Uncategorized
Граѓанските организации реагираат: Важните закони се носат нетранспарентно и со делумна вклученост на граѓанскиот сектор
На денешната прес-конференција на организациите вклучени во проектот ,,ЗА ПРАВДА -заедничка акција за следење на судските реформи и застапување за нивно спроведување’’, беа презентирани наодите од вториот мониторинг бриф за реформите во правосудството во периодот декември 2018 – март 2019 година. Наодите од мониторингот се засноваат на четири параметри: транспарентност, вклученост, почитување на временската рамка и имплементација.
Согласно со извештајот, беше посочено дека и покрај тоа што поголемиот дел од законите се подготвувани во соработка со граѓанските организации, досега преземените мерки предвидени со Стратегијата за реформи во судството 2017-2022 и Акцискиот план, се со делумна транспарентност и вклученост. Ваквата оценка граѓанските организации ја даваат од причина што важните закони се подготвуваат и донесуваат во скратена постапка, нетранспарентно и без вклученост на граѓанските организации.
„И покрај декларативните заложби за соработка со граѓанските организации, сепак во пракса, законите како што е Кривичниот законик и тој за јавното обвинителство, беа подготвувани без наше учество, што го сметаме за голем пропуст и тоа не говори дека има сериозна заложба да бидеме вклучени во овие важни процеси за нашата земја“, нагласи Уранија Пировска, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет.
Од извештајот веднаш, како што беше посочено, може да се согледа дека предвидените рокови не се испочитувани, но овие пречекорувања може до некаде да се сметаат за оправдани со оглед на другите круцијални процеси кои се случуваа во земјава во изминатиот период. Што се однесува до имплементацијата, во извештајниот период биле донесени шест нови закони или законски измени и дополнувања и тоа на Кривичниот законик, Законот за судови, Законот за управен спор, закон за прекршоци, Законот за извршување и Законот за нотаријат, за повеќето закони организациите немаат оценка за имплементација бидејќи сè уште не се објавени и не се стапени на сила.
Во однос на прашањата поврзани со статусот на специјалното јавно обвинителство, Нада Наумовска од ФООМ нагласи дека клучно прашање е дали трансформацијата на СЈО ќе даде правна разрешница за наводите за сторен криминал. Таа се осврна на Анализата за проблемите и предизвиците на СЈО, изготвена од професорот Гордан Калајџиев, каде е оценето дека со понудените решенија, дел од проблемите навидум се решаваат, но некои се продлабочуваат. Оттука, трансформацијата на обвинителството се решава, но не е јасна неговата поставеност во однос на Одделението за организиран криминал, а проблематични остануваат и роковите за постапување.
Наумовска потенцираше дека главната забелешка е постапката во која се носи овој закон: „Кога се носеше првиот закон бевме во политичка и институционална криза. Сега не сме во таква ситуација. Ако тогаш беше оправдано, сега не е случај. Амандманите се нешто што треба да се разгледува, но законот во целост треба да е ставен на расправа на засегнатите страни и граѓанските организации“.
Гаранцијата како мерка сè уште не е укината и покрај јасните одредби во Законот за кривична постапка
На прес-конференцијата беше отворено и прашањето за двајца обвинети во случајот ,,27‘Април’’, за кои е дадена гаранција, а по утврдената мерка притвор. Гаранцијата како мерка сè уште не е укината, иако согласно Законот за кривична постапка мерката притвор не може (не смее) да се комбинира со другите мерки за обезбедување присуство на обвинетите. Оценето е дека овие процедурални пропусти се неприфатливи и за тоа е доставен допис до Основниот суд Скопје.
Проектот ,,ЗА ПРАВДА – заедничка акција за следење на судските реформи и застапување за нивно спроведување’’, со поддршка од Фондацијата „Отворено општество Македонија“, го спроведуваат Хелсиншкиот комитет за човекови права, Институтот за човекови права, Коалиција „Сите за правично судење“, Институтот за европска политика, Центарот за правни истражувања и анализи и Македонското здружение на млади правници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Стравична несреќа на автопатот Скопје–Куманово: Две возила целосно изгореа по судир, еден тешко повреден
Синоќа на автопатот Скопје – Куманово, пред клучката за обиколницата на главниот град, се случила тешка сообраќајна несреќа во која двете возила што се судриле целосно изгореле.
