Uncategorized
(Видео) Милевски: Се обновува валандовската градинка „Калинка“ – подобри услови за над 140 деца

Промена на покривната конструкција, изведба на термофасада, енергетско-ефикасна столарија, поставување сончеви колектори за производство на електрична и топлинска енергија, замена на системот за парно греење, реконструкција на санитарните јазли, како и поставување нови подни површини. Ова се градежните активности што се вршат во детската градинка „Калинка“ во Валандово, која се очекува да се реотвори до крајот на годината.
„Ние како Општина вложуваме за нашите сограѓани. Конкретно за градинката, конечно децата и воспитувачите заслужуваат пријатна атмосфера и подобри услови. Оваа градинка датира од 1980 година и има капацитет за 180 деца, веруваме дека ова ќе биде пример и за другите општини да инвестираат во нивната иднина“, рече Перо Костадинов, градоначалник на општина Валандово.
Вкупната инвестиција во градинката „Калинка“ изнесува 388 илјади евра, а Министерството за локална самоуправа кофинансира 15 отсто од вкупната сума.
„Министерството за локална самоуправа го кофинансира проектот преку ИПА-прекуграничната програма на Европската Унија помеѓу нашата земја и соседна Грција, а носител на проектот е Општина Валандово. Навистина ни е драго што ќе може оваа градинка да ја реотвориме до крајот на годината“, додаде Горан Милевски, министер за локална самоуправа.
По завршувањето на реконструкцијата, градинката ќе торши 70 отсто помалку енергија и ќе нуди целосно подобрени услови за дечињата. Обновата е дел од проектот „Евалуација на мерки за енергетска ефикасност“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
Шведска од полноќ го презеде претседавањето со Европската унија

Шведска од полноќ го презеде претседавањето со Советот на Европската унија од Чешка.
Шведска е членка на ЕУ од 1995 година и ова е трето претседавање со земјата по 2001 и 2009 година.
Земјите-членки на ЕУ претседаваат со Советот на ЕУ на секои шест месеци и за тоа време претседаваат со состаноци на сите нивоа во Советот, кој заедно со Европскиот парламент е законодавно тело на ЕУ.
Во програмата на своето претседателство, под слоганот „Позелено, побезбедно и послободно“, шведската влада постави четири приоритети: безбедност и единство, конкурентност, зелена и енергетска транзиција и демократски вредности и владеење на правото, пренесува Хина.
Една од целите на шведското претседателство е завршување на преговорите за климатскиот пакет „Подготвени за 55 проценти“, кој содржи низа предлози насочени кон намалување на нето емисијата на стакленички гасови во ЕУ за најмалку 55 проценти до 2030 година.
Во тоа беше многу успешно чешкото претседателство кое ги заклучи сите предлози од пакетот поврзани со заштитата на климата, а најважна задача за шведското претседателство останува енергетскиот дел, односно договорот за директивата за обновливи извори на енергија и директивата за енергетска ефикасност,пренесе Телеграф.рс.
Uncategorized
Поранешниот шеф на руската вселенска агенција е ранет во Украина

Поранешниот шеф на Роскосмос, руската вселенска агенција, Дмитриј Олегович Рогозин, се здобил со потрес на мозокот и рана над десното рамо, изјави неговиот помошник за новинарите, јавуваат руските медиуми.
„Дмитриј Олегович е ранет. Метален фрагмент со димензии 8 на 6 милиметри навлегол над десната скапула во близина на ‘рбетот. За чудо не удрил во белите дробови. Покрај тоа, Дмитри Олегович има потрес на мозокот. Нема други повреди”, изјави неговиот помошник.
Поранешниот шеф на Роскосмос беше ранет при гранатирањето на Доњецк во средата вечерта. Поради сложеноста на повредата, локалните лекари не се осмелиле да го оперираат. Тој сега се наоѓа во една од болниците во Ростов, каде што чека да биде пренесен во Москва.
Медиумите не наведуваат зошто Рогозин бил во Украина.
Uncategorized
Фудбалската бајка за Меси заврши со светска титула по пенал-серијата против Франција

По едно неверојатно драматично финале, Аргентина ја освои својата трета светска титула, победувајќи ја Франција на пенали со 4:2 по неверојатните 120 минути во кои беше 3:3, за Лео Меси, конечно, да ја круниса својата фантастична кариера со најголемиот трофеј во фудбалот.
На моменти на финалето во Доха изгледаше дека Аргентинците не можат да загубат, но Франција секогаш успеваше начин да се врати, предводени од хет-трикот на Килијан Мбапе, за на крајот трофејот да се одлучува во пенал-серијата, каде што Аргентинците беа безмилосни и постигнаа четири гола, додека Кингсли Коман и Орелиен Чуамени не дадоа голови.
Аргентина имаше 2:0 водство по само 36 минути игра, откако Лео Меси со гол од пенал и „џокерот“ Анхел ди Марија ја крунисаа одличната игра и тоталната „блокада“ на Французите. Откако првпат упатија удар на голот на противникот по повеќе од час игра, Французите направија неверојатен камбек – за 95 секунди Килијан Мбапе даде два гола, еден од пенал и еден од игра, за да се отиде во продолженијата. И во продолженијата не недостасуваше драма – Лео Меси го постигна својот втор гол и до трофејот ги делеа 10-тина минути, пред да биде досуден уште еден пенал, кој Мбапе го реализираше за 3:3.
Во пенал-серијата, Мбапе повторно како прв беше прецизен, пред истото да го повтори Меси, но потоа обидот на Коман беше одбранет од Емилијано Мартинез, додека Чуамени шутна покрај голот за славје на Аргентинците.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк