Uncategorized
МТСП: Децата во градинките ќе се згрижуваат во текот на денот во согласност со потребите на родителите
Од Министерството за труд и социјална политика нагласуваат дека во одредени детски градинки се вршат анкети во кои родителите се анкетираат дали нивното дете ќе посетува прва или втора смена од 7 до 14.30 или од 14.30 до 21.30.
Тие укажуваат дека наведеното работно време се однесува само на вработените во установите што треба да ја применат одлуката за утврдување распоред на работното време во Владата на Република Македонија, министерствата и другите органи на државната управа, а не и на времето за престој на децата во детските градинки.
„Децата ќе се згрижуваат во текот на денот во согласност со потребите на родителите. Двосменското работење подразбира дека опфатот и згрижувањето на децата во јавните установи за деца ќе биде како и досега, од 5.30 часот наутро до 22 часот навечер, како и во првата сабота во месецот. Апелираме до вработените и до директорите на детските градинки да не ги манипулираат родителите и да не ги ограничуваат со стриктно временско згрижување на децата. Директорите се задолжени од страна на МТСП да ја спроведат одлуката на Владата на РМ и во согласност со неа и потребите на родителите да го организираат работењето на установата“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Нови првични резултати: Ѓорѓиевски води во Скопје, Герасимовски во Центар, во Карпош Лукровски
Според првичните резултати од вториот круг на локалните избори 2025, во Скопје води кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски со над 71.875 гласа наспрема Амар Мециновиќ од Левица со 41.522 гласови од пребројани вкупно 77,53 отсто од избирачките места.
Во повеќето општини водство има Ѓорѓиевски, освен во Карпош и Центар, каде повеќе гласови има Мециновиќ.
Во Карпош, од 62,22 отсто обработени гласови Стевчко Јакимовски има 42,56 отсто или 7.641 гласови, додека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Сотир Лукровски 47,65% или 8.555 гласови.
Во Центар од 75,15% обработени гласови, кандидатот на ЗНАМ Мирослав Лабудовиќ има 38,63% или 6.138 гласови, додека кандидатот на СДСМ, Горан Герасимовски има 52,39% или 8.325 гласови.
Uncategorized
АХВ се вклучи во одбележувањето на 16 Октомври – Светскиот ден на храната
Со мотото „Рака за рака за подобра храна и подобра иднина“, Агенцијата за храна и ветеринство (АХВ) се придружи на настанот што го организара Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации – ФАО за одбележување на 16 Октомври – Светскиот ден на храната.
Во рамките на настанот, кој во организација на ФАО се одржа во скопскиот Градски парк, а беше посветен и на одбележувањето на осумдесетгодишнината од основањето на ООН и ФАО, претставници на АХВ на граѓаните им подели едукативен материјал со совети за безбедна храна – летоци, лифлети и торбички.
ФАО во рамките на Светскиот ден на храната годинава повикува на глобална соработка за создавање мирна, одржлива, просперитетна и безбедна иднина со храна. Со заедничка работа преку владите, организациите, секторите и заедниците активно се работи на трансформирање на земјоделско-прехранбениот сектор во насока на обезбедување услови секој граѓанин да има пристап до здрава исхрана живеејќи во хармонија со планетата.
Агенцијата за храна и ветеринарство и оваа година ја поддржа кампањата на ФАО за одбележување на Светскиот ден на храната истакнувајќи го ставот дека граѓаните во државава јадат безбедна храна. АХВ како институција е дел од синџирот за контрола на безбедноста на храната во земјата од домашно производство и од увоз водејќи сметка таа редовно да се контролира во рамките на редовните и вонредните контроли и многубројните мониторинг-програми, кои се спроведуваат во АХВ, чии досегашни анализи потврдуваат дека македонските граѓани јадат безбедна храна.
Uncategorized
Турција: Нашата дипломатија го спречи доаѓањето на Нетанјаху на самитот во Египет
Турската влада соопшти дека Анкара одиграла клучна улога во спречувањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да присуствува на самитот за Газа во Египет.
„По иницијатива на претседателот Реџеп Таип Ердоган и благодарение на турските дипломатски напори, Нетанјаху нема да учествува на состанокот“, изјавил владин претставник за германската агенција „ДПА“.
Израел пак тврди дека Нетанјаху не отпатувал поради еврејскиот празник Симхат Тора, иако претходно беше најавено негово присуство.
Самитот во Шарм ел-Шеик го предводи американскиот претседател Доналд Трамп, а учествуваат најмалку 20 светски лидери.

