Uncategorized
Најмалку тројца инвеститори од Европа од утре во посета на „Фени“
Банките кредитори на „Фени“ се во преговори со најмалку тројца сериозни инвеститори заинтересирани за купување на фабриката. Од утре претставници од Комерцијална банка АД Скопје, од Стопанска банка АД Скопје и од банката „Силк роуд“, заедно со претставници на заинтересираните инвеститори, ќе прават увид во состојбите во фабрката. Хари Костов, главен извршен директор на Комерцијана банка, вели дека во интерес на преговорите во оваа фаза не може да ги соопшти имињата на заинтересирани инвеститори.
„Можам да откријам само дека се работи за инвеститори од Европа. Во преговори сме со тројца инвеститори. Во оваа бројка не е бугарски ‘Енекод’, се работи за други сериозни компании, а отворени сме за нови преговори и со ‘Енекод’ доколку покаже план за отплата на долгот, за обрт на средства и за вложувања, што ќе значи продолжување на процесот на работа во фабриката. Од сите инвеститори го бараме истото, оној што ќе има најдобра понуда, ќе ја добие фабриката“, рече директорот Костов.
Утрово имале состанок со синдикални претставници од „Фени“, на кои банките ги најавиле посетите на фабриката и побарале поддршка за процесот да оди без опструкции. Добиле уверување дека ќе им биде овозможен непречен пристап.
Директорот Костов вели дека состојбите во „Фени“ од ден на ден стануваат сè полоши. Договорот за осигурување на имотот на фабриката истекол, нов не е направен, а на истекување бил и договорот за осигурување на вработените.
„’Енекод’, кој противправно се претставува како газда на фабриката, нема инвестирано ниту еден долар во неа. Последна плата исплатена на вработените им е онаа за септември, нема најави за нова исплата. Ние немаме правна можност ниту, пак, обврска да им исплаќаме плати, тоа е обврска на директорот Кацаров, кој во исто време е директор и на бугарски ‘Енекод’. Во оваа фаза пред почнување на стечајната постапка синдикалните претставници со кои разговаравме увидоа дека секое одложување и одолжување на постапката е на штета на вработените“, рече Костов.
Според него, новото раководството на „Фени“ на секој начин се труди да ја одолжи постапката, па вели дека на следното рочиште во велешкиот суд не би го изненадило доколку директорот на „Фени“ побара изземање судии, на претседателот на судот и слично.
Костов вели дека трошоците за одржување на фабриката, кои сега ги плаќаат банките, се 250.000 евра за две недели и секое одложување само ги зголемува.
Доколку судот отвори стечајна постапка, Костов вели дека има правна можност во рок од еден месец фабриката да продолжи со работа.
„Ако некој од инвеститорите ги исполни нашите барања иако е почната постапката за стечај, има можност веднаш да ја преземе по пат на договор за нејзин закуп со стечајниот управник. На тој начин постапката за стечај може да си тече, а истовремено фабриката да почне со работа“, вели Костов.
Новото рочиште за разгледување на можноста за отворање стечај за „Фени“ е закажано за 29 ноември во Основниот суд во Велес.
Банките кредитори на „Фени“ иницираа отворање стечај поради долг кон нив од 40 милиони евра и уште 20 милиони евра кон други доверители. Првото рочиште во понеделникот минатата недела беше одложено на барање на новиот директор на фабриката, Рајчо Кацаров, кој во исто време е директор и на бугарски „Енекод“, заинтересиран да ја купи фабриката. Тој побара изземање на судот во Велес за судењето да биде во некој скопски суд оти банките биле од Скопје, но Врховниот суд му го отфрли барањето и предметот повторно го врати во судот во Велес.
Новиот инвеститор на „Фени“, освен долгот кон банките и кон кредиторите, ќе наследи и долг од 5,5 милиони евра кон Управата за јавни приходи за кој минатата недела извести новото раководство на фабриката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Трагедија во Петровец: 23-годишно момче загина откако врз него паднал тежок предмет при изградба на објект
На 19.02.2026 година во 15:00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во индустриска зона на подрачјето на општина Петровец, при изведување работни задачи на објект во изградба на една фабрика, од висина паднал метален профил врз Е.А. (23) од Велес.
Од здобиените повреди тој починал на местото на настанот, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, соопшти МВР.
По насоки на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција. За настанот е известен трудов инспектор, а увид извршила увидна екипа на СВР Скопје.
Uncategorized
Објавени сите досиеја на Епстин: на листата повеќе од 300 имиња на познати личности
Главниот обвинител на САД, Пам Бонди, објави дека сите досиеја на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин се објавени и дека во овие документи се наведени повеќе од 300 имиња на познати личности.
