Uncategorized
Коѕијас: Заедничка комисија ќе го отстранува иредентизмот од македонските учебници
Треба да се почекаат изборите во октомври и да се види дали новата Влада во Скопје ќе ја зацврсти својата позиција за да можеме да влеземе во посериозни преговори за решавање на прашањето за името, изјави грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, во интервју за националната телевизија ЕРТ.
Според Коѕијас, зад проблемот за името се крие и проблемот со иредентизмот кај северниот сосед.
– Се надевам и верувам дека од нивна страна ќе бидат преземени мерки за ограничување на иредентизмот – вели шефот на грчката дипломатија.
За тоа, како што посочува, во Њујорк разговарал со својот македонски колега Никола Димитров оценувајќи го како извонредно интересна личност.
– Се договоривме да формираме заедничка комисија од ноември годинава, која во рок од четири месеци ќе треба да си ја заврши својата работа – отстранување на иредентизмот од учебниците и географските карти во нив. Тоа е многу важен чекор, а следуваат и други чекори за кои веќе разговараме – изјави Коѕијас.
Прашан дали е можно приклучување на Македонија во НАТО и ЕУ, без решавање на прашањето за името, Коѕијас нагласува дека е неопходно првин да се затвори ова прашање како што е предвидено и со Привремената спогодба потпишана во средината на 90 години.
– Нашата соседна и нагласувам, пријателска земја бидејќи нашите народи имаат многу пријателски односи, не може да се приклучи во меѓународните организации како што се НАТО и ЕУ, без да се реши прашањето за името, што е предвидено и со Привремената спогодба. Недостигот на Привремената спогодба беше тоа што предвидуваше спорот за името да биде решен бргу, што би ѝ овозможило на соседната земја да се приклучи во меѓународните организации, но не предвидуваше кои мерки да бидат преземени ако не се најде решение. Всушност, во изминатите децении немавме суштински преговори – изјави Коѕијас.
За пишувањата во грчките медиуми дека предлогот на Атина за решавање на проблемот е името Вардарска Македонија, Коѕијас вели дека од грчка страна не се дадени никакви предлози, а објавените написи во кои се тврди спротивното ги смета за слободни новинарски толкувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Бијонсе и Џеј Зи во документите за Епстин: Досијејата ја потресоа светската елита
Во изминатите денови светската јавност ја потресоа новообјавени документи поврзани со случајот на Џефри Епстин, кои ги објави Министерството за правда на САД.
Документите предизвикаа силни реакции и згрозување, бидејќи укажуваат дека бројни познати и влијателни личности од политиката, забавната индустрија и спортот, како и членови на европски кралски семејства, биле во контакт со Епстин и го посетувале неговиот остров, каде, меѓу другото, биле злоставувани малолетни лица.
Во дел од документите се спомнува и раперот Џеј Зи, за кого се наведува дека наводно присуствувал на сексуално злоставување на една девојка, кое го извршил филмскиот продуцент Харви Вајнстин, повеќекратно осудуван за сексуални напади.
По објавувањето на овие информации, сопругата на раперот, светската музичка ѕвезда Бијонсе, изгубила околу десет милиони следбеници на Инстаграм, додека Џеј Зи изгубил приближно 100.000. Голем број познати личности и моќни брендови престанале да го следат раперот, меѓу кои Ријана и Ким Кардашијан.
Во документите се тврди дека во 1996 година една жена наводно била киднапирана од својот дом, по што се разбудила во вилата на Епстин на Флорида, во присуство на Вајнстин и Џеј Зи. Според наводите, таа била изложена на сексуално злоставување во повеќе инциденти на имотите на Епстин, но овие тврдења досега не се потврдени.
Во еден од документите се наведува дека жената се разбудила во присуство на Вајнстин и Шон Картер (Џеј Зи), по што следи цензуриран опис. Таа изјавила и дека била наводно злоставувана за време на забава во 2007 година, на која присуствувале Вајнстин и раперот Пуша Ти.
Ниту Џеј Зи, ниту Вајнстин, ниту Пуша Ти не се обвинети во рамки на случајот со Епстин. Вајнстин во моментов се наоѓа во затвор поради одделна пресуда за сексуален напад.
Во меѓувреме, објавени се и документи во кои се спомнува и Бијонсе, но во поинаков контекст – како настап на настан од Формула 1, спомнат во извештај на еден учесник. Засега, нејзиното име не се поврзува со какви било обвиненија.
Uncategorized
Бајден: Знаеме кои сме, време е да му го покажеме тоа на светот и на самите себе
Џо Бајден им се придружи на американските претседатели од редовите на Демократската партија во осудата на смртоносната пукотница во Минеаполис. Коментирајќи ја веста дека федералните агенти го убиле 37-годишниот медицински техничар Алекс Прети, Бајден рече дека чинот претставува „предавство на најосновните вредности на Американците“.
Во изјавата во која се повикува на уставното право на правична постапка, Бајден рече: „Ние не сме земја што пука во своите граѓани на улица. Ние не сме земја што дозволува бруталност врз граѓаните за остварување на нивните уставни права. Ние не сме земја што го гази Четвртиот амандман и толерира тероризирање на нашите соседи“.
„Луѓето од Минесота нè потсетија на сè што значи да се биде Американец, а тие веќе претрпеа премногу под оваа администрација. Насилството и теророт немаат место во САД, особено кога нивната сопствена влада ги таргетира американските граѓани“, додаде тој.
Во малку прикриена критика кон Доналд Трамп, чија администрација се соочува со растечки критики за тактиките за имиграција, Бајден истакна: „Никој не може да го уништи она за што се залага и во што верува Америка, дури ни претседателот, ако ние, целата Америка, се заложиме и проговориме“.
„Знаеме кои сме. Време е да го покажеме тоа на светот. Уште поважно, време е да го покажеме и на самите себе“, истакна тој. Тој повика на „целосни, фер и транспарентни“ истраги за „бесмислените“ убиства на Прети и Рене Гуд.
Изјавата на Бајден следува по осудите што ги упатија претходно Барак Обама и Бил Клинтон. И двајцата ги повикаа Американците да проговорат и предупредија дека основните американски вредности се нападнати по засилената репресија на администрацијата на Трамп против имиграцијата во Минеаполис.
По напуштањето на функцијата, Бајден претежно се држеше подалеку од јавноста. Тој моментално се лекува од рак на простата и е ангажиран во пишување мемоари и развивање на претседателската библиотека.
Неговите изјави доаѓаат во време кога многу демократи се незадоволни од неговата одлука да остане претседателски кандидат на партијата долго време во текот на изборниот циклус во 2024 година, потег што критичарите го оценија како ослабување на моментумот на партијата.
Бајден на крајот ѝ ја отстапи номинацијата на потпретседателката Камала Харис, која Трамп ја победи и освои втор мандат во Белата куќа.
Uncategorized
Најдено тело на четиригодишно дете кое паднало oд брод со мигранти
Крајбрежната стража на Грција вчеравечер уапси маж кој со брод се обидел да избега додека криумчарел мигранти, додека пак пред два дена, по дојава дека биле истоварени мигранти кај Икарија, властите пронашле тело на четиригодишно дете.
Патрола на крајбрежната стража го забележала бродот како се движи со голема брзина кон западниот брег на Хиос, по што започнала потера, а криумчарот отишол кон плажата Гларој каде ги „истоварил“ сите патници кои избегали.
Подоцна, Крајбрежната стража и локалната полиција подоцна пронајдоа 16 мажи, 11 жени и девет деца, по што биле однесени во прифатен центар на Хиос.

