетни институции, Северна Македонија ќе остане заглавена во стагнација. Според нив, борбата против корупцијата мора да се третира како врвен државен приоритет, а не како декларативна заложба.
Македонија
Левица: Усвоен предлог – законот со кој се укинува дискреционото право на директорите за вработувања во болниците
На денешната седница, Собранието на Република Македонија, во прва фаза, го усвои Предлог-законот поднесен од Левица со кој се укинува дискреционото право на директорите на јавните здравствени установи при вработување, соопштија од Левица.
Според партијата, со оваа одлука, за првпат сериозно се нарушува долгогодишниот механизам на партиска контрола врз јавното здравство и се отвора пат кон систем заснован на знаење, стручност и професионални критериуми.
„Предложените законски измени ја затвораат правната празнина што со години ја легитимираше практиката на селективни и однапред договорени вработувања, дозволувајќи најквалитетните кандидати да бидат системски исклучувани. Наместо дискреционото право на директорот, сега воведуваме обврска за почитување на ранг-листите при секој јавен конкурс. Ова е суштински чекор кон департизација на јавното здравство и кон враќање на достоинството на медицинската професија. Државата конечно добива можност да го задржи најдоброто што го создава, наместо да го извезува поради неправда и клиентелизам“, велат од Левица.