Според информациите од полицијата, судирот се случил помеѓу патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 25-годишниот А.В. од селото Бујковци, и товарно возило „мерцедес“ со полуприколка, со неготински таблички, управувано од Љ.Д. (56) од село Брест, штипско.
По ударот, двете возила се запалиле и целосно изгореле. Во несреќата, возачот на патничкото возило се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде му била укажана лекарска помош.
На местото на несреќата излегла увидна екипа.
Фото: илустрација (depositphotos)
Uncategorized
Бајден: Знаеме кои сме, време е да му го покажеме тоа на светот и на самите себе
Џо Бајден им се придружи на американските претседатели од редовите на Демократската партија во осудата на смртоносната пукотница во Минеаполис. Коментирајќи ја веста дека федералните агенти го убиле 37-годишниот медицински техничар Алекс Прети, Бајден рече дека чинот претставува „предавство на најосновните вредности на Американците“.
Во изјавата во која се повикува на уставното право на правична постапка, Бајден рече: „Ние не сме земја што пука во своите граѓани на улица. Ние не сме земја што дозволува бруталност врз граѓаните за остварување на нивните уставни права. Ние не сме земја што го гази Четвртиот амандман и толерира тероризирање на нашите соседи“.
„Луѓето од Минесота нè потсетија на сè што значи да се биде Американец, а тие веќе претрпеа премногу под оваа администрација. Насилството и теророт немаат место во САД, особено кога нивната сопствена влада ги таргетира американските граѓани“, додаде тој.
Во малку прикриена критика кон Доналд Трамп, чија администрација се соочува со растечки критики за тактиките за имиграција, Бајден истакна: „Никој не може да го уништи она за што се залага и во што верува Америка, дури ни претседателот, ако ние, целата Америка, се заложиме и проговориме“.
„Знаеме кои сме. Време е да го покажеме тоа на светот. Уште поважно, време е да го покажеме и на самите себе“, истакна тој. Тој повика на „целосни, фер и транспарентни“ истраги за „бесмислените“ убиства на Прети и Рене Гуд.
Изјавата на Бајден следува по осудите што ги упатија претходно Барак Обама и Бил Клинтон. И двајцата ги повикаа Американците да проговорат и предупредија дека основните американски вредности се нападнати по засилената репресија на администрацијата на Трамп против имиграцијата во Минеаполис.
По напуштањето на функцијата, Бајден претежно се држеше подалеку од јавноста. Тој моментално се лекува од рак на простата и е ангажиран во пишување мемоари и развивање на претседателската библиотека.
Неговите изјави доаѓаат во време кога многу демократи се незадоволни од неговата одлука да остане претседателски кандидат на партијата долго време во текот на изборниот циклус во 2024 година, потег што критичарите го оценија како ослабување на моментумот на партијата.
Бајден на крајот ѝ ја отстапи номинацијата на потпретседателката Камала Харис, која Трамп ја победи и освои втор мандат во Белата куќа.
Uncategorized
Најдено тело на четиригодишно дете кое паднало oд брод со мигранти
Крајбрежната стража на Грција вчеравечер уапси маж кој со брод се обидел да избега додека криумчарел мигранти, додека пак пред два дена, по дојава дека биле истоварени мигранти кај Икарија, властите пронашле тело на четиригодишно дете.
Патрола на крајбрежната стража го забележала бродот како се движи со голема брзина кон западниот брег на Хиос, по што започнала потера, а криумчарот отишол кон плажата Гларој каде ги „истоварил“ сите патници кои избегали.
Подоцна, Крајбрежната стража и локалната полиција подоцна пронајдоа 16 мажи, 11 жени и девет деца, по што биле однесени во прифатен центар на Хиос.

