Uncategorized
Во снежното невреме во Србија блокирани 10.000 луѓе

Снежното невреме и силниот ветер предизвикаа во петокот во Србија сообраќајни несреќи со повеќе десетици повредени и застои на автопатот Ниш – Белград, додека на Пештерската висорамнина се блокирани околу десет илјади луѓе.
Најтешка е ситуацијата на југот, југоистокот и делумно на југозападот од Србија, каде што снежните врнежи се проследени со силен ветер.
Министерката за сообраќај и градежништво Зорана Михајловиќ најави дека патничкиот и товарниот сообраќај од Ниш до Лесковац ќе биде целосно запрен по многубројните судири и застои предизвикани од снегот и силниот ветер.
Во два верижни судара на автопатот кај Ниш повредени се 25 луѓе, меѓу кои најмалку шест се деца, а големи застои во сообраќајот настанаа поради силниот ветер што предизвикува високи наноси од снег.
Во првиот верижен судар кај Ниш учествувале 27 возила, а во вториот се повредени тројца државјани на Бугарија.
Сите села на Пештерската висорамнина, каде што живеат околу 10.000 луѓе, од петокот утрото се во снежна блокада. Најголеми проблеми предизвикува виулицата која создава наноси од снег високи и до четири метри. Многу села во овој сточарски крај поради снегот и солниот мраз останале без вода, па загрозени се повеќе илјади говеда и овци, јавува Радио-телевизија Србија.
Министерството за внатрешни работи ја ангажираше специјалната единица, а секторот за вонредни ситуации при министерството за внатрешни работи интервенирало на југот од Србија најмалку дваесет пати, евакуирајќи од автомобили завеани во снегот 22 лица.
Полицијата и Авто-мото сојузот на Србија апелираат, и покрај божикните празници, на пат да не се тргнува без неодложна потреба, со задолжителна зимска опрема и многу внимателно возење./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
Сиљановска-Давкова – Касами: Локалната самоуправа е клучна во решавањето на најважните проблеми на граѓаните

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска гo прими градоначалникот на Тетово, Билал Касами кој ја покани на македонската вечер во рамките на годинашната културно-уметничка и спортска манифестација „Тетово прославува – Тетовско културно лето 2025“.
На средбата, Касами ги претстави неговите заложби за развој и афирмација на културната димензија и спортот заради задоволување на потребите на младите и јакнење на меѓусебната почит.
Исто така, градоначалникот ја запозна со изградбата на школските базени и ја потенцираше важноста од изградба на пречистителна станица преку ИПА фондовите, како најважна за заштита на водите.
Претседателка ја истакна важноста од решавањето на проблемите врзани за младите и за животната средина и екологијата, како на локален, така и на централен план.
За претседателката, локална самоуправа е клучна во решавањето на најважните проблеми на граѓаните врзани за локусот и за развојот на демократијата.
Uncategorized
Трамп: Ги прекинуваме сите трговски преговори со Канада

