Uncategorized
Столтенберг пристигнува вечерва во Македонија, доаѓа по покана на Заев
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, доаѓа во Македонија по покана на премиерот Зоран Заев. Тој пристигнува денеска во вечерните часови, а официјалните средби со државниот врв ќе се одржат утре. Од Владата брифираат дека самата посета е позитивен знак дека Македонија е на прав пат и во неа препознаваат три важни пораки – дека останува политиката на отворени врати на НАТО, дека алијансата е заинтересирана за Балканот и дека Македонија е од стратегиски интерес и за Балканот и за НАТО.
Очекуваат потврда за досега сработеното во однос на стабилизирање на политичката ситуација во земјата, за интензивираното спроведување на реформите во согласност со планот 3-6-9, за подобрувањето на односите со соседите, но и насоки за тоа на што треба земјата да се фокусира во наредниот период на патот на евро-атлантските интеграции. Неизбежно е да се спомене и прашањето за спорот за името со Грција, како и потребата од вклученост на опозицијата во сите сегменти.
Агендата на Столтенберг започнува со средба со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, по што Столтенберг ќе ја посети резиденцијата на претседателот на државата, Ѓорге Иванов. Оттаму ќе се сретне со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, а од Министерството за одбрана брифираат дека пред генералниот секретар на НАТО ќе ги претстават реформите, како што се покачувањето на буџетот за одбраната 15 отсто од сегашниот и реформата на Владата за сукцесивно зголемување од 0,2 отсто на буџетот од 2019 за до 2024 година да стигне на 2 отсто од БДП. Од Министерството велат дека посета од овој тип се случува по една деценија.
По средбата со Шекеринска, Јенс Столтенберг ќе се сретне со собранискиот спикер Талат Џафери, по што ќе следува и официјално обраќање пред пратениците, а потоа и одвоени средби во законодавниот дом и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Во 15 часот генералниот секретар на НАТО ќе биде пречекан во Владата со највисоки државни и воени почести, по што ќе следува средба со премиерот Зоран Заев, па заедничка прес-конференција на двајцата.
Последен генерален секретар што беше во земјата е претходникот на Столтенберг, Андерс Фог Расмусен, кој дојде во Скопје во 2014 година на крајот од својот мандат.
Г.Н.Р
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Бајден: Знаеме кои сме, време е да му го покажеме тоа на светот и на самите себе
Џо Бајден им се придружи на американските претседатели од редовите на Демократската партија во осудата на смртоносната пукотница во Минеаполис. Коментирајќи ја веста дека федералните агенти го убиле 37-годишниот медицински техничар Алекс Прети, Бајден рече дека чинот претставува „предавство на најосновните вредности на Американците“.
Во изјавата во која се повикува на уставното право на правична постапка, Бајден рече: „Ние не сме земја што пука во своите граѓани на улица. Ние не сме земја што дозволува бруталност врз граѓаните за остварување на нивните уставни права. Ние не сме земја што го гази Четвртиот амандман и толерира тероризирање на нашите соседи“.
„Луѓето од Минесота нè потсетија на сè што значи да се биде Американец, а тие веќе претрпеа премногу под оваа администрација. Насилството и теророт немаат место во САД, особено кога нивната сопствена влада ги таргетира американските граѓани“, додаде тој.
Во малку прикриена критика кон Доналд Трамп, чија администрација се соочува со растечки критики за тактиките за имиграција, Бајден истакна: „Никој не може да го уништи она за што се залага и во што верува Америка, дури ни претседателот, ако ние, целата Америка, се заложиме и проговориме“.
„Знаеме кои сме. Време е да го покажеме тоа на светот. Уште поважно, време е да го покажеме и на самите себе“, истакна тој. Тој повика на „целосни, фер и транспарентни“ истраги за „бесмислените“ убиства на Прети и Рене Гуд.
Изјавата на Бајден следува по осудите што ги упатија претходно Барак Обама и Бил Клинтон. И двајцата ги повикаа Американците да проговорат и предупредија дека основните американски вредности се нападнати по засилената репресија на администрацијата на Трамп против имиграцијата во Минеаполис.
По напуштањето на функцијата, Бајден претежно се држеше подалеку од јавноста. Тој моментално се лекува од рак на простата и е ангажиран во пишување мемоари и развивање на претседателската библиотека.
Неговите изјави доаѓаат во време кога многу демократи се незадоволни од неговата одлука да остане претседателски кандидат на партијата долго време во текот на изборниот циклус во 2024 година, потег што критичарите го оценија како ослабување на моментумот на партијата.
Бајден на крајот ѝ ја отстапи номинацијата на потпретседателката Камала Харис, која Трамп ја победи и освои втор мандат во Белата куќа.
Uncategorized
Најдено тело на четиригодишно дете кое паднало oд брод со мигранти
Крајбрежната стража на Грција вчеравечер уапси маж кој со брод се обидел да избега додека криумчарел мигранти, додека пак пред два дена, по дојава дека биле истоварени мигранти кај Икарија, властите пронашле тело на четиригодишно дете.
Патрола на крајбрежната стража го забележала бродот како се движи со голема брзина кон западниот брег на Хиос, по што започнала потера, а криумчарот отишол кон плажата Гларој каде ги „истоварил“ сите патници кои избегали.
Подоцна, Крајбрежната стража и локалната полиција подоцна пронајдоа 16 мажи, 11 жени и девет деца, по што биле однесени во прифатен центар на Хиос.
Uncategorized
Возило паднало во водите на реката Радика, има загинати, во прекин сообраќајот Маврово-Дебар
Патничко моторно возило попладнево паднало во реката Радика, на локација кај Манастирот „Св. Јован Бигорски“.
„Од 18:30 часот, сообраќајот на регионалниот пат Маврово -Дебар е во прекин поради извлекување на патничко моторно возило од сообраќајната незгода со загинати лица од водите на реката Радика во близина на Манастирот св.Јован Бигорски, соопшти АМСМ.

