Daily news
ВМРО-ДПМНЕ: Остануваме на барикадите со народот сè до враќање на правната држава
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека и денеска ќе блокира неколку крстосници во Скопје. Од партијата најавија и дека во 18 часот ќе одржи протест пред кривичниот суд. Од таму велат дека ќе останат на барикадите со народот сè до враќањето на правната држава.
„Измислувањето и конструирањето обвинение за тероризам против луѓе кои не сториле ниту прекршок во својот живот е класичен политички реваншизам против сите кои не се согласуваат со антидржавните политики и имаа храброст тоа јавно да го кажат. Да се прогласат за терористи луѓе кои никогаш не држеле оружје в рака и истите да се изедначат со терористите од Диво Насеље кои убија осуммина бранители е срамно и недозволиво“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму велат дека притворањето уметници, глумци, режисери, архитекти, пратеници, припадници на безбедносните сили и луѓе кои беа дел од иницијативата „За заедничка Македонија“ со конструирано обвинение за тероризам е акт на безумие и политичка тортура.
„Во момент кога владата на Заев ослободува криминалци и убијци и најавува меѓународни комисии за терористите од Диво Насеље, органите на прогонот по негов налог се изживуваат врз чесни патриоти чиј единствен грев е што си ја сакаат татковината. Република Македонија е заробена држава од хунтата на власт. Човековите права и слободи повеќе не важат. Ги укина лично злосторничката банда на Зоран Заев“, се вели во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека службените лица се изживуваат и ги фотографираат неправедно притворените, а потоа ги испраќаат фотографиите до медиуми под контрола на СДС за да му се пофалат на Заев што направиле.
„Доколку овие лица немаа наредба од највисокиот партиски врв на СДС за да го прават ова, досега ќе имаше кривична пријава и против нив и против директорот на Истражниот затвор ‘Шуто Оризари’, а невладините организации и новинарските здруженија ќе ги осудеа медиумите. Реакција нема затоа што овие лица не ги кршат човековите права на своја рака туку тоа го прават по нечиј налог. По налог на оној кому му пречи пеењето на химната на Република Македонија и кому му пречи идејата ‘За заедничка Македонија’. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи ова лудило да продолжи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата најавија дека денеска ќе изврши блокирање на следните крстосници во период од 15 до 17 часот: крстосницата кај Мавровка; крстосницата помеѓу улиците Васил Чакаларов и Ангел Динев во Карпош; крстосницата кај „Рампа“ во населбата Кисела Вода.
ВМРО-ДПМНЕ ќе организира и протест пред Основниот суд Скопје 1 – Скопје денеска во 18 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.