Пам Бонди тврди дека никакви записи поврзани со истрагата за Џефри Епстин не се објавени „поради срам, повреда на угледот или политичка чувствителност“, објави „Фокс њуз“.
Во писмо од саботата таа објави дека сите досиеја на Епстин се објавени во согласност со Законот за транспарентност на документите.
Според написите „Фокс њуз“ го добиле писмото адресирано до претседателот на Комитетот за правосудство на Сенатот, Чак Грасли, републиканец од Ајова, конгресменот Дик Дарбин, демократ од Илиноис, претседателот на Комитетот за правосудство на Претставничкиот дом, Џим Џордан, републиканец од Охајо, и конгресменот Џејми Раскин, демократ од Мериленд.
Писмото, како што е неведено од медиумот, содржи список од повеќе од 300 имиња на познати личности, вклучувајќи го американскиот претседател Доналд Трамп, поранешниот претседател Барак Обама и поранешната прва дама Мишел Обама, британскиот принц Хари, основачот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс, актерот Вуди Ален, сопственикот на „Фејсбук“ Марк Закерберг, пејачот Курт Кобејн и Брус Спрингстин.
Некои од споменатите имиња имале обемен директен контакт преку е-пошта со Епстин или неговата соработничка Гислен Максвел, додека други биле споменати во дел од документот (вклучувајќи пишување во печатот) кој на прв поглед не е поврзан со прашањата за Епстин и Максвел, се наведува во писмото.
Документот наведува широк спектар на материјали, вклучувајќи информации за организации и мрежи за кои се тврди дека се поврзани со трговијата со луѓе и финансиските операции на Епстин во корпоративните, непрофитните, академските и владините сфери, како и интерни е-пораки, меморандуми и белешки од состаноците на Министерството за правда за тоа дали да се покрене обвинение, да се отфрли или да се продолжи истрагата.
Документите, исто така, вклучуваат записи поврзани со потенцијалното уништување или прикривање на релевантен материјал и документација поврзана со притворањето и смртта на Епстин, вклучувајќи извештаи за инциденти, интервјуа со сведоци и извештаи од медицински испитувач и обдукција.
Во писмото се наведува дека лицата чии имиња беа редигирани поради чувствителност не беа вклучени, се додава во писмото, додавајќи дека процесот на редигирање бил обемен, вклучувајќи консултации со жртвите и нивните адвокати.
Кембел спомената стотици пати
Името на британската манекенка Наоми Кемпбел се појавува стотици пати во документите на Министерството за правда на САД за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, а истражувањето на документите покажува дека Кемпбел побарала лет со приватниот авион на Епстин, била видена во неговата вила во Њујорк и на островот, но нејзиниот адвокат тврди дека таа не била свесна за неговите злосторства и дека никогаш не учествувала во несоодветно однесување.
Во милионите документи објавени по смртта на Епстин во 2019 година, беа прикажани е-пошта и преписка што покажуваат дека Кемпбел побарала да се сретне со Епстин во неговата вила во Њујорк и ја користела неговата мрежа за да присуствува на луксузни настани низ целиот свет, пишува Њујорк Тајмс (NYT).
Во една од е-поштата испратена до асистентката на Епстин, Кемпбел навела дека „сака да го види Џефри“, а на крајот од пораката се потпишала како „исцрпена убавица“.
Во интервјуата со федералните истражители, неименуваните жртви на Епстин рекле дека тој ги запознал со Кемпбел на друштвени настани и дека ја виделе во неговата вила и на неговиот остров.
Документите покажуваат дека моделот останал во својата околина и во контакт дури и откако Епстин беше осуден во Флорида во 2008 година за охрабрување на малолетници да се занимаваат со проституција.
Адвокатот на моделот Кемпбел, Мартин Сингер, рече дека неговата клиентка немала сознанија за „страшните кривични дела“ на Епстин сè до неговото апсење во 2019 година и дека таа немала никаков контакт со него потоа.
Uncategorized
Стравична несреќа на автопатот Скопје–Куманово: Две возила целосно изгореа по судир, еден тешко повреден
Синоќа на автопатот Скопје – Куманово, пред клучката за обиколницата на главниот град, се случила тешка сообраќајна несреќа во која двете возила што се судриле целосно изгореле.
Според информациите од полицијата, судирот се случил помеѓу патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 25-годишниот А.В. од селото Бујковци, и товарно возило „мерцедес“ со полуприколка, со неготински таблички, управувано од Љ.Д. (56) од село Брест, штипско.
По ударот, двете возила се запалиле и целосно изгореле. Во несреќата, возачот на патничкото возило се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде му била укажана лекарска помош.
На местото на несреќата излегла увидна екипа.
Фото: илустрација (depositphotos)

