Uncategorized
Двајца крадци ограбиле продавница, двајца таксисти и три обложувалници
Двајца крадци и разбојници на возраст од 21 и 26 години еден месец ќе бидат во притвор, затоа што во кус период извршиле повеќе кражби со заплашување со пиштол, а преплашиле и жена, која се спасила од нив откако по нејзиниот повик, соседи почнале да излегуваат на прозорците.
Кривичните дела пријавените ги извршиле во текот на 12 и 13 овој месец, како и едно кривично дело извршено на 15-ти овој месец, при што се стекнале со вкупна противправна имотна корист од 393.370 денари.
Така, првото разбојништво Ј.Џ. и Г.Т. го извршиле на 12.02 околу 17.30 часот во колонијална продавница “АРСО ДООЕЛ“ на улица „Самоилова“ каде што со закана со пиштол врз вработената Б.П. земале 13.700 денари од касата, по што излегле и се упатиле во непознат правец. Потоа истиот ден околу 21,00 часот пријавените извршиле разбојништво врз оштетениот Х.Ј. (такси возач) при што се стекнале со противправна имотна корист од 5000 денари. Имено откако на бул. „Кузман Јосифовски Питу“ (спроти Веро-центарот) се качиле во такси возилото на оштетениот, се упатиле на ул „Менделеева“. Таму првопријавениот извадил пиштол и го вперил кон оштетениот и со закана по неговиот живот му побарал пари. Иако оштетениот се спротивставил првопријавениот Ј.Џ. испукал еден куршум во воздух по што Х.Ј. им дал 5.000 денари колку што имал при себе.
Еден час подоцна, односно околу 22 часот Ј.Џ. и Г.Т. на ул. „Цветан Димов“ извршиле разбојништво врз оштетената У.М. , но не се стекнале со имотна корист. Разбојништвото во обид го извршиле на тој начин што откако ја пресретнале оштетената пред нејзината зграда, при што Ј.Џ. извадил пиштол го вперил кон оштетената, ја внеле во влезот од зградата барајќи и пари, додека Г.Т. почнал да ја претресува. Оштетената гласно се обратила со зборовите – “немојте имам мало дете“ по што почнале да излегуваат соседи од зградата, а Ј.Џ. и Г.Т. веднаш го напуштиле местото на настанот.
Потоа, истиот ден околу 22.45 часот на ул. „11 Октомври“, кај зградата на Црвениот крст на РМ пријавените извршиле разбојништво врз такси возачот А.Ч. Имено тие го стопирале такси возилото и откако се качиле (првопријавениот седнал на совозачкото седиште, а второпријавениот одзади), повторно се упатиле кон улица “Менделеева“. Ј.Џ. го извадил пиштолот и го вперил кон оштетениот барајќи пари. Откако оштетениот се побунил Ј.Џ. излегол од возилото испукал еден куршум во воздух по што такси-возачот им дал 1.500 денари. Притоа Г.Т. од оштетениот одзел и два мобилни телефони марка „самсунг“ и „алкател“ и се упатиле во непознат правец.
Наредниот ден (13.02.) околу 11 часот Ј.Џ. и Г.Т. извршиле разбојништво во обложувалницата „Златна копачка“ лоцирана“ на ул. „Никола Карев“. Имено откако влегле внатре, додека Г.Т. застанал на шалтерот за уплата, Ј.Џ. го извадил пиштолот и го вперил кон вработената Т.Д. заканувајќи и се по животот доколку не им ги предаде сите пари од касата. По ова вработената им ги предала 170.000 денари колку што имало во касата и Ј.Џ. го напуштил местото заедно со Г.Т. кој се преправал дека наводно го брка извршителот.
Вечерта, истиот ден, поточно околу 21.30 часот Ј.Џ. и Г.Т. извршиле разбојништво во спортска обложувалница на „Спорт лајф“ лоцирана на ул. „Тале Христов“. Разбојништвото го извршиле на идентичен начин како и во претходната обложувалница при што од вработениот Н.К. одзеле 54.323 денари и на идентичен начин го напуштиле местото на настанот.
И последното разбојништво Ј.Џ. и Г.Т. го извршиле три дена подоцна, поточно минатата среда (15.02.) околу 20.40 часот во спортска обложувалница „Спорт лајф“ лоцирана на ул. „Битпазарска“ во Старата чаршија, и на начин потполно идентичен на претходните две разбојништва во обложувалници. Во овој случај тие од вработениот Е.Н. успеале да одземат 120.820 денари.
Инаку, според досегашните документирани сознанија, оштетените ги препознале извршителите, а обезбедени се и ЦД-еа од безбедносните камери во објектите каде што осомничените ги извршиле кривичните дела. Одземените пари Ј.Џ. и Г.Т. ги потрошиле за свои потреби, а со наредба на судија на претходна постапка извршени се претреси во домовите на двајцата осомничени при што обезбедени се дополнителни доказни материјали (облека, пиштол марка ЕКОЛ СПЕЦИЈАЛ 9мм)./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Трагедија во Петровец: 23-годишно момче загина откако врз него паднал тежок предмет при изградба на објект
На 19.02.2026 година во 15:00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во индустриска зона на подрачјето на општина Петровец, при изведување работни задачи на објект во изградба на една фабрика, од висина паднал метален профил врз Е.А. (23) од Велес.