Американскиот претседател Доналд Трамп објави на својата социјална мрежа „Тру Соушал“ дека ги прекинува сите трговски преговори со Канада.
„Штотуку бевме информирани дека Канада — земја со која е многу тешко да се тргува — вклучително и фактот дека со години им наплатува на нашите земјоделци дури 400 проценти царина на млечни производи, штотуку објави дека ќе воведе данок на дигитални услуги за американските технолошки компании, што претставува директен и очигледен напад врз нашата земја.
Очигледно ја копираат Европската Унија, која направи исто и со која сè уште преговараме. Поради оваа бесрамна одлука за данок, ги прекинуваме сите преговори за трговија со Канада, со итно дејство. Канада ќе биде информирана за царините што ќе треба да ги плаќа за работење со САД во рок од следните седум дена. Ви благодарам за вниманието“, напиша Трамп.
Оваа објава следуваше откако Трамп соопшти дека неговиот рок за трговски договори на 9 јули, не е фиксен. Тој им објасни на новинарите дека договор може да се постигне и пред или по тој датум, кога треба повторно да бидат воведени посеопфатни американски царини ако не се постигне договор.
„Можеме да направиме што сакаме. Можеме да го продолжиме рокот. Можеме да го скратиме. Јас би сакал да го скратам. Би сакал само да им испратам писма на сите: Честитки, плаќате 25 проценти“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент претходно нагласи дека трговските договори би можеле да бидат завршени до почетокот на септември.
Американскиот претседател Доналд Трамп прво најави царини од 50 отсто кон ЕУ, кои требаше да стапат на сила на 1 јуни, но тој реши да го продолжи рокот за преговори до 9 јули. Моментално се во сила американски царини од 10 проценти на поголем дел од европската стока и 25 отсто царини на автомобили, челик и алуминиум.
По една недела во која царините беа во втор план поради американскиот напад на иранските нуклеарни постројки и поради огромниот закон за даноци и потрошувачка во Конгресот, трговските преговори на администрацијата на Трамп се забрзаа. САД вчера ѝ испратија нов предлог на Европската Унија, а Индија испрати делегација во Вашингтон за понатамошни разговори.
„Значи, имаме земји што ни се обраќаат со многу добри договори. Имаме 18 важни трговски партнери. Ако можеме да потпишеме договор со 10 или 12 од нив, од 18-те, и ако имаме уште 20 важни односи, мислам дека трговските договори може да се затворат до Денот на трудот“, изјави Бесент за Fox Business Network.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека од американската страна го добиле најновиот предлог за понатамошни преговори за царините, нагласувајќи дека Унијата е подготвена за договор, но и за ситуација во која нема да се постигне задоволувачки договор.
„Го добивме најновиот американски документ за понатамошни преговори, кој сега го разгледуваме. Подготвени сме за договор, а во исто време се подготвуваме и за можноста да не се постигне задоволувачки договор“, изјави фон дер Лајен.
Таа нагласи дека Комисијата во преговорите за царини ќе ги брани европските интереси и дека сите опции „остануваат на маса“.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц порача дека ЕУ треба да постигне „брз и едноставен“ трговски договор со САД, а не „бавен и комплициран“, додека францускиот претседател Макрон порача дека неговата земја нема да прифати договор што е нерамнотежен.
Uncategorized
Макрон најави забрана за социјалните мрежи за деца под 15 години

Францускиот претседател, Емануел Макрон, објави дека ќе го забрани пристапот до социјалните медиуми за деца под 15 години доколку наскоро не се постигне напредок по ова прашање на ниво на Европската унија.
Одлуката следува по вчерашниот смртоносен напад од страна на ученици врз 31-годишен директор на училиште пред основно училиште во градот Ножан.
„Не можеме повеќе да чекаме“, рече Макрон во телевизиско обраќање на каналот „Франс 2“, пишува Политико од Брисел.
Тој истакна дека прекумерната употреба на социјалните мрежи меѓу децата е фактор на ризик и дека воведувањето контрола на возраста би можело да помогне во заштитата на младите луѓе.
Грција, со поддршка на Франција и Шпанија, веќе предводи иницијатива во рамките на ЕУ за ограничување на времето што тинејџерите го поминуваат на интернет, но Макрон сака Франција да преземе мерки дури и пред евентуалната заедничка европска одлука.
Макрон, исто така, најави дополнителни безбедносни мерки, вклучително и проверка на возраста на корисниците на страниците што продаваат ножеви преку интернет.
Тој најави големи казни и забрани за страниците што не се придржуваат.
„15-годишник повеќе нема да може да купи нож преку интернет“, рече претседателот.
Францускиот премиер, Франсоа Бајру, претходно изјави дека сака да ја забрани продажбата на ножеви на малолетници.
Француските власти веќе преземаат чекори за да ги принудат платформите како што се X, Reddit и Bluesky да спроведат проверка на возраста, третирајќи ги како страници со содржина за возрасни.