Од здобиените повреди тој починал на местото на настанот, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, соопшти МВР.
По насоки на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција. За настанот е известен трудов инспектор, а увид извршила увидна екипа на СВР Скопје.
Uncategorized
Објавени сите досиеја на Епстин: на листата повеќе од 300 имиња на познати личности
Главниот обвинител на САД, Пам Бонди, објави дека сите досиеја на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин се објавени и дека во овие документи се наведени повеќе од 300 имиња на познати личности.
Пам Бонди тврди дека никакви записи поврзани со истрагата за Џефри Епстин не се објавени „поради срам, повреда на угледот или политичка чувствителност“, објави „Фокс њуз“.
Во писмо од саботата таа објави дека сите досиеја на Епстин се објавени во согласност со Законот за транспарентност на документите.
Според написите „Фокс њуз“ го добиле писмото адресирано до претседателот на Комитетот за правосудство на Сенатот, Чак Грасли, републиканец од Ајова, конгресменот Дик Дарбин, демократ од Илиноис, претседателот на Комитетот за правосудство на Претставничкиот дом, Џим Џордан, републиканец од Охајо, и конгресменот Џејми Раскин, демократ од Мериленд.
Писмото, како што е неведено од медиумот, содржи список од повеќе од 300 имиња на познати личности, вклучувајќи го американскиот претседател Доналд Трамп, поранешниот претседател Барак Обама и поранешната прва дама Мишел Обама, британскиот принц Хари, основачот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс, актерот Вуди Ален, сопственикот на „Фејсбук“ Марк Закерберг, пејачот Курт Кобејн и Брус Спрингстин.
Некои од споменатите имиња имале обемен директен контакт преку е-пошта со Епстин или неговата соработничка Гислен Максвел, додека други биле споменати во дел од документот (вклучувајќи пишување во печатот) кој на прв поглед не е поврзан со прашањата за Епстин и Максвел, се наведува во писмото.
Документот наведува широк спектар на материјали, вклучувајќи информации за организации и мрежи за кои се тврди дека се поврзани со трговијата со луѓе и финансиските операции на Епстин во корпоративните, непрофитните, академските и владините сфери, како и интерни е-пораки, меморандуми и белешки од состаноците на Министерството за правда за тоа дали да се покрене обвинение, да се отфрли или да се продолжи истрагата.
Документите, исто така, вклучуваат записи поврзани со потенцијалното уништување или прикривање на релевантен материјал и документација поврзана со притворањето и смртта на Епстин, вклучувајќи извештаи за инциденти, интервјуа со сведоци и извештаи од медицински испитувач и обдукција.
Во писмото се наведува дека лицата чии имиња беа редигирани поради чувствителност не беа вклучени, се додава во писмото, додавајќи дека процесот на редигирање бил обемен, вклучувајќи консултации со жртвите и нивните адвокати.
Кембел спомената стотици пати
Името на британската манекенка Наоми Кемпбел се појавува стотици пати во документите на Министерството за правда на САД за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, а истражувањето на документите покажува дека Кемпбел побарала лет со приватниот авион на Епстин, била видена во неговата вила во Њујорк и на островот, но нејзиниот адвокат тврди дека таа не била свесна за неговите злосторства и дека никогаш не учествувала во несоодветно однесување.
Во милионите документи објавени по смртта на Епстин во 2019 година, беа прикажани е-пошта и преписка што покажуваат дека Кемпбел побарала да се сретне со Епстин во неговата вила во Њујорк и ја користела неговата мрежа за да присуствува на луксузни настани низ целиот свет, пишува Њујорк Тајмс (NYT).
Во една од е-поштата испратена до асистентката на Епстин, Кемпбел навела дека „сака да го види Џефри“, а на крајот од пораката се потпишала како „исцрпена убавица“.
Во интервјуата со федералните истражители, неименуваните жртви на Епстин рекле дека тој ги запознал со Кемпбел на друштвени настани и дека ја виделе во неговата вила и на неговиот остров.
Документите покажуваат дека моделот останал во својата околина и во контакт дури и откако Епстин беше осуден во Флорида во 2008 година за охрабрување на малолетници да се занимаваат со проституција.
Адвокатот на моделот Кемпбел, Мартин Сингер, рече дека неговата клиентка немала сознанија за „страшните кривични дела“ на Епстин сè до неговото апсење во 2019 година и дека таа немала никаков контакт со него потоа.
Uncategorized
Стравична несреќа на автопатот Скопје–Куманово: Две возила целосно изгореа по судир, еден тешко повреден
Синоќа на автопатот Скопје – Куманово, пред клучката за обиколницата на главниот град, се случила тешка сообраќајна несреќа во која двете возила што се судриле целосно изгореле.
Според информациите од полицијата, судирот се случил помеѓу патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 25-годишниот А.В. од селото Бујковци, и товарно возило „мерцедес“ со полуприколка, со неготински таблички, управувано од Љ.Д. (56) од село Брест, штипско.
По ударот, двете возила се запалиле и целосно изгореле. Во несреќата, возачот на патничкото возило се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде му била укажана лекарска помош.
На местото на несреќата излегла увидна екипа.
Фото: илустрација (depositphotos